Стар клип од видеоигра претставен како снимка од напад врз носачот на авиони Двајт Ајзенхауер

Фото: видео скриншот

Видеоклип објавен на Фејсбук е проследен со опис, кој создава впечаток дека тука се работи за напад врз американскиот носач на авиони Двајт Ајзенхауер од страна на јеменското движење на хутите, кои за тоа јавија на 31.5.2024 г. Но Американците изјавија дека немаат податок за таков напад, а овој клип циркулира на интернет со малку поинаков опис уште од јануари и според сите индиции е преземен од видеоигра

Видеоклип објавен на Фејсбук е проследен со опис, кој создава впечаток дека тука се работи за напад врз американскиот носач на авиони Двајт Ајзенхауер од страна на јеменското движење на Хутите, кои за тоа јавија на 31.5.2024 г. Но, Американците изјавија дека немаат податок за таков напад, а овој клип циркулира на интернет со малку поинаков опис уште од јануари и според сите индиции е преземен од видеоигра

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук содржи видеоклип проследен со следниов опис:

Aoooo… Braća Huti zveknuli američki nosač aviona “Dvajt Ajzenhauer” u Crvenom moru.

Тоа е објавено на една Фејсбук -страница која обично објавува на македонски, но ова е преземено од српски извор, можеби овој тука, без тоа да биде преведено. Но, многу побитно е тоа што преземањето било извршено некритички, без да се провери за што точно се работи, а преземената содржина е проблематична од повеќе причини:

  1. Овој клип се ширел низ светот уште одамна со опис дека тоа е напад врз американски брод-разорувач од страна на јеменското движење на хутите, извршен на 9.1.2024 г. Но клипот сега се реактуелизира, овојпат со опис дека тоа е напад врз американскиот носач на авиони Двајт Ајзенхауер, извршен исто така од Хутите, кои за тоа јавија на 31.5.2024 г. Иако објавата, која сега ја рецензираме, никаде не вели дека снимката е токму од тој настан, впечатокот што го создава е баш таков. За тоа придонесува содржината на објавата, времето кога е објавена (1.6.2024 г.), а и еден коментар на авторот под неа, кого ќе го цитираме малку подоцна. Од сето наведено во оваа точка заклучуваме дека клипот не прикажува актуелен настан, иако објавата и коментарот создаваат таков впечаток.
  2. Уште од јануари, со анализа на клипот се бавеле повеќе медиуми, при што заклучиле дека тој потекнува од видеоиграта “Arma 3”. За тоа пишувал гејмерскиот сајт Niche Gamer, проверувачите на факти Malumatfuruş од Турција и Faktoje од Албанија, а неодамна и UK Defence Journal, британско списание од сферата на одбраната. И новинската агенција Reuters јавила за ваква злоупотреба на видеоиграта, само со поинакви кадри од истата.
  3. Уште на 31.5.2024 г. новинарката специјализирана за Пентагон, Лара Селигман, пренела демант од функционер на американскиот департмент за одбрана дека имало каков било напад врз бродот Двајт Ајзенхауер, а такво нешто објавија и Reuters, Business Insider, Bloomberg и други медиуми. Авторот на објавата, која сега ја рецензираме, покажал барем малку чесност, па во коментарот, кој го оставил под неа, меѓу другото го споменал и тој демант:

Хутите гаѓаа американски носач на авиони како одговор на нападот во четвртокот

31/05/2024

Јеменската милитантна група Хути денеска објави дека го гаѓала американскиот носач на авиони Двајт Ајзенхауер, како одговор на воздушниот напад на САД и Велика Британија врз Јемен, во кој загинаа најмалку 16 лица, како што тврдат, во четвртокот вечерта.

Меѓутоа, бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на официјален претставник на американското Министерство за одбрана, наведува дека во близина немало напад и дека американскиот брод не бил погоден.

Хутите велат дека меѓу загинатите има и цивили во пристанишниот град Ходеида. Сана, главниот град и други области беа исто така погодени, се додава во соопштението.

Иако коментарот го споменува демантот, тој е споменат попатно, т.е. меѓу останатото, па ова не го амнестира авторот на објавата од ширење на дезинформации и ова објавата не ја прави објективна. А, повеќето читатели веројатно не го ни виделе тој негов коментар, за што сведочи фактот дека тој има само 5 допаѓања, а објавата дури 140 допаѓања и 38 споделувања. Објавата била пуштена на 1.6.2024 г. во 6:14 часот; коментарот, пак, во 13:37 часот истиот ден; а демантот веќе бил објавен низ светот на 31.5.2024 г., па авторот на објавата можел да се запознае со тоа пред било што да објавува. Проблем е и тоа што овој коментар не нуди објаснување за видео клипот, кој, како што рековме, е преземен од видеоигра и воопшто не го прикажува настанот за којшто тука се говори. Во коментарот не е наведен ни каков било извор, ниту линк до него.

Тука видовме некритичко преземање на дезинформации и немање волја тоа да се истражи пред да се објави. Земајќи го предвид сето тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција