Стратегијата за борба против корупција ја поднесува ДКСК, а не Владата

А. Николоски. Фото: скриншот од веб на ВМРО-ДПМНЕ

Националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси до Парламентот ја поднесе ДКСК, а не Владата, а освен тоа, од документите може да се види дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, барем во комисиската расправа, учествувале во дискусиите по овој документ и го поддржале. Оттука, Николоски изрече невистина, гостувајќи на ТВ емисија

Националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси до Парламентот ја поднесе ДКСК, а не Владата, а освен тоа, од документите може да се види дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, барем во комисиската расправа, учествувале во дискусиите по овој документ и го поддржале. Оттука, Николоски изрече невистина, гостувајќи на ТВ емисија

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, гостувајќи во емисија на ТВ24 даде изјава која е невистинита:

Николоски: Гледаме Влада која што е апсолутно најкорумирана во државава, според релевантен меѓународен извор Транспаренси интернешел, глумат во Собрание поднесуваат Стратегија за борба со корупција. Допрва стратегија ќе се гласа, допрва таа стратегија ќе се имплементира. За таа стратегија консултации со нас како опозиција нула, со јавност нула.

[Извор: ТВ 24 – Студио 10 – датум: 29.04.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Потпретседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изрече невистина во врска со Стратегијата за борба против корупција, велејќи дека ја поднесува Владата на РСМ.

Стратегијата ја изработи и ја поднесе до Собранието на РСМ Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК), согласно основниот закон за оваа намена. Првото поднесување на Стратегијата беше во јануари 2020 година, но Стратегијата не стигна на дневен ред и покрај надежите (и ветувањата), затоа што Собранието беше распуштено во февруари, поради одржување на предвремените парламентарни избори. Таа стратегија се однесуваше за периодот 2020-2024 година.

Во декември 2020 година, ДКСК согласно Законот за спречување на корупција и консултациите со разни фактори, изврши измени и дополнувања на првичниот документ и повторно го достави до Собранието, овој пат за периодот од 2021-2025 година. Според процедурата, пред расправата се очекува мислење од Владата. Тоа мислење, како што може да се види од документите поврзани со 32-та седница на Собранието, е пристигнато на почетокот на февруари 2021 година, со извесен број забелешки што треба да ги имаат пратениците и ДКСК при разгледувањето и усвојувањето на документот.

По ова, при крајот на февруари, за Стратегијата расправаат две собраниски комисии. Најпрво на 25.02.2021 расправа Законодавно-правната комисија, а ден подоцна и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. И во двете комисии членуваат и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од записниците на седниците на двете комисии може да се види дека пратениците на оваа партија не дискутирале на првата комисија, додека на втората учествувале во расправата. И Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем предложиле Собранието да ја усвои стратегијата, при што втората комисија тоа го сторила едногласно.

Поради препукувањата и блокадата на Собранието, одржувањето на седницата на која беше усвоена Стратегијата се одржа дури пред десетина дена, на 18 април 2021 година, при што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа оваа 32 седница.

Според погоре изнесените факти, прво невистина е дека Владата ја поднела Стратегијата во Собранието, туку тоа го сторила ДКСК. Второ, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ учествувале во комисиска расправа за овој документ, при што тој е едногласно поддржан. И трето, ако ВМРО-ДПМНЕ со некого требало да се консултира за оваа Стратегија, тоа е ДКСК како тело што ја подготвува и поднесува и во Собранието, каде што можеле да дискутираат и да поднесат амандмани или да изнесат други забелешки.

Се разбира и консултациите со Владата не се исклучени, но сепак, бидејќи станува збор за Национална стратегија, за што одговорно е Собранието и самостојната институција ДКСК, партијата имала доволно време од јануари 2020, преку декември 2020 до комисиските расправи во февруари 2021 и пленарната седница во април 2021 година, да ги изнесат сите свои забелешки и несогласувања ако ги имале.

Оттука, изјавата на Александар Николоски, кој ова го кажа како пример за тоа што власта не се консултирала со опозицијата, е невистинита и во делот на тоа кој ја носи стратегијата и во делот дека немало консултации. Барем на едно собраниско тело имало и расправа и консултации и документот бил едногласно поддржан.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Извори:

ДКСК – Национална стратегија за борба против корупцијата и судир на интериси 2021-2025 – [Проверено на 29.04.2021]

2021 Собрание на РСМ – 32 седница на Собранието – [Проверено на 29.04.2021]

2021 Дојче Веле – „Ве молиме почекајте“- Антикорупциската стратегија фаќа прав – [Проверено на 29.04.2021]

2020 Фондација Метаморфозис – Антикорупциски реформи: ДКСK и граѓанските организации, ретки светла во тунелот – [Проверено на 29.04.2021]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција