„Спутник“ на Заев му подметна оставка, додека тој води консултации со европските лидери

 

Српското издание на порталот „Спутник“ денеска во 15.58 часот објави дека премиерот Зоран Заев поднел оставка во „ударна вест“, повикувајќи се на италијанската агенција АНСА. Вест со слична содржина е навистина е објавена од агенцијата, но таму не се вели „АНСА Јавува: Заев поднесе оставка“ („ANSA javlja: Zaev podneo ostavku“), како што јавува „Спутник“.

Само 11 минути подоцна, во 16.08 часот, порталот во сопственост на руската држава објави нова вест, но овојпат насловот гласи „Спутник дознава: Заев ја ковертираше оставката“ („Sputnjik saznaje: Zaev kovertirao ostavku“). Веста се повикува на дипломатски извори, истакнувајќи дека во тек биле консултации на парламентарните партии, но не се прецизира дали тие консултации се интерни или меѓу различните парламентарни партии. Исто така, се вели и дека „Заев бара распишување на вонредни избори затоа што не го исполни предизборното ветување дека ќе отвори преговори со Европската унија.“

За ништо од ова нема никакви информации и вести во македонските медиуми. Ниту дека Заев поднел или ковертирал оставка, ниту дека се водат консултации меѓу политичките партии во моментов, ниту, пак, дека Заев побарал распишување на вонредни избори. Се разбира, дел од ова или сите овие тврдења можат да се случат во иднина, но во моментот кога овие вести се објавени, тие се едноставно невистинити.

Додека „Спутник“ објавува вакви вести, Македонската информативна агенција (МИА), пак, од извори во Владата дознава дека премиерот засилено работи на комуникација со премиерите на повеќе европски држави како Германија, Шведска, Бугарија, Словенија, Малта и други, вклучително и со еврокомесарот Јоханес Хан. Такво однесување е сосема спротивно на политичар кој веќе поднел или ковертирал оставка. Политичар кој поднел оставка единствено што потоа може да направи тоа е да го подготви своет обраќање до јавноста за да ги објасни причините за таквиот потег.

Исто така, денеска и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски имаше обраќање до јавноста во кое извести дека ги свикал лидерите на парламентарните партии на лидерска средба, која ќе се одржи во недела во 17 часот, додавајќи дека сите поканети партии прифатиле да присуствуваат. И повторно, доколку навистина Заев поднел или ковертирал оставка, како што јавува „Спутник“, ваквата лидерска средба би била доведена во прашање.

„Спутник“ има свои извори во Северна Македонија од кои може да добие официјални информации од прва рака што се случува во земјава. Информациите од примарните и официјалните извори се по правило многу поверодостојни. Но, тоа во овој случај не е сторено.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.