Суверенитетот можеби е загрозен, ама од Иванов

Многу зборови -малку поткрепа. Фото: Веб страна на Кабинет на Претседател на РМ

 

Ниту Платформата е „странски“ (опасен) документ, ниту е загрозена унитарноста, независноста и сувереноста на РМ. Ова покажува внимателно расчленување на поимите што ги наведува Иванов како образложение зашто не го даде мандатот на оној што собра мнозинство пратеници

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов како причина за одбивање да го даде мандатот за формирање Влада ја даде следнава изјава за која цениме дека не е вистина:

Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.

 Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија.

[ Извор: Република, датум 01.03.2017]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ѓорге Иванов, Претседател на РМ во втор мандат, на 01.03.2017 соопштувајќи дека не го дава мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој му достави писмени докази дека има собрано потписи од мнозинството од пратенците во Собранието (67 од 120), изрече невистина со тврдењето дека Заев и неговите идни коалициони партнери ги загрозувале унитарниот карактер, суверенитетот и независноста на државата.

Како причинна е наведена Платформата на партиите на Албанците во Македонија околу која тие по изборите имаа две заеднички средби, едната во организација на албанскиoт премиер Еди Рама, втората во организација на властите на Косово и повеќе други во Македонија.

 

ПЛАТФОРМАТА Е ПОЛИТИЧКА ВОЉА БЕЗ УЦЕНУВАЧКИ ЕЛЕМЕНТИ 

За да појасниме зошто цениме дека Иванов зборува невистини, ќе ги наведеме следните факти:

Според изјавите на учесниците на средбата во Тирана во последните денови од 2016 година, пренесени низ медиумските извештаи, улогата на Рама била консултативна, а на средбата е усвоен драфт документ кој подоцна се официјализира во Македонија на седници на партиските тела и органи.

Документот е официјализиран и објавен во Македонија на 7. јануари 2017 г. Тој е објавен на албански јазик а државната агенција МИА го објави и предоводот на македонски јазик.

Ако се прочита внимателно целиот документ, не може да се најдат елементи кој излегуваат надвор од Уставот (освен еден кој е ставен како прашање за дискусија), а освен тоа Платформата нема временски или условувачки рокови. Платформата започнува со воведен дел во чии прв и последен пасус се вели:

Ние, претставниците на албанските политички партии во Македонија: “Демократската Унија за Интеграција, ”Коалицијата Преродба со БЕСА” и ”Алијансата за Албанците”;…

… Се согласуваме за взаемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на следните цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат;

Од последната реченица на воведниот дел јасно се гледа дека нема рокови за исполнување на седумте точки од Платформата – „за следниот и/или во секој понатамошен мандат“.

– И покрај многуте изјави од лидерите на албанските политички партии дека нема Влада без целосно прифаќање на Платформата, на крај стана сосема јасно дека главната точка околу која се кршеа копјата беше Законот за употреба на јазиците, т.е. измените на Законот кои ќе бидат приоритетни во почетокот на работата на новиот состав на Собранието. Тоа го потврди и лидерот на СДСМ Заев во изјавата по одбивањето на Иванов да му го додели мандатот. Истата вечер и еден од учесниците во составувањето на текстот, професорот по Уставно право Осман Кадриу, во Анализа на ТВ 24, потврди дека албанските партии „го послушале“ и за сите работи за кои е потребна промена на Уставот (а тие се се знаме, химна, грб – кои во Платформата се наведени како теми за кои треба да се дискутира!), да се остават настрана. Додека пак, додава Османи, Законот за јазикот е подготвуван толку долго и внимателно за да не биде протиуставен.

За Платформата во образложението на Иванов, наведоовме доволно аргументи кои укажуваат дека Платформата е, всушност, документ во кој се изразува политичка волја на една група партии. Не може да се каже или тешко, дека тој е наметнат од странски држави, бидејќи финалната верзија е усвоена во Македонија. (Тоа ви е исто како да кажете дека Пржинскиот договор врз кој потоа се усвојуваа нови закони е наметнат од странство, затоа што за одредени негови аспекти се дискутираше и во Брисел и во Виена, а во Скопје на секои разговори беа присутни ЕУ и САД). Платформата не ниту документ кој наметнува решенија што не се во согласност со Уставот, освен едно, но кое не е условено ниту со време ниту со безусловност за негово прифаќање.

 

СУВЕРЕНИТЕТОТ И ИВАНОВ

Оттука, со што е загрозена унитарноста на државата што ја споменува Иванов? Со ништо, освен ако не се слуша пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, која, патем, разговараше за истата оваа Платформа со ДУИ до 29.01.2017,  и која сега постојано наведува опасности од федерализација или кантонизација. Впрочем, „најпроблематичната“ точка од таа Платформа, точката 1 гласи: Постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот. Значи, согласно Уставот!

И проверката на тврдењето дека била загрозена независноста на РМ не покажа дека тврдењето на Иванов е точно. Независноста може да биде загрозена физички или суштински.

Физичка загорзеност колку што гледаме нема. Ниту има најава за такво нешто, зашто во спротивно би требало сите да знаеме дека некој собира војска или вооружени групи и се спрема да ја нападне РМ. Суштинската независност се цени по тоа дали институциите на државата и целата држава функционира според устав, закони и подзаконски акти што се носат во органите и телата на институциите и во највисоката од нив – Собранието на РМ. Одговорот е потврден.

Конечно, дали е загрозен суверенитетот? Зборот суверенитет има француски и латински корени, а во политичка смисла се толкува како исклучиво право на врховна политичка (на пр. законодавна, судска, и/или извршна) власт над извесен географски регион, група на луѓе или себеси. Суверен претставува врховната законодавна власт, која не е подредена никому.(извор)

Член 1 од Уставот на РМ наведува дека Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, а член 2 од Уставот вели дека  „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување“.

Од расчленетите и анализирани причини зошто Иванов не го дава мандатот, посебно поради „Платформа од странство“, со што „биле загрозени независноста, унитарноста и суверенитетот“, нашата недвосмислена оценка е дека Претседателот на РМ искажа невистина.

Во однос на наводно загрозениот суверенитет од Заев и Платформата, би констаирале само дека е многу веројатно  дека тој (суверенитетот), во моментот е загрозен од самиот Иванов. Тој со недавањето на мандатот, практично ја доведува во прашање уставната норма член 2 , особено  во вториот став. Иванов ја негира волјата на мнозинството од „демократските избрани претставници“, кои го застапуваа единствениот суверен во оваа држава – граѓаните на Републиката Македонија.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Теофил Бажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција