Сите проблеми со избирачкиот список
Дали Избирачкиот список може да се прочисти до изборите? Какви критеруми постави странскиот фактор, што велат информатичките експерти, што изјавува Изборната комисија, што пишува во Изборниот заКоник, а што мислат политичарите?
Дали Избирачкиот список може да се прочисти до изборите? Какви критеруми постави странскиот фактор, што велат информатичките експерти, што изјавува Изборната комисија, што пишува во Изборниот заКоник, а што мислат политичарите?
Пишува: Маја Васева
Жители од Пустец, фантомски гласачи во градовите низ Македонија, починати граѓани, фалсификувани лични карти и стотици илјади гласачи повеќе од државјани. Ова се аномалиите кои во рок од три месеци треба да се детектираат и да се отстранат од избирачкиот список. Најголемата опозициска партија СДСМ ја прифати предложената методологија на ДИК со што преостануваат помалку од три месеци до датумот за избори на кој власта инсистира, а кој го одобри и парламентот. Меѓународната и домашната јавност, пак, е согласна дека само со чист избирачки список ќе се овозможат фер и демократски избори на 24-ти април.
КРИТЕРИУМИТЕ НА СТРАНСКИОТ ФАКТОР
Преку амбасадорите на САД и ЕУ, меѓународната заедница постави три услови чие (не)исполнување ќе одреди дали да го поддржи определениот датум за избори. Амбасадорите побараа до 19-ти февруари да се изврши вкрстена проверка на дата базите од десет институции. Првичната проверка треба да се изврши за помалку од еден месец, а од неа да се добијат насоки како ДИК да продолжи со теренската проверка. За теренскиот дел од процесот се оставени два месеци.
За неполн месец треба да се изработи софтвер кој ќе овозможи вкрстена проверка, потоа да се изработи програма за теренска проверка, да се усвои правна регулатива за бришење на податоци, да се донесат механизми за справување со жалби, како и маркирање на податоци кои треба дополнително да се истражат.
Што се однесува до избирачкиот список, мора да биде завршена првичната вкрстена проверка на сите релевантни бази на податоци за да се формира јасна слика колку екстензивен ќе биде процесот на прочистување и теренска проверка. Мора да се усвои кредибилна програма, со доволно време и ресурси, преку која ќе бидат истражувани аномалиите утврдени со вкрстената проверка – стои во првиот од трите критериуми на странскиот фактор.
Методологијата, која ја одобрија партиите, предвидува како прва фаза споредба на податоците од сегашниот избирачки список со податоците од последните избори. Во втората фаза ќе се вршат споредбени проверки меѓу избирачкиот список и регистрите на десетте институции, додека во третата ќе се врши теренска проверка на пронајдените сомнителни податоци. Социјалдемократите, при тоа, изјавија дека постојат најмалку 100.000 адреси кои треба да бидат проверени. За овие потреби власта вети дека ќе ја снабди Државната изборна комисија со 50 возила и стручен кадар.
ДИК: ПРАВИЛНО И КРЕДИБИЛНО
Членови на ДИК, пак, најавуваат дека вкрстената проверка ќе ги даде првите резултати наредната недела. Поради тоа се поставува прашањето дали овој процес ќе биде изведен правилно и кредибилно.
Првите резултати од вкрстената проверка на податоците од базите на десет државни институции со сегашната состојба на Избирачкиот список може да се очекуваат наредната недела. Вакво појаснување даде членот на ДИК Бедредин Ибраими на вечерашната седница на Комисијата. („Телма“, 02.02.2016)
Според упатените, изработката на таков софтвер изискува далеку повеќе време од проектираното. Тоа би значело поврзување на системот на ДИК со системите во другите институции, а не физички пренос на податоците од институциите преку магнетен медиум (дискета, ЦД или УСБ). Се со цел да се заштитат личните податоци.
Не само што треба да биде кредибилна и детална, вкрстената проверка треба да отстрани секоја можност од неправилно постапување со личните податоци. Само во избирачкиот список се наоѓаат нивните имиња, матични броеви, адреси и фотографии, без да се земат предвид податоците од УЈП, од Фонд за здравствено осигурување, од Агенција за вработување, Централен регистар, од НБРМ, податоците за субвенции, за социјална помош, итн., кои целосно го откриваат идентитетот. Од овие причини софтверот за вкрстена проверка мора да има сериозна криптозаштита која ќе спречи евентуални злоупотреби.
ИНФОРМАТИЧКИ ПОГЛЕД: БАРЕМ 5 МЕСЕЦИ
Според Роберт Милески, извршен директор и основач на меѓународна ИТ фирма, кој живее во Германија, потребни се најмалку пет месеци за да се вкрстат податоци на десет регистри. Мора прво да се дефинира, вели тој, начинот на комуникација на софтверот на ДИК со серверот на секоја институција одделно и да се дефинира како тој софтвер „ќе влече“ податоци.
Софтверот подразбира изработка на комплетна програма со која би располагала ДИК. Во таков случај комуникацијата со другите институции што ги имаат базите би се одвивала преку криптирани (заштитени) канали на комуникација преку интернет и тогаш овој софтвер ќе може да се користи во секое време. Второ, тој софтвер гарантира заштита на податоците. Трето, тој систем ќе има секундарна заштита од манипулации, односно ќе може автоматски да се провери каде ДИК направила измени и дали тие измени се релевантни или не, вели Милески.
Потоа, мора да се дефинира како системот ќе регистрира промени и како друг фактор (надворешен набљудувач, на пример) ќе може да увиди кои податоци се измениле, кога се измениле и зошто се измениле.
Значи, за секоја измена мора да има „историја на промената“ со објаснување за истата и се однесува на проверка од надворешен набљудувач. После заклучувањето на измените на списокот, се врши нивна дополнителна проверка. Во таков случај, може, на пример, да се регистрира недозволено бришење од список. Тоа може да го стори посебно избрана комисија како надворешен набљудувач на работата на ДИК, препорачува тој.
Кога тоа би било комплетирано, со едноставна наредба до компјутерот може да се најдат сите евидентирани гласачи кои се водат на иста адреса. На тој начин ефикасно би се откриле сомнителните записи, како што се фантомските гласачи.
По слободна проценка, изработката на таков софтвер не би чинела повеќе од 200.000 евра, но потребни се минимум 5 месеци. Ако јас би го правел, на почетната проектна рамка би напишал 8 месеци до една година за изработка, но ако се запне се изработува почетна верзија и за 5 месеци. Теренската проверка, пак, зависи од бројот на тимови за проверка, додава Милески.
Виолета Дума, член на Државната изборна комисија предложен од СДСМ, вели дека само ДИК може да одговори на прашањето кога е подготвен теренот за избори. Таа се согласува со ставот на претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, кој на 17-ти јануари 2016 година изјави дека „избори на 24 април технички може да се спроведат, но не и темелна проверка на избирачкиот список.“ Дума посочува дека е потребен подолг период да се добие избирачки список во кој јавноста би имала доверба.
Како правник, не можам да коментирам дали е доволно времето што го имаме за да се спроведе вкрстена проверка, но сметам дека е потребно повеќе време за таа проверка да биде квалитетно спроведена. Во записниците на ОБСЕ и ОДИХР од минатите изборни циклуси наведено е дека технички ги исполнуваат условите, но технички е друго. За и овој пат технички да ги изведеме, ќе треба само МВР да ни даде CD со податоци, ние да го дадеме во статистика, статистика да ги распореди по улици и да ги дадеме на печатење изводите од избирачкиот список. Тоа е технички, ама е непроверено. Мислам дека е потребна сериозна работа ако сакаме сериозни избори и сериозен избирачки список во кој граѓаните ќе имаат доверба. Сета работа е затоа што немаме попис, затоа ни е на нас тешко. Странците не можат да сфатат, но сè им станува јасно кога ќе им кажеме дека немаме попис спроведено, вели таа.
ДИК го усвои правилниците за методологијата на 02.02.2016 и задоцни два месеци од законски предвидениот рок. Во измените на Изборниот законик донесени на 09.11.2015 година, освен што е утврден датумот за избори договорен во Пржино, утврдени се и роковите за поважните активности на Комисијата. Така, правилниците требаше да бидат усвоени до 10.12.2015 година. Ова пробивање на роковите е клучен аргумент на опозицијата која бара одложување на изборите.
МВР ИСПРАЌА ИЗВЕШТАИ ДО ДИК 4 ПАТИ ГОДИШНО
Со измените на изборниот законик се зголемуваат ингеренциите на ДИК во водењето и ажурирањето на избирачкиот список. Во членот 31 се додаваат нови одредби. Со една точка се предвидува месечно ажурирање на избирачкиот список врз основа на промените на податоците на граѓаните. Во следната точка, пак, се зголемуваат надлежностите на членовите на ДИК:
Секој член на Државната изборна комисија, заради утврдување на недоследности во податоците на Избирачкиот список и проверка на неговата веродостојност, има право да побара од Државната изборна комисија да ја овласти правната служба да изврши увид во евиденцијата на МВР за издавање на биометриски исправи, како и во базите на податоци и евиденции на граѓани на други државни органи и институции, во постапка утврдена со законски, односно подзаконски акт и во рок од 5 работни дена да добие писмено известување од истата за извршените проверки.
(Член 31, став 28-ѓ)
Законодавецот овој пат спречува повторување на случајот од претходните изборни циклуси со незаконско издавање на лични карти, така што вметнува нова одредба според која ДИК ќе има увид во документацијата:
Министерството за внатрешни работи, исто така, доставува до Државната изборна комисија четирипати годишно извештај за новоиздадените биометриски лични карти и патни исправи, основот за издадените лични карти и патни исправи, систематизирани по име и презиме и општини.
(Член 14, став 4)
„ТЕРЕНСКА ПРОВЕРКА БРИШЕТЕ“
Проблемот со чешлањето на избирачкиот список беше адресиран уште кога Собранието расправаше за измените. Дека нема доволно време за ревизија, посочуваа независните пратенички Солза Грчева и Роза Топузова-Каревска.
Кого замајувате? Избирачкиот список останува ист. Ова им го порачувам на сите граѓани во Македонија. Теренска проверка за неколку месеци? Немојте ве молам, математичар сум, инжинер сум, тоа е невозможна работа. Како ќе се тргнат оние за кои што нема сомневање дека имаат по две, три, по десет лични карти? Вкрстувањето не може исто така за толку кратко време да се направи. Теренска проверка бришете. Имаме ист избирачки список, без надеж дека ќе биде прочистен, рече Грчева.
Како што рече тогаш, Топузова-Каревска, во избирачкиот список има 200.000 повеќе гласачи отколку што реално постојат, бројка која е одлучувачка кој ќе победи на изборите.
Како ќе се прочистува Избирачкиот список? Со теренска проверка? Небулоза. Дали некој кога се внесе тоа „теренска проверка“ имаше замисла како тоа во пракса ќе изгледа. Ќе одите по домовите, ќе ги барате луѓето дали се тука? Па што ако не се тука во тој момент? Ве молам, се знае како се прочистува изборен список. Попис. Врз основа на пописот се прочистува избирачкиот список. Многу лесно и едноставно. Ниту ќе биде прочистен, ниту пак ќе имаме од тој аспект фер и демократски избори, посочи таа.
Од таму се поставува прашањето, дали критериумите кои ги поставија амбасадорите, можат да се исполнат за толку краток рок и дали се поставени невозможни услови.
Странскиот фактор ветува безрезервна поддршка во подготовката на изборите. Но и покрај тоа, дали така опсежна операција може да се спроведе за три месеци?
ЛИНКОВИ:
- Условите на амбасадорите на меѓународната заедница: http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=13ADA66699B9F64CA556349187033957 [Пристапено на 02.02.2016]
- Изјава на член на ДИК: http://telma.com.mk/vesti/dik-gi-usvoi-metodologiite-za-proverka-na-izbirachkiot-spisok [Пристапено на 02.02.2016]
- Изјава на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски: http://telma.com.mk/vesti/dik-izborniot-spisok-ne-mozhe-da-se-prechisti-do-24-april [Пристапено на 02.02.2016]
- Измени во Изборниот законик: http://www.pravdiko.mk/wp-content/uploads/2015/11/predlog_zakon_za_izmenuvanje_i_dopolnuvanje_na_izborniot_zakonik-2c_po_skratena_postapka-1.pdf [Пристапено на 02.02.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар