Снимките сведочат дека Мукоски и Василевски ги симнуваат блокадите на собраниските порти

Крсто Мукоски (лево) Сашо Василевски (десно) Фото: Принтскрин www.sobranie.mk

Снимките од собраниските камери сведочат дека на 27 април 2017 година демонстрантите, всушност, не упаднале во парламентот туку слободно влегле, а клучна улога за тоа одиграле пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги отстраниле металните блокатори на главниот собраниски влез

 

Снимките од собраниските камери сведочат дека на 27 април 2017 година демонстрантите, всушност,  не упаднале во парламентот  туку слободно влегле, а клучна улога за тоа одиграле пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги отстраниле металните блокатори на главниот собраниски влез

 

Откако телевизиите „Телма“ и „Алсат – М“ објавија снимки од безбедносните камиери на Собранието на кои се гледа дека седуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ  биле пристутни во собранискиот хол – некои го координирале упадот, а некои директно помогнале демонстрантите да влезат во Парламентот (27.04.2017 г.), пратениците Крсто Мукоски и Сашо Всилевски, ги дадоа следниве изјави:

Грешка сте. Значи не отварам врати… Јас не отварам врати. Значи, ако има за тоа истрага ќе се докаже вистината… Крсто Мукоски не отварал врати на демонстрантите, толку имам да изјавам завршен цитат! (Мукоски – 1.00.55 – 1.01.38 минута од видеото)

Значи не можам да дадам коментар, по телефон никако. Не сум гледал ништо, не знам ништо, за ништо не сум запознат да ви кажам пртаво. Не сум координирал, не сум работел ни против народ ни против држава! (Василевски – од 1.01.40 до 1.02.07 минута од видеото)

Запрашан каде бил  пред да влезат демонстрантите, Василевски вели:

Во Собранието на Република Македонија на моето работно место. Значи толку можам да ви кажам, мислам доволно е.

[Извори: Телма (Топ тема на ваша страна)  (1.00.55 – 1.01.38 минута од видеото)  (од 1.01.40 до 1.02.07 минута од видеото), Датум: 22.05.2017;  Дојче Веле (23.05.2017)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овие изјави на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Всилевски, дадени за емисијата „Топ Тема на ваша страна“ на ТВ „Телма“, во кои негираат дека ги отвориле вратите и овозможиле толпата да упадне во Парламентот, се невистинити.

Пратеникот Мукоски, инаку,  наредниот ден (23.05.2017)  и во изјава за „Дојче Веле“  демантираше дека тој ги отворил собраниските порти:

Јас не сум ја отворил вратата на парламентот. Точно е дека бев во ходникот: Дали е тоа забрането? Јас имам право да се движам слободно насекаде низ Собранието. Ја видов снимката и не гледам од каде е изведен заклучок дека јас сум ја отворил вратата. Сè е шпекулација. Истрагата ќе покаже кој го сторил тоа. 

Но, наспроти тоа што Мукоски и Василевски тврдат дека немаат поврзаност со  насилниот инцидент, снимките кои ги објавија Телма и Алсат – М („360 степени“) сведочат дека токму овие двајца пратеници ги отстрануваат металните блокатори на влезните врати во Парламентот и овозможуваат толпата да влезе во објектот.

На видеото кое беше објавено на Алсат-М, убаво е прикажано што прават Мукоски и Василевски пред главниот собраниски влез и каква е нивната улога  во „крвавиот  четврток“. Во 1,24 минута од видеото се гледа како во фоајето втрчува Василевски и се упатува кон  средната од трите врати на главниот влез, а потоа може да се види и како го симнува блокаторот од средната врата (1,59 минута од видеото). На 2,29 минута од видеото се гледа како  пратеникот Мукоски го симнува блокаторот од десната врата, по што собраниската врата се отвора и толпата влегува.

Така што, изјавите на Мукоски и Василевски делуваат неуверливо, а нивната флека за настаните што следеа таа вечер не може да ја „испере“ ниту париското соопштение (1.03.35 до 1.04. 46  минута од видеото) во кое ВМРО-ДПМНЕ демантира дека пратеници биле инволвирани во физичкото насилство кое се случуваше во зградата на Собранието и дека со каква било намера го помагале истото.

Станува збор на збир на конструкции и манипулации кои имаат за цел да ѝ нанесат штета на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на сите оние кои во изминатиот период се спротивставуваа на антидржавната агенда на СДС и реализирањето на Тиранската платформа.

Но, за жал снимките го говорат токму спротивното, дека без логистистичката поддршка на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаше да се случи инцидент од такви размери. Односно, многу  е веројатно дека доколку портите не беа отворени однатре демонстрантите немаше да ни влезат во Собранието.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција