Случајот „Пуч“ и логиката на легендите од Дивиот Запад!

Концентрацијата на списи и докази само кај Судот создава една парадоксална ситуација, Фото: Скриншот

 

Досегашното држење на судот во случајот „Пуч“ кажува дека постои подготвеност целиот материјал во однос на овој процес да не им се даде ниту на Обвинителството, ниту на одбраната. Па така, врз основа на „екслузивни материјали“, Судот ќе се најде во позиција која ја имал и славниот судија од Дивиот Запад- Рој Бин, сè да држи во свои раце и сè да зависи само од него

 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Оние кои го следат процесот од предметот „Пуч“ сигурно веќе знаат дека на 2 март дојде до ново одложување за судењето по овој предмет, овој пат за 3 мај (2016) . Во него обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потоа брачниот пар Верушевски, како и порaнешен вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски, вработен во МВР, како и Бранко Палифров вработен во општина Струмица . Обвинетиот Костовски уште во истрагата се согласи да биде сведок-соработник, нему му беше изречена и казна затвор и тој е на отслужување на казна затвор, но секако останува дел од процесот.

Да се потсетиме дека на 1 мај 2015 година „поднесено е обвинение против лидерот на опозицијата Зоран Заев. Обвинителството денеска соопшти дека „по спроведување на сеопфатна истражна постапка, разгледување и анализа на сите прибрани докази и факти во предметот „Пуч“, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен акт против осомничените“.

Првообвинетиот З.В. се терети за едно продолжено кривично дело Неовластено прислушкување и тонско снимање од чл.151 ст.4 в.в. со ст.1 а во врска со чл.23 и чл.45, Шпионажа од чл.316 ст.4 и Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в со чл.24 од Кривичниот законик.
Второобвинетиот Ѓ.Л. е обвинет за едно продолжено кривично дело Неовластено прислушкување и тонско снимање од чл.151 ст.4 в.в. со ст.1 а во врска со чл.23 и чл.45 и кривично дело Шпионажа од чл.316 ст.4 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.
Третообвинетата С.В. за кривично дело Шпионажа од чл.316 ст.4 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, додека четвртообвинетиот З.З. за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.19 од Кривичниот законик и петтообвинетиот Б.П. за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.24 од Кривичниот законик.

Одложувањето, да се вратиме на акуелноста, го побара специјалната обвинителка Катица Јанева, која инсистираше на следното рочиште да биде присутен и оштетениот, кој е и сведок (се мисли на експремиерот Никола Груевски) и воедно, потсети дека Основен суд 2 одбил да предаде копии од списите кои се водат како докази, со образложение дека тие се класифицирани. По одложувањето СЈО издаде соопштение дека Судот му прави опструкции во вршењето на работата.

Две работи останаа да „висат во воздухот“ по последното одложување. Прво, зошто никој не  ѝ дава на обвинителката да ги има сите списи кои таа нормнално треба да ги поседува во врска со овој процес? Како што, впрочем, такви списи со докази и изјави на евентуални сведоци и друго, треба да има и одбраната на обвинетите. Втората енигма е во врска со овластувањето на учесниците во процесот да поседуваат документи кои се во редот на безбедносно класифицираните.

Да потсетиме дека:

Судот ценејќи дека Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ја презело надлежноста врз конкретниот предмет, при што наведените списи и електронски докази не им биле доставени од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судот утврди дека постојат законски пречки за доставување на копии од наведените списи и електронски докази, бидејќи, во случајов се работи за докази класифицирани најнапред како државна тајна, а потоа со декласификација се набележани со напомената „службена тајна“. Од друга страна, се работи за списи и електронски докази кои се сочинати од разни државни органи кои иститите ги класифицирале како државна тајна, па судот во никој случај не би можел да издава копии или преписи на овие класифицирани докази, особено без изречна дозвола и одобрение од државните органите кои ги издале, бидејќи тоа нема да бидат веродостојни копии согласно законот и други прописи, а судот не е оригинерен издавач на истите докази и списи (види тука)

Ова, секако, може да се „раздроби“ на повеќе потпрашања и дилеми. На пример – зошто СЈО од ОЈО не ги добило сите списи кога е предаван предметот „Пуч“? Како се дошло до сознанието дека постои „кусок“ на материјали  кај Јанева и соработниците? Дали е тој кусок огромен – се споменуваат над илјада страници?! Кој  е овластен да има вакви класифицирани податоци – обвинителката Јанева го тушираше судскиот совет со некои сознанија по тој основ!

 Факт е дека СЈО смета дека постои многу од релеватните материјали за овој предмет што не е достапен за обвинителството, кое го застапува јавниот инетрес. Не ми е познато колку е точно голем тој материјал и ако дошло до тоа ама веројатно е дека ОЈО требало она што го отстапило на СЈО да го дало и на судот. Судот сега не го дава тој материјал, го нуди на Обвинителството само на увид, иако не би смеело да има проблем во таа насока. И порано се губеле цели предмети во разни судски постапки, па Обвинителството правело оверен препис или обратно!  – ни рече во разговор за Вистиномер адвокатот Филип Медарски.

Медарски додаде дека и тој, како дел од тимот за одбрана на обвинетиот Заев и другите, треба да го поседува овој материјал и дека без него судењето не е валидно.

Побарав од Судот да го добијам сето она што тој го поседува, бидејќи, без него нема да можам да бидам релеватен бранител, но и јас сум одбиен (!). Истакнав дека барам тоа да влезе во записникот – вели Медарски.

 

ПОСТАПКА ЗА УВИД ВО ПРЕДМЕТИ

 Согласно одредбите од Законот за кривична простапка, на обвинетиот и на лице кое има оправдан интерес да изврши увид во предмети по кои постапува Основниот суд Скопје 1 Скопје, може да му се дозволи да изврши увид во предметот. Постапката за увид се спроведува по писмено барање кое се поднесува во приемното одделение на судот, за кое одлучува судијата кој постапува по предметот доколку постапката по истиот е во тек, а во случај кога предметот е архивиран по барањето одлучува претседателот на судот. За текот на постапката по барањето, поднесителот може да се информира кај службеникот кој постапува по предметот, односно на соодветен шалтер во судот. По однесувањето на одлуката по однос на барањето за увид , доколку истата е позитивна, на поднесителот ќе мѕ биде овозможен увид во списите по бараниот предмет, а по претходна најава кај службеникот на соодветниот шалтер 

Како што се гледа и од цитираниот Правилник на Судот, увидот се дава во корист на обвинетиот, ама не се предвидува и за Обвинителството. Адвокатите велат, а тоа го потврдува и Медарски дека условот во писарницата е никаков – во мала просторија, каде имате чувар кој си врши свои работи, често дури и слуша музика, треба еден куп луѓе да го бараат вистинскиот документ. Смеат да запишуваат, ама не и да копираат и слично, и сето тоа во траење од час или два.

Баравме одложување, затоа што имаме тимска одлука дека цела недела бараме од судот простор цел тим да ги анализира доказите во Пуч и потоа ќе одлучиме како ќе настапуваме и кон обвинител ќе го застапува случајот. Во однос на доказите не ни дозволуваат да ги земеме, доаѓаме тука да ги погледнеме во Кривичниот суд, сметаме дека тоа е нова пракса на судот, бидејќи порано ни ги доставувале предметите во нашите матични обвинителства. Тие докази јавното обвинителство ги достави до судот и логично е тие докази согласно новиот Закон за кривична постапка треба да бидат кај нас. Затоа наше барање е доказите да ни ги достават, но бидејќи судот тоа не ни го дозволува ние го почитуваме судот и ќе дојдеме тука на увид, рече Јанева во текот на февруари кога започна со вршење на увид.

Следното прашање поврзано со овој процес е прашњето на допирот на странките со акти кои се класифицирани како доверливи. Ова, имено, е битно бидејќи судијата во овој предмет така го правда оневозможувањето на допирот на странките со сите акти од „Пуч“!?

Ако е нешто класифицирано како доверливо, а вие немате серттификат за тоа не можете да дојдете до таков документ ниту со увид, вели Медарски, иако лично поседува таков сертификат, не добива списи.

Според сознанијата на Медарски, тоа го имаат и сите соработници на Јанева и таа лично. Додека, пак, тој поседува информации дека Судскиот совет – кој ги држи списиите „за себе“ – нема таков сертификат! Го немаат и судиите-поротници, се разбира. Тоа го кажа и обвинителката Јанева на излез од судницата на 2 март годинава.

Инаку, овој предмет е одложуван осум пати, два пати по барање на Јанева, која доби обемен и некомплетен предмет.

За делата што произлегуваат од снимките, Катица Јанева и нејзиниот тим имаат одврзани раце за нивните истражни функции, односно да учествуваат во судски постапки, да поднесуваат жалби, да имаат преглед на сите достапни документирани докази од кој било извор, како и да добиваат безбедносни ослободувања за преглед на доверливи информации и на тие што не се достапни за јавностаго цитира Законот, „Нова Македонија“ .

Концентрацијата на списи и докази само кај Судот, секако, создава и една парадоксална ситуација. Постапката натаму ќе биде како во судниците на славниот Тексашанец од легендите за Дивиот Запад – Рој Бин! Тој бил сè – и адвокат и обвинител и судија и извршител на казната. Освен последново, со исклучок на ролјата на апсанџијата, тука многу асоцијации имаме токму на разбивањето на функцијата на обвинителството (кое може, да не заборавиме и да повлече некој доказ ако сака, од оние кои ги има само Судот, односно да повика некој сведок и слично, или да испраша присутен сведок за кого не ги знае сите факти…), како и да се подготви успешна и ефикасна одбрана, која вака, без сите материјали е просто „осакатена“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција