Субвенциите за литар овчо и козјо млеко се четири денари
Зголемена финансиска поддршка по литар за овчо и козјо млеко во преработувачката индустрија. Наместо сегашните 3 денари, во иднина ќе се исплаќаат 4 денари по литар млеко.
[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 223 , датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека финансиската поддршка за овчо и козјо млеко во преработувачката индустрија ќе биде зголемена на 4 денари по литар, е исполнето.
Ова ветување на социјалдемократите е посочено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ (стр.223).
На петти април оваа година (2018) Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ( АФПЗРР) ги извести млекопроизводителите дека започна рокот за поднесување на барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година и ќе трае до 16 мај (2018).
Висината на поддршката изнесува 4 денари по литар за овчо и козјо млеко и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство.
Соопштението беше објавено на веб-страницата на АФПЗРР и во медиумите.
На почетокот на мај од АФПЗРР информиираа дека рокот за аплицирање за субвенции за литар продадено млеко во октомври, ноември и декември 2017 година, наместо до 16-ти мај, ќе се продолжи до 23-ти мај. И ова известување беше објавено на веб-страницата на АФПЗРР и во медиумите
На 01.06.2018 година министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на настан организиран по повод Светскиот ден на млекото, меѓу другото, рече:
За производство на квалитетно млеко, МЗШВ презема конкретни мерки . Преку Програмата за финансиска поддршка годинава годинава субвенциите се 3,5 денари по литар за предадено сурово кравјо млеко и четири денари по литар за предадено овчо и козјо сурово млеко во преработувачки капацитети . (Љупчо Николовски).
На први јуни (2018) од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани ги информираа млекопроизводителите дека започна рокот за пријавување за субвенции за предадено кравјо, овчо и козјо млеко во преработувачките капацитети за првите четири месеци од оваа година (2018).
Можат да поднесат сите оние кои имаат предадено млеко за првите четири месеци од 2018 година. Барателите е потребно со себе да ги донесат откупните белешки од преработувачките капацитети каде што го имаат предадено млекото. Да напоменеме дека субвенцијата по основ на предадено кравјо млеко е 3,5 денари и 4 денари за предадено овчо и козјо млеко – Горанчо Миладиновски, раководител на ПЕ на МЗШВ Кочани.
Имајќи ги предвид презентираните информации објавени во медиумите, како и на официјалната веб-страница на АФПЗРР, ова изборно ветување на СДСМ го сметаме за исполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“,стр.216 [Пристапено на 24.08.2018]
- Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (05.04.2018): Известување [Пристапено: 24.08.2018]
- Современо земјоделство (06.04.2018): Започнува пријавувањето за субвенции за млекото [Пристапено: 24.08.2018]
- МРТ ( 11.04.2018): Почнува пријавувањето субвенции за млеко Пристапено: 24.08.2018]
- Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (03.05.2018): Соопштение [Пристапено: 24.08.2018]
- МРТ (09.05.2018): Продолжен рокот за пријавување субвенции за млеко [Пристапено: 24.08.2018]
- Лидер (09.05.2018): Продолжен рокот за пријавување субвенции за млеко [Пристапено: 24.08.2018]
- Канал 8 (01.06.2018): Започна пријавувањето за субвенции за предадено млеко [Пристапено: 24.08.2018]
- А1 ОН ВИДЕО: Се подготвува огласот за доделување државно земјиште на сточари [Пристапено: 24.08.2018]
- Бизнис вести (01.06.2018): Се подготвува наменскиот оглас за доделување државно земјиште под закуп за сточари [Пристапено: 24.08.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар