Српски медиуми раширија лажна вест за 1.000 мигранти во Македонија

На 06 март, српскиот портал Телеграф.рс објави ударна вест со наслов: „Првите мигранти стигнаа во Македонија: Околу 1.000 од нив ја искористија збрката на граница и се провлекоа?“ (Prvi migranti stigli u Makedoniju: Oko 1.000 njih iskoristilo frku na granici i provuklo se?). Ваквата вест ја пренесоа повеќе српски медиуми. Сепак, се потврди дека истата е лажна.

Имено, Телеграф.рс во својот напис го цитира австрискиот весник „Естерајх“, кој пак, се повикува на фотографија која ја добиле од нивни извори во разузнавачките служби,  и која, наводно, покажува група на мигранти од околу 1.000 лица на еден градски плоштад во Македонија. Притоа, фотографијата воопшто не е објавена, а во написот не е наведено ниту за кој град во Македонија станува збор.  Информацијата не е проверена, а уште помалку потврдена, од ниту една релевантна институција од Македонија, што веднаш отвора сомнеж за нејзината релевантност.

Како што пишува весникот, мигрантите од Македонија, за десетина дена би требало да стигнат до австриската граница.

Авганистанци и Сиријци успеале во хаосот на грчко-турската граница да се провлечат и никој не знае колкумина успеале да поминат, наведува весникот, пренесува Телеграф.рс.

– Се работи само за мажи и млади момчиња во оваа прва група – наведуваат изворите на „Естерајх“.

Ваквата вест експресно ја демантираше македонската полиција.

Македонското министерство за внатрешни работи (МВР) ги демантира наводите на виенскиот дневник „Естерајх“, за наводен упад на 1.000 мигранти на нашата територија од Грција. МВР соопшти дека состојбата со бегалците е редовна, и дека нема никакво ниту нарушување ниту пак зголемување на бројот на мигрантите кои од Грција влегле во Македонија, објави Слободен печат.

За поголема група мигранти која влегла на територијата на Македонија не извести нути еден медиум во Македонија, а тоа дополнително ја потврдува лажната вест на овој весник која ја преземаа голем број спрски медиуми.

Како што објави Фокус, австрискиот весник „Естерајх“ се дели бесплатно и во принцип е познат по пласирање на неточни информации.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција