Спиновите околу пописот укажуваат на силна заложба тој да пропадне

Пописот што претстои одново е обвиен со дезинформации во јавноста, што преку „народните групи“ на социјалните мрежи, што преку политички партии. Заедничка нишка, што може да се издвои, е крајната цел – делегитимација на владата предводена од СДСМ и ДУИ преку настојување пописот да биде неуспешен, а не самиот попис. На тој начин, пописот е само корисна алатка во таа борба со која, во суштина, политичките интереси, а оние не државата и граѓаните се ставени на пиедесталот на приоритетите

Пописот што претстои одново е обвиен со дезинформации во јавноста, што преку „народните групи“ на социјалните мрежи, што преку политички партии. Заедничка нишка, што може да се издвои, е крајната цел – делегитимација на владата предводена од СДСМ и ДУИ преку настојување пописот да биде неуспешен, а не самиот попис. На тој начин, пописот е само корисна алатка во таа борба со која, во суштина, политичките интереси, а оние не државата и граѓаните се ставени на пиедесталот на приоритетите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Како се ближи времето за започнување на пописот, 5-ти септември, така се множат и спиновите околу истиот, со што јавноста се дезинформира и се окуражува да го бојкотира, со што Северна Македонија, како краен резултат би се вброила во мала група земји кои немаат капацитет да спроведат покрупна статистичка операција. Заедничкото на овие спинови е дека пописот не треба да се одржи, бидејќи резултатите ќе бидат лажни и оттаму политичките структури не требало и не смеат да ги прифатат.

Иако, навидум, постои крупна разлика и „војна“ помеѓу самата опозиција (на пр. Левица и ВМРО-ДПМНЕ), како и разлика помеѓу партиите што ги презентираат интересите на Албанците (ДУИ и другите партии кои лицитираат со „прифатливата“ бројка на Албанци во државата), факт е дека суштинската разлика ќе се види на самиот крај, по завршување на броењето и соопштување на резултатите: кои политички субјекти ќе се изјаснат за неприфаќање и поништување на резултатите од пописот. Под услов тој да се спроведе без посериозен бојкот.

Странично, како украс на спиновите што веќе подолго се во оптек, се појави и напад врз 50-тина невладини организации кои во 2015 година изразиле јавно несогласување и недоверба кон тогашната иницијатива на тогашниот премиер Никола Груевски да набави софтвер и во 2016 година повторно да се обиде да спроведе попис, кој што пропадна во 2011 година, но овој пат електронски.

Овој напад врз дел од граѓанското општество, во ист ден и ист час се појави најпрво на Фејсбук групата „НеОтворамВрата“, а потоа, со 30 минути задоцнување и на официјалниот профил на пратеникот Димитар Апасиев, лидер на партијата „Левица“. Бидејќи ова се случува и со други објави на групата што се реобјавени во приближно исто време и на официјалниот профил на Апасиев, тоа укажува дека ставовите на „НеОтворамВрата“ се поддржани од политичката партија.

Нејсе, секој има право на став и слободно да го изнесе тој став, но и секој што смета дека тој став е спинуван има право во јавноста да го соопшти истото.

 

Премолчени причините за рекацијата на НВО-ата

А, спинот гласи дека 46 невладини организации што во 2015 година со јавна реакција застанале против намерата за попис на Груевски, денес, „иако се најавува попис со чудна никаде непрактикувана методологија и во ковид пандемиски околности со рекорден број починати, ги нема да дадат ‘експертско’ мислење“.

Тука има два спина. Спинот број еден е во несоопштување на причините што биле наведени за реакцијата во 2015 година. Накратко (подолгото образложение можете да го прочитате тука), во 2015 година, кога Груевски ја обнародува оваа намера, тој е веќе јавно делегитимиран поради аферата со прислушуваните разговори, земјата е во политички многу турбулентна состојба, постои Пржинскиот договор, со кој ќе се спроведуваат нови избори и истрага за злоупотребите на електронските комуникации на граѓаните и политичарите, итн. Во јавната реакција на граѓанските организации, нелегитимноста на Владата на Груевски во тој период, како и несоопштените причини зошто пописот од 2011 година беше прекинат во тек на спроведувањето, се главните причини за тогашното спротивставување на нова пописна операција.

 

За „чудната методологија“ и „ковид околностите“

Но, во спинот на новиве „бојкотирачи“ на пописот, сето ова е премолчено, а како „ддв“ се додаваат два нови спина – „попис со чудна никаде непрактикувана методологија“ и попис „во ковид пандемиски околности со рекорден број починати“.

Притоа, не се соопштува дека „чудната и никаде практикувана методологија“ е методологија која заедно со законот се признати од Евростат како прописи во согласност со европското законодавство, при што тука се мисли на основниот проблем – резиденти и нерезиденти и кој треба да биде попишан.

И следниот спин, „ковид пандемиски околности со рекорден број починати“, е препознатлив од неколку апсекти. Попишувањето ќе се одвива со протоколи од кои број еден е задолжително носење заштитна маска, незадржување непотребно во домот на граѓаните што се попишуваат, попис на отворено таму каде што има услови…Впрочем, во право се сите оние кои наведуваат дека влегување во продавница/мол и задржување таму повеќе од 15-тина минути е настан со поголем ризик отколку разговор со едно лице/попишувачот, кое би се држело стриктно до заштитните мерки. Впрочем, пописот по барање на најголемата опозициска партија веќе беше одложен за во септември годинава, а ковид состојбата е за мала нијанса подобра од одложувањето договорено на крајот од март 2021 година.

Иако може да се проблематизираат специфични решенија во Законот за попис или во методологијата, може да се проблематизираат и патувањата на Бујар Османи и Артан Груби од Косово до Швајцарија, а поврзано демек со помош и апели за попишување на албанската дијаспора која потекнува од РСМ, се чини дека основната причина не е самиот попис, туку да се проблематизира легитимитет на владата на СДСМ и на ДУИ да го спроведе пописот.

Групите и политичарите и партиите што ги претставуваат, не кријат дека овој попис не го сметаат за статистичка, туку за „етно-политичка“ операција. Една електронска публикација, „Антропол“, која во јавно деларираните цели го става поединецот на прво место, на 26-ти август информираше за активација на „народната група“ „НеОтворамВрата“, оценувајќи во текстот дека станувало збор за „етно-политичка операција“.

Без оглед што и на страниците на оваа публикација и на фан пејџот на групата се истакнуваат крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ, факт е дека само ден порано, на 25-ти, од опозициската партијата исто така беше проблематизиран пописот, барајќи во „пет до дванесет“ тој да биде спроведуван електронски, одново спинувајќи за причините.

Овие „коинциденции“ можат да упатат на заклучок дека „разликите“ можеби и не постојат, туку станува збор за повеќе појавни лица на еден или повеќе центри, кои размислуваат дека евентуалниот неуспех на пописот на населението ќе биде само уште една крупна „црна дамка“ што ќе и биде припишана на актуелната власт, со цел нејзино побрзо политичко делегитимирање.

За интересите на државата и граѓаните, се разбира тука нема место.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција