Сложни „владици“ во Собрание си мрсат

Седница на Собрание на РСМ. Фото: Влада на РСМ/веб

Власта и опозицијата во Собранието со здружени сили експресно протуркаа законски корекции, со кои прилично се отежнува вклучувањето на независните кандидати во изборната игра. Лутите политички противници обезбедија 84 гласа „за“ и Бадентерово мнозинство, за да ги усвојат измените на Изборниот законик, со кои се зголеми прагот за учество на независните кандидати на изборите. Во меѓувреме тие продолжија да  прават театар. Едните обвинуваат за криминал, корупција и се ставаат на браникот на „македонштината“, а другите говорат за модерен европски концепт – стандард, вредности и европскиот живот. На сите, пак, устите им се полни со демократија. И, ова не е првпат да бидат здушени и сложни кога е во прашање нивниот интерес. Собранието неодамна со големо мнозинство ги изгласа и законските измени со кои се  укина забраната за државно рекламирање на приватните телевизии

Власта и опозицијата во Собранието со здружени сили експресно протуркаа законски корекции, со кои прилично се отежнува вклучувањето на независните кандидати во изборната игра. Лутите политички противници обезбедија 84 гласа „за“ и Бадентерово мнозинство, за да ги усвојат измените на Изборниот законик со кои се зголеми прагот за учество на независните кандидати на изборите. Во меѓувреме тие продолжија да  прават театар. Едните обвинуваат за криминал, корупција и се ставаат на браникот на „македонштината“, а другите говорат за модерен европски концепт – стандард, вредности и европскиот живот. На сите, пак, устите им се полни со демократија. И, ова не е првпат да бидат здушени и сложни кога е во прашање нивниот интерес. Собранието неодамна со големо мнозинство ги изгласа и законските измени со кои се  укина забраната за државно рекламирање на приватните телевизии

 

Додека најголемите политички партии од власта и од опозицијата на јавна сцена „си ги вадеа очите“,  затскриени во Собранието и без никаква врева си скроија по нивна мерка правила за учество во изборната трка. Па како во народната: „Сложни владици и во петок мрсат“, попладнето на 7 март пратениците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците, тивко, здружено, обезбедија 84 гласа „за“ и Бадентерово мнозинство, за да ги усвојат измените на Изборниот законик. А, со нив прагот за потребните потписи за учество на независните кандидати на изборите се зголеми на еден отсто од запишаните избирачи, наместо досегашните 1.000 потписи.

Предлагачи на законските измени се  пратениците: Мартин Костовски (СДСМ), Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ) и Арбер Адеми (ДУИ). Тие на 6 март го доставиле текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, а наредниот ден – 7 март, на поднесокот се приклучил и пратеникот Атнан Незири од Алијанса за Албанците. Истиот ден Собранието  на 147 – та седница по скратена постапка, без дискусија и со огромно мнозинство, без ниту еден глас против и само двајца воздржани (Маја Морачанин од ДОМ и Бејџан Иљас од ДПТМ), ги донесе овие законски измени чија главна цел, всушност беше на претстојните двојни избори да се овозможи да се гласа со лични документи на кои важноста им истекла во перидот од девет месеци до денот на  одржување на избори (член 38).

 

Висок праг за независните кандидати

Но, во пакет со ваквата измена, на месец и пол пред парламентарните избори закажани за 24 април, се протуркаа и корекции со кои прилично се отежнува вклучувањето на независните кандидати во изборната игра.

Па така, согласно членот 17 од новите законски измени (стр.9), се коригираше членот 61 од Изборниот законик (стр33).

Во член 61 во ставот (1) бројот ‘1 000’ се заменува со ‘1 процент’

А во ставот (1)  од  членот 61 се предвидуваше со најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изборната единица да се обезбеди учество на  изборите:

Кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

Па, ако се земат официјалните податоци од ДИК за бројот на избирачи по изборни едници за последните парламентарни избори во 2020 година, според новите изборни правила во:

Изборна единица 1 со регистрирани 337.214  гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 3.372 потписи

Изборна единица 2 со регистрирани 240.850 гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 2.408 потписи

Изборна единица 3 со регистрирани 300.532 гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 3.005 потписи

Изборна единица 4 со регистрирани 294.460 гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 2.945 потписи

Изборна единица 5 со регистрирани 339.452 гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 3.395 потписи

Изборна единица 6 со регистрирани 248.641 гласачи, на независните кандидатски листи за пратеници ќе им треба најмалку 2.486 потписи

 

Независните кандидати за Скопје ќе трчаат по над 4.600 потписи 

Измените на Изборниот законик го зголемија прагот за собирање потписи и за независните кандидатски листи за градоначалници и советници.

Со членот 18 од  овие законски измени (стр.9) се коригираше и членот 62 од Изборниот закон кој сега гласи:

Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно градот Скопје.

Досегашното законско решение (член 62  – стр.33) со коe се регулира начинот на собирање на потписи при предлагање на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи, предвидуваше да се соберат:

  • во општината до 10.000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината,
  • во општината од 10.001 до 30.000 жители најмалку 150 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината,
  • во општината од 30.001 до 50.000 жители најмалку 250 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината,
  • во општината од 50.001 до 100.000 жители најмалку 350 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината,
  • во општината над 100.001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината и
  • во градот Скопје најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје

И, ако досега во зависност од вкупниот број жители во општината, независните кандидати требаше да соберат од 100 до 1.000 потписи во зависност од вкупниот број жители на општината, според новите одредби ќе треба да се соберат значително повеќе потписи. За Град Скопје на пример, каде според официјалните податоци од ДИК на последните локални избори во 2021 година биле запишани 460.137 избирачи, на независните кандидати ќе бидат потребни 4,601 потпис.

Токму заради ваквите измени реагираа група независни активисти и членови на совети кои се убедени дека:

Овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.

Оттаму нагласуваат дека ако ги земеме изборните резултати за Град Скопје произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество, отколку за добиено советничко место на избори. Притоа наведуваат и уште еден парадоксален пример – фактот што за регистрација на политичка партија се потребни 1.000 потписи.

Според независните активисти, со последните измени политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи.

На ваков начин во Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е скроен да нема никаква алтернативна опција. Иако навидум лути непријатели, партиите и од власта и од опозицијата се во совршено хармонични односи и веднаш наоѓаат заеднички јазик кога треба да го одбранат нивниот „терен“ на влијание, се вели во нивната реакција.

 

Како е во европските земји?

Граѓанските активисти укажуваат на меѓународните норми и препораки, според кои не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите. За споредба посочуваат дека во европските земји за независни кандидатури се потребни далеку помалку потписи, а некаде нема барања за потписи (Естонија и Франција).
● Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот;
● Британија – 10 потписи;
● Финска – 10 потписи или три и пет во помали општини;
● Германија – 200 потписи;
● Данска помеѓу 150 и 200;
● Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори;
● Кипар и Малта – четири потписи;
● Грција – 12 потписи;

Групата независни активисти и членови на совети низ Македонија, бара веднаш да се отстранат „апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на изборите, и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список“.

Овие измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата недела беа направени измените за блокирање на независните кандидати, се вели во реакцијата потпишана од  Независни за Карпош, За заштита на Карпош, Зелен хуман град, Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Подобро за Тетово, Поинаку од Битола, Стига е од Струмица и Стига е – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина од Босилово, Ново Село.

 

Спротивно на пепораките на ОБСЕ/ОДИХР

Во реакцијата на деветте граѓански здруженија се нагласува дека на „подмолен начин, без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво

Во работната група формирана од Министерството за правда, која подготвуваше измени на Изборниот законик во кои требаше да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР, а која паралелно работи и на предлог за целосно нов Изборен законик, не се разговарало околу зголемување на квотата за потписи за независните кандидатски листи.

Претседателот на ова тело и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Новаковски, во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека не само што тие не предложиле, туку кога се подготвувал предлогот за измени според насоките од ОБСЕ, за подигањето на прагот за потписи не се ни разговарало.

Тоа прашање и тој член никој не го отвори, ниту беше предлог на разгледување ниту беше дел од препораките на ОБСЕ, вели Новаковски.

Негов личен став е дека не е потребно зголемување на бројот на потребни потписи, пред сѐ за кандидати за локални избори.

Речиси една недела по изгласувањето на измените на Изборниот законик нема глас од четирите најголеми партии од власта и од опозицијата – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците, зошто решиле „по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, да ги изменат изборните правила на игра.

Во меѓувреме тие продолжија да  прават театар  пред публиката и да се препукуваат. Едните обвинуваат за криминал, корупција, предавство и се ставаат на браникот на македонскиот јазик и идентитет, другите говорат за модерен европски концепт – стандард, вредности и европскиот живот, а на сите устите им се полни со демократија.

Впрочем ова не е првпат да бидат здушени и сложни кога е во прашање нивниот интерес. Да не одиме подалеку, на крајот на минатиот месец  Собранието со големо мнозинство ги изгласа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се  укина забраната за државно рекламирање на централната и општинската власт на приватните телевизии. Пракса што власта предводена од СДСМ ја прекина во 2017, а со закон ја забрани во 2018 година.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција