Стоиљковиќ потпиша руска декларација за промена на Уставот на Македонија

Иван Стоиљковиќ во Кремљ не мисли на Уставот. Фото: Гугл/Европски Парламент

Декларацијата што Иван Стоиљковиќ завчера ја потпиша со Единствена Русија, џебната партија на Владимир Путин која официјално ја контролира Думата, рускиот Парламент, а всушност е софтвер за инстант печатење на законски акти подготвени од Кремљ, во Русија е позната како Ловќенска декларација, која е потпишана на почетокот на мај во Цетиње од две црногорски опозициски партии и партијата на Путин

 

 

Декларацијата што Иван Стоиљковиќ завчера ја потпиша со Единствена Русија, џебната партија на Владимир Путин која официјално ја контролира Думата, рускиот Парламент, а всушност е софтвер за инстант печатење на законски акти подготвени од  Кремљ, во Русија е позната како Ловќенска декларација, која е потпишана на почетокот на мај во Цетиње од две црногорски опозициски партии и партијата на Путин

 

Пишува:  Борис КАМЧЕВ од Санкт Петерсбург

 

Иницијативата на Москва за промена на приоритетите во надворешната политика на некои балкански земји влезе на мала врата и кај нас – преку Демократската партија на Србите во Македонија.

Руските експерти што ги контактираше „Вистиномер“ имаат поделени мислења за значењето на оваа иницијатива. Моментот, се разбира, е специјално одбран. Црна Гора во декември доби покана од НАТО и се очекува земјата да стане членка на воената алијанса во 2017 година. Руската геостратешка иницијатива, дел од таканаречената нелинеарна или хибридна кампања на Москва против Европската унија и НАТО се состои во тоа да се запрат евро-атлантските интеграции во регионот и, наместо тоа, земјите како Црна Гора, Босна и Херцеговина или Македонија да стапат во некаков политички сојуз, а нивната воена неутралност да ја гарантираат Русија и НАТО.

Или, поинаку кажано, да влезат во орбитата на Москва, која проширувањето на НАТО во регионот го смета за закана.

 

МОДЕЛ ЗА ИДНИТЕ ОДНОСИ ПОМЕЃУ РУСИЈА И БАЛКАНОТ

Се работи за една реал-политика, еден колонијален пристап за ширење влијание со потпишување на некакви меѓупартиски декларации од маргинални и радикални политички сили во регионот, кои немаат легитимитет во име на народите на нивните земји да туркаат застарени идеи за протекторати и сојузи.

Декларацијата што Иван Стоиљковиќ завчера ја потпиша со Единствена Русија, џебната партија на Владимир Путин која официјално ја контролира Думата, рускиот Парламент, а всушност е софтвер за инстант печатење на законски акти подготвени од  Кремљ, во Русија е позната како Ловќенска декларација, која е потпишана на почетокот на мај во Цетиње од две црногорски опозициски партии и партијата на Путин. Цетиње е историски центар на Црна Гора и декларацијата е именувана според симболот на градот, планината Ловќен.

Според некои руски коментатори, овој документ е „модел за идните односи помеѓу Балканот и Руската Федерација.“

Времето за имплементирање на таква декларација одамна настапи. На Балканот веќе 25 години се води судир помеѓу Западот и Истокот и рамнотежата постојано се нарушува. Ако идејата за неутралност се покренеше уште во 1990-те, можеа да се избегнат многу страдања и војни, смета Константин Феофанов, професор на дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Руската Федерација во Москва.

 

КОСОВО ВО СРБИЈА

Декларацијата содржи две клучни идеи. Руска поддршка за создавање сојуз на неутрални држави во југоисточна Европа, во чии устави треба да биде додадена преамбула за нивна воена неутралност гарантирана од големите сили и Косово да биде дел од Србија. Стоиљковиќ треба да им објасни на своите коалициони партнери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како може да се реализира второто кога Македонија и десетици други НАТО-членки веќе ја признаа независноста на Косово од нашиот северен сосед.

По сѐ изгледа, потпишувањето на документот е од чисто популистички цели за придобивање на дел од електоратот пред можните избори годинава.

Генадиј Сисов, коментатор на влијателниот дневен весник „Комерсант“ пишува:

Главниот дефект на Ловќенската декларација е што таа во суштина предвидува промена на клучните приоритети во надворешната политика на низа балкански земји. Црна Гора треба да стане полноправна членка на НАТО во 2017. Македонија и Босна и Херцеговина се кандидати за прием во Алијансата и немаат намера да се откажат од евро-атлантските интергации. Иако Србија декларативно застапува некаква неутралност, таа има активни односи со Алијансата и нема да брза да го смени уставот за да стане неутрална.

На ова Феофанов одговара дека „дефектноста“,  всушност, го одразува судирот помеѓу НАТО и Русија што се одвива веќе две децении и нема да запре во догледно време, наспроти сите декларации за мир или соработка.

Ловќенската декларација е само начин да се изнесе на виделина формирањето на нов вектор во приоритетите на некои балкански земји дека тие можат да се движат во тој правец.

Тој смета дека е сѐ уште рано да се оцени во каква форма може да се реализира тој проект.

Но, не е исклучено групирање на интересите и тоа да доведе до определено придвижување на ситуацијата не само на Балканот, туку и во Европа.

Едно е сигурно. Иако на последниот  Меѓународен економски форум во Санкт Петерсбург во дуел со Фарид Закарија, коментатор на Си-Ен-Ен, Путин изјави дека Русија нема намера да се меша во внатрешните работи на другите земји, ова, всушност, е флагрантно кршење на суверенитетот на поедини балкански држави како Македонија.

На задна врата и во духот на реал-политиката од 19 век се наметнуваат политички идеи спонзорирани од една руска авторитарна партија, олицетворение на корупцијата, непотизмот и фалсификати на избори, и се бара промена на Уставот на земјата.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција