„Смрди“ кога стратешки инвестиции од 800 милиони евра се носат по скратена постапка

Дел од когенеративна централа претставена на сајтот на Митилинеос

Јавноста се најде затечена од расправата што се води деновиве за законите за четири стратешки инвестиции во енергетиката во вредност од околу 800 милиони евра не по нејзина вина, туку по вина на Владата. Намерите за инвестициите се искажани од страна на Владата уште во 2021 и во 2022 г. и тие намери биле реализирани преку јавен повик и одлуки за доделување статус стратешки инвеститор. Но, помина втората половина од 2022 г., помина цела и цела 2023 г. без никаква јавна најава или активност по однос на овие инвестиции, за да на крајот од јануари 2024 г., Владата на Ковачевски во последните денови ги достави во Собрание со барање да бидат усвоени по скратена постапка. Само овој факт е доволен за сомнеж околу намерите на предлагачот, па дури и на договорите и на соодветните закони да не им недостасува ниту едно „влакно“

Јавноста се најде затечена од расправата што се води деновиве за законите за четири стратешки инвестиции во енергетиката во вредност од околу 800 милиони евра не по нејзина вина, туку по вина на Владата. Намерите за инвестициите се искажани од страна на Владата уште во 2021 и во 2022 г. и тие намери биле реализирани преку јавен повик и одлуки за доделување статус стратешки инвеститор. Но, помина втората половина од 2022 г., помина цела и цела 2023 г. без никаква јавна најава или активност по однос на овие инвестиции, за да на крајот од јануари 2024 г., Владата на Ковачевски во последните денови ги достави во Собрание со барање да бидат усвоени по скратена постапка. Само овој факт е доволен за сомнеж околу намерите на предлагачот, па дури и на договорите и на соодветните закони да не им недостасува ниту едно „влакно“

Пишува: Теофил Блажевски

 

Анализирајќи само една од четирите странски стратешки инвестиции во енергетиката во вредност од околу 800 милиони евра може да се дојде до заклучок дека неколку елементи се најблаго речено чудни и досега немаат одговор од надлежните институции, т.е. Владата како предлагач до Собранието, кое треба да ги одобри договорите преку соодветни посебни закони за секоја од нив.

Прво, одлуката за една од најголемите инвестиции од овие четири за изградба на когенеративна централа во Скопје од страна на грчки Митилинеос, е донесена неколку години пред да биде поднесен законот во Собранието, дури и една година пред да биде отворен јавниот повик, а сега на крајот од мандатот само се формализира и второ, инвестицијата од моментот на формалното одобрување од Владата поскапела дури 80 милиони евра.

Но, јавноста беше пошироко известена дури кога минатата недела вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, најави дека предлог-законите се влезени во Собрание и дека на 07.02. ќе се расправало за нив. Со предлог законите (од 28 до 31 точка), се доставени и Прилози, во кои се наоѓаат договорите што треба да ги потпишат претставници од Владата откако законите ќе поминат, а тука може да се видат како примери материјалите за Митилинеос и за Сончевата електрана во Пехчево.

Деновите после изјавата на Битиќи почнаа да следат првите реакции, пред сè, од членови на Здружението на инженери, кои беа прилично гласни и за штетноста на договорот што пропадна за изградба на ХЕЦ Чебрен од страна на грчката државна компанија ППЦ-Архиродон мепосредно пред крајот на 2023 г.. Бидејќи во ова здружение членуваат активни и пензионирани професори од универзитети во земјата нивниот глас има тежина на експертски глас и е доста специфичен во јавната расправа, т.е. не смее да се игнорира, туку треба да се провери, а меѓу нив, професор Дејан Трајковски од Технолошкиот факултет од Битола беше и најконкретен со анализа на договорот за когенеративната централа, вклучувајќи ги и цените не енергијата.

 

Клучните прашања и сомнежи се многу

Меѓу повеќето сомнежи што овие експерти ги наметнаа во јавноста се и клучните: дали навистина цената на чинење на инвестицијата на „Митилинеос“ е реална или сумата од 290 милиони евра е пренапумпана, дали договорот е штетен со самиот факт што земјата е обврзана 20 години да ја откупува електричната и топлинската енергија или, пак, нарачателот – владата – успеала да вгради поволни равенки и формули со кои производната и продажната цена ќе била поевтина од берзанската, дали количеството електрична (1.150 GWh годишно) и топлинска енергија (270 GW) се толку големи, особено топлинската, што нема апсорциона моќ да се преземе, а мора да се плати, дали навистина земјата нема пари сама да ја гради зашто потрошила 400 милиони евра на субвенции за ел. енергија на граѓаните (Ф. Битиќи) или, пак, не сака да обезбеди пари сама да ги гради ваквите и друг тип централи од сосема други причини кои не се појаснуваат, дали земјиштето што  му се дава на Митилинеос ќе може да си го откупи, дали е добро или лошо што за сите спорни моменти државата се откажува од домашните судови и се согласува на арбитражен суд во странство, при што се обврзува и да ја прифати одлуката на арбитражниот суд, дали е точно дека тоа што земјата се обврзала да му помогне на Митилинеос со 50 милиони евра практично е во зијан или,пак, е точно дека таа сума и повеќе ја добиваат и други странски инвеститори во земјата, дали е точно дека за 30 години само профитот ќе бил над една милијарда евра, а дека кредитот за изградба ќе се отплаќал од прескапата енергија што ќе ја продава Митилинеос на ЕСМ, кое задолжително мора да ја купи му требала или не, дали е точно дека топлинската енергија се очекувало да поевтини до 40 отсто токму поради цените по кои ќе ја продава Митилинеос или, пак, станува збор за спинувано тврдење на Владата, бидејќи и сега на берзите гасот бил многу поевтин од онаа цена што ја признава РКЕ, итн, итн…

Постојат уште многу други прашања и дилеми кои од една страна ѝ ги наметнуваат на јавноста и ги тврдат експертите, а од друга страна, од Владата имаме вербално демантирање на повеќето тврдења и сосема обратни тврдења.

Едно од тврдењата на Владата, кое мириса на спин, е, на пример, и тоа на вицепремиерот Битиќи дека државата нема сопствени пари оти изминатите две години истрошила 400 милиони евра за субвенции за сметките на граѓаните. Од друга страна, пак, со сите економски параметри и со кредитниот рејтинг што го има земјата, јасно е дека може без проблем да обезбеди нешто над 200 милиони евра поволен заем за сама да ја изгради централата преку државното ЕСМ. Сепак, станува збор за комерцијален проект кој ќе има сопствени приходи и кој заради тоа е кредитоспособен и тоа особено со гаранции од државата.

Друго тврдење, кое може да го одговорат само експерти е дали е добар пристапот цената на произведената енергија Митилинеос да ја базира 20 години врз цената на природниот гас на берзата во Холандија, кој завчера, на пример, изнесувал само 28 евра по метар кубен. Овој аргумент како клучен за тоа дека цената и на електричната и на топлинската енергија ќе биде поевтина од берзанската на Хупекс на пример, го нуди еден од главните советници на владата и на екс премиерот Димитар Ковачевски, Виктор Андонов.

проф. К. Димитров и В. Андонов. Фото: скриншот

Но, првата помисла за оние што подолго паметат е формулата по која Хеленик Петролеум преку ОКТА можеше да ја одредува цената на горивата во МКД се до 2019 година, т.е. за референтна цена се земаше цената на нафтата од типот брент на светските берзи (најскапа зашто е најквалитетна), иако уште од почетокот на договорот по 2000 година се знаеше дека Хеленик често користи евтина руска сурова нафта за преработка на своите деривати, бензините и дизелот. Притоа, не е одвишно да се напомене дека дури и Андонов во дебатна емисија потврди дека Митилинеос својата енергија ќе ја произведува од руски гас, затоа што компанијата имала 10-годишен ексклузивен договор за увоз на гас од Газпром. Сето ова може да се погледне во неодамнешната дебата на емисијата Отворено на Телевизијата 24 Вести, на која Андонов тврдеше дека од Здружението на инженери ширеле дезинформации.

 

Најавите за Митилинеос дојдоа уште во 2019 година

Пребарувајќи по интернет може да се наиде на извонредно богата архива во која се наоѓа и бекграундот на етаблирањето на Митилинеос во Скопје како стратешки инвеститор.

Медиумите во октомври 2022 ја објавуваат веста посветена на одлуката на Владата за прогласување на Митилинеос за стратешки инвеститор, при што,зачудувачки, некои бројки не се соодветни на денешните.

Вредноста на инвестицијата се предвидува да биде 211 милиони евра и според предвиденото, се состои од постројка за електрична енергија (со моќност 90-105 мегавати) и топлинска енергија (со моќност од 135-150 мегавати). Годишното производство на електрична енергија се очекува да изнесува околу 1150 гигавати и околу 275 гигавати топлинска енергија, коишто се очекува да бидат испорачани во соодветните енергетски системи – МЕПСО и системот за пренос на топлина на Град Скопје“, соопштија од тогашната 89 седница на Владата.

Како тогашните 211 милиони евра порасна до 290, кога моќноста и произведените количества се истите како и оние за кои божем сега ќе расправаат пратениците, засега не е познато?

До оваа одлука е дојдено формално во октомври 2022 година. Но, одлуката да биде Митилинеос, неформално, се чини, е договорена или разгледана уште во 2019 година при тогашната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас со голема делегација и на грчки бизнисмени на Скопје. Најавувајќи ја посетата, тогашниот премиер Зоран Заев, кој со Ципрас го потпишаа договорот од Нивице во 2018 година, за Франс Прес споменува дека во Скопје доаѓаат грчки компании, чии приходи се во милијарди евра и притоа експлицитно ги издвојува Мотор Оил и Митилинеос. Посетата е реализирана на почетокот на април 2019 година, а во Скопје присуствувале над 120 грчки претприемачи.

Заев и Ципрас во Скопје 2019 г. Фото: Влада на РСМ/веб

На Форумот учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји. Грчкиот премиер го придружува делегација со над 140 директори и претставници од над сто мали и средни претпријатија, кои ќе земат учество на Бизнис форумот, меѓу кои се „Митилинеос груп“, „Интраком“, „Мотор оил“, „Прометеус гас“, „ГЕК Терна“, „Хеленик Петролеум“, „Актор“, „Апитивита“, ППЦ, ДЕСФА, ТИТАН, „Виохалко“, „Сиденор СА“, „Алфа дигитал“, „Алумил СА“, „Маламатинас & Сон СА“, „Охонос Снак СА“, пишува РСА, во текстот за посетата на Ципрас и бизнис формуот што се одржал за време на посетата.

Двајцата лидери најавија соработка во енергетскиот сектор, инфраструктура, транспорт и зголемување на трговска размена, пишува РСЕ.

Во септември истата година во Њујорк Заев за прв пат се среќава со новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис, следниот септември (2020), се среќава со Мицотакис на бизнис конференција во Атина, а во март 2021 г, веќе и конкретно ја најавува инвестицијата на Митилинеос:

„Не застануваме тука. Имаме нови шест инвестиции во енергетиката, меѓу кои и Митилинеос со намера да гради гасна централа во земјата“, вели Заев во интервју за Слободен Печат, пренесува Струја.мк.

Заев и Мицотакис, Атина 2021 г. Фото: Влада на РСМ/веб

На почетокот на мај 2021 Заев има работна средба со Мицотакис во Атина каде присуствува на Делфи Форумот, а според специјализиран медиум за енергетика, тој и тогаш ја најавил инвестицијата со Митилинеос. Една недела подоцна Митилинеос повнимателно соопштува дека „размислува за инвестиции во гасни централи во Бугарија и во С. Македонија“.

На почетокот на 2022 година Владата распишува повик за стратешки инвеститор, во мај Митилинеос регистрира фирма ќерка во Скопје, а на 26 мај доставува Барање да биде стратешки инвеститор, при што на 10 октомври е донесена и одлука за тоа. Сето ова може да се види и од медиумите и од Одлуката на Владата. Она што не може да се види е кој се друг се јавил на повикот и која комисија и кога одлучувала за победникот.

 

Зошто по скратена постапка – никој не појаснува

Јавноста се најде затечена од расправата што се води деновиве за законите за четири стратешки инвестиции во енергетиката во вредност од околу 800 милиони евра не по нејзина вина, туку по вина на Владата. Може да се види и од другите одлуки за стратешки инвеститори во енергетиката, дека намерите, јавните повици, одлуките на влада, сето тоа е завршено во 2021 г. и до октомври 2022 година. Но, помина втората половина од 2022 г., помина цела и цела 2023 г. без никаква јавна најава или активност по однос на овие инвестиции, за да на крајот од јануари 2024 г., Владата на Ковачевски во последните денови од својот мандат ги достави во Собрание со барање да бидат усвоени по скратена постапка. Само овој факт е доволен за сомнеж околу намерите на предлагачот, па дури и на договорите и на соодветните закони да не им недостасува ниту едно „влакно“.

Освен што Владата досега беше повеќе пати критикувана и од ЕУ за пречестата употреба на скратена, итна и постапка со европско знаменце дури и кога не станува збор за европско законодавство, во овој случај има и многу реална потреба постапката да биде редовна. Имено, секој од законите, посебно секој од договорите за овие стратешки инвестиции се обемни, со многу стручна терминологија, а сомнежите и дилемите во јавноста се големи. Инсистирањето на „скратена постапка“, е, всушност, најголемиот сомнеж што може да се фрли врз јавноста, зашто личи на затскривање на евентуалната одговорност врз грбот на послушните пратеници, кои, да потсетиме, не можат да бидат кривично гонети за своите одлуки во Собранието. Скратената постапка за олку големи суми во клучни објекти во енергетската инфраструктура секогаш „замирисува“ на корупција.

***

П.С.

Најновите вести од пресот на Крешник Бектеши на 09.02., откако овој текст беше готов, потврдуваат дека нешто навистина „смрди“ во оваа инвестиција на Митилинеос

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција