Секој граѓанин има право да побара промена во избирачкиот список

Ве има ли во избирачкиот список и има ли некого друг кој не би смеел да биде во него. Фото: ДИК/скриншот

Од ДИК велат дека кога граѓаните ќе дојдат во нивните канцеларии треба да пополнат една апликација и да приложат лична карта. ДИК во рок од три дена треба да одлучи по нивното барање.

 

 

Од ДИК велат дека кога граѓаните ќе дојдат во нивните канцеларии треба да пополнат една апликација и да приложат лична карта. ДИК во рок од три дена треба да одлучи по нивното барање.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Откако на 03.03.2016 година Државната изборна комисија ја промовираше новата веб-апликација за граѓанска контрола на избирачкиот список, која е достапна на официјалната страница на комисијата, се појавија низа проблеми.

Граѓаните секојдневно нотираат забелешки и неправилности во избирачкиот список,  но и се прашуваат каде и како можат да ги пријават неправилностите, или да укажат на грешки во избирачкиот список.

По тој повод и ДИК на 07.03.2016 година излезе со соопштение во кое стои:

Граѓаните, доколку при увидот утврдат дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или утврдат дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список, имаат право согласно член 48 став 2 од Изборниот законик да поднесат барање со кое треба да приложат соодветна документација. Државната изборна комисија во рок од 3 дена од приемот на барањето ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи  и ако утврди дека барањето е основано ќе донесе решение за запишување, дополнување или бришење на податоци во смисла на член 48 став 4 од Изборниот законик.

Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење на податоци во Избирачкиот список и по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување согласно член 42 став 1 од Изборниот законик. Во таа насока им овозможуваме на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и преку апликацијата објавена на веб страната на Државната изборна комисија да пријават сомнителни податоци во Избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции. Врз основа на спроведените постапки и донесените акти од страна на надлежните институции, Државната изборна комисија во најкраток можен рок ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список во согласност со усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

По ова соопштение „Вистиномер“ го провери Изборниот законик.

Во член 48 став 2 се вели:

Ако при увидот се утврди дека тој или друг граѓанин не е запишан в Избирачкиот список или се утврди дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците, до подрачното одделение на Државната изборна комисија има право да поднесе барање за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое приложува и соодветна документација.

Во став 4 од овој член, пак, стои:

Државната изборна комисија најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на барањето ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи од страна на граѓанинот и ако утврди дека барањето е основано, со решение врз основа на веродостојна документација ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, а во спротивно ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето.

Во член 42 став 1 Изборниот законик предвидува:

Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување.

Во член 2 од овој член се вели:

Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список и по барање на граѓани, а врз основа на лична карта и патна исправа.

Член 48 став 1 предвидува:

Граѓанинот може во текот на целата година да бара да изврши увид во изводот од Избирачкиот список во службените простории на подрачните одделенија на Државната изборна комисија, ДКП, односно конзуларните канцеларии како и преку Интернет.

Од ДИК велат дека кога граѓаните ќе дојдат во нивните канцеларии треба да пополнат една апликација и да приложат лична карта. ДИК во рок од три дена треба да одлучи по нивното барање.

 

ЛИНКОВИ:

Изборен законик, (Пристапено на 08.03.2016)

Веб страница на Државна изборна комисија, (Пристапено на 08.03.2016)

МЕТА, 03.03.2016, 14:10, Од денеска проверка на податоците во избирачкиот список со нова веб-апликација, (Пристапено на 08.03.2016)

Плусинфо, 07.03.2016, 20:21, ДИК: Граѓаните имаат право да бараат запишување и бришење податоци од Избирачкиот список, (Пристапено на 08.03.2016)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција