„Спутник“ ги плаши Бугарите дека Македонија има територијални претензии
Новинската агенција „Спутник“ (Србија) вчера излезе со спектакуларен наслов: „Бугарски политичар: Прашање на денови е кога Македонија ќе побара дел од Бугарија“ (Bugarski političar: Pitanje dana kada će Makedonija da zatraži deo Bugarske). Самата насловна конструкција испраќа порака дека Македонија има територијални претензии кон Бугарија, што е навистина смешно. Тоа едноставно нема никаква допирна точка со вистината и со македонската политика за градење и негување на добрососедските односи.
И не само насловот, туку текстот во целина е тенденциозен и ја држи таа линија дека Македонците се опасни и Бугарите треба да се плашат од „апетитите“ на нивниот помал сосед!
Интересно е што оваа приказна е градена исклучиво врз основа на изјавата на еден маргинален бугарски политичар Румен Пектов, лидерот на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), чие влијание во политичкиот и воопшто во јавниот живот во Бугарија е никакво.
Несомнено тоа ѝ е познато и на српската експозитура на агенцијата „Спутник“, ама веројатно, сакајќи да креира случај онаму каде што го нема, намерно ѝ се дава посебна специфична тежина на изјавата на Петков.
Освен „Спутник“, закана од Македонија кон Бугарија видоа уште десетина други српски медиуми, но и од Република Српска, Босна и Херцеговина, кои се налепија на заговорничкото сценарио на Петков и ја пласираа ваквата дезинформација. Со речиси идентични сензационалистички наслови како оној на „Спутник“, меѓу другите, излегоа „Б92“, „Танјуг“, „Дневник“ , „Информер“, „Србија данас“…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар