Сепак има реакција од Владата и МНР за инцидентот со македонското знаме на турнирот „Австралија Опен“

Фото: Gracchus, via Wikimedia Commons

Од партијата Левица прашуваат зошто македонското знаме е забрането за пренос на тенискиот турнир „Австралија Опен“ и зошто нема реакции од властите. Вчера изутрина од Министерството за надворешни работи, а по неколку часа и премиерот, излегоа со соопштенија поврзани со оваа тема. Според соопштението на МНР и изјавата на Ковачевски, се работи за ненамерен пропуст, односно техничка грешка што е веднаш исправена, проследено со официјално извинување од Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија

Од партијата Левица прашуваат зошто македонското знаме е забрането за пренос на тенискиот турнир „Австралија Опен“ и зошто нема реакции од властите. Вчера изутрина од Министерството за надворешни работи, а по неколку часа и премиерот, излегоа со соопштенија поврзани со оваа тема. Според соопштението на МНР и изјавата на Ковачевски, се работи за ненамерен пропуст, односно техничка грешка што е веднаш исправена, проследено со официјално извинување од Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија

 

Партијата Левица во објава на својата Фејсбук страница ја обвини власта дека немала реакција во врска со забраната македонското знаме да се снима за време на тенискиот турнир „Австралија Опен“. Имајќи ја предвид временската разлика меѓу Скопје и Мелбурн, фактот што соопштението на Левица се споделува во вечерните часови, и колку време им требаше на властите да реагираат, соопштението е недоследно:

ЗОШТО МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ Е ЗАБРАНЕТО ЗА ПРЕНОС НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН И ЗОШТО НЕМА РЕАКЦИЈА ОД НАШИТЕ ВЛАСТИ

Македонската заедница во Австралија алармираше дека Македонското знаме е забрането за пренос преку камерите на тенискиот турнир Австралија Опен, покрај знамињата на Палестина, Израел, Русија, Белорусија и Тајван кои исто така се забранети !!“

[Извор: Фејсбук статус на Левица; датум 15.01.2024]

Образложение:

За почеток еден временски приказ на настаните.

На 7 јануари, еден ден пред почетокот на тенискиот турнир, организаторите на „Австралија Опенсподелуваат соопштение каде велат дека ќе биде спречено истакнување на палестинското и израелското знаме на трибините. Една недела подоцна, на 14 јануари, новинарката Маја Талевска пишува за инцидентот со знамињата за Специјалната радиодифузна служба (SBS Australia), но го објавува текстот ден подоцна заради тоа што чека официјално објаснување од организаторите како знамето на  С. Македонија се нашло меѓу оние што се забранети. Ден подоцна, на 15 јануари, во четири часот изутрина, националистичкиот Инстаграм профил „Macedonianaustralianpride“ за првпат ја споделува сликата со листата на знамиња што не треба да се снимаат, вклучувајќи го и знамето на С. Македонија. Во текот на денот, веста почнува да се проширува на македонските портали кои ја преземаат оваа слика. Потоа, околу шест часот попладнето Левица го објавува соопштението, барајќи одговор од властите. На крај, на 16 јануари, т.е. вчера претпладне, прво Министерството за надворешни работи во соопштение, потоа и премиерот Ковачевски на прес-конференција ја адресираат ситуацијата.

Прво, заради тоа што Скопје и Мелбурн, односно Канбера, се 10 часа разлика, тешко е да се добие некаква реакција од Австралија во раните утрински часови веднаш по барањата на Левица.

Второ, во разговор со првиот министер за надворешни работи, како и поранешен претставник на државата во Обединетите нации, Денко Малески, тој објаснува дека во дипломатијата нема брзање и дека реакцијата на МНР и Ковачевски се сосема соодветни. Тоа што почекале да добијат официјален одговор од Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија и организаторите на „Австралија Опен“, е коректната одлука пред да излезат со „празни раце“ или да ги обвинат австралискиот пандан за малициозен акт.

Трето, Левица го позиционира соопштението како инцидент од подолга низа настани што се насочени кон уништување на имиџот на државата, а предизвикано од Владата:

Зарем не е доста понижувањето што го прави нашата Влада преку продавање на името, сега доживуваме цензура на меѓународно ниво во спортот, што е недозволиво!

Левица бара ИТНА РЕАКЦИЈА од надлежните на ваквата цензура!

Ваквото тенденциозно врамување на ситуацијата во отсуство на дополнителни и потврдени информации,  укажува на тоа дека идејата е да се обвинат македонските власти околу фактички пропуст на организаторите на „Австралија Опен“. Проблемот е тоа што неосновано вината се бара кај Владата, односно лидерите, наместо – колку што е во моментот познато – кај организаторите на турнирот. Односно, техничката грешка што ја признаваат и заради која тие и МНР на Австралија упатија официјално извинување.

Дополнителен спорен факт е тоа што на сликата се претставени три знамиња: официјалното знаме на РС Македонија, знамето со ѕвездата на Кутлеш, познато како и знамето на Вергина – првото знаме на нашата држава, како и истото знаме, но на плава позадина. Ниту Левица, ни порталите не зборуваа за овие знамиња. Во врска со ова Малески вели:

Видете каква конфузија ние внесуваме во светот и меѓународната политика, а преку нив и во спортот и културата со тоа што ги користиме овие знамиња.

Токму тоа е проблемот, што македонски групи од дијаспората, како и спортски „ултраши“ кои често се поврзани со политички актери во државата, неретко ги користат овие знамиња и симболи во политички цели. А, тоа придонесува да настануваат вакви грешки.

Според горенаведените факти, ова соопштение на Левица во коешто во најбрз можен рок се бара објаснување за техничка грешка и вината се атрибуира на погрешно место, за одговор за којшто треба да се контактираат институции на друг континент – во скоро најдалечните временски зони од нашата, се оценува како недоследно.

Извори:

 

Оцени: Матеј Тројачанец

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција