Трајановски и Трајковски заборавија на пешачкиот мост кај Алкалоид
Изградба на мостот над булеварот Александар Македонски во населбата Автокоманда (кај „Алкалоид“), во соработка со Град Скопје. (Рок: 2013-2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изградба на пешачки мост кај фабриката „Алкалоид“ во населбата Автокоманда , градоначалникот на Општината Гази Баба, Тони Трајковски, најави пред три години во Изборната програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Гази Баба“, (2013-2017). Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година, за овој проект проект ( во делот Транспорт, стр. 70), е наведено дека ќе биде реализиран во периодот 2013-2014 година.
Изградба на ваков мост во Автокоманда вети и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, само во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (стр.57), е наведено дека овој проект треба да се спроведе во период (2013-2015) година. Иако, рокот за реализација посочен во програмите на Трајковски (2014) и на Трајановски (2015) е поминат, сепак, досега (20.04.2016) во Автокоманда не е изграден ваков пешачки мост.
Во Отчетот за минатата година (2015) на скопскиот градоначалник Трајановски, не се споменува печашкиот мост во Автокоманда. Овој мост го нема ниту во планираните објекти на Трајановски за 2016 година.
…во Општина Гази Баба ќе ја завршиме првата фаза од проектот за проширување и реконструкција на улица Маџари, ќе го доградиме кружниот тек меѓу улиците 16. Македонска бригада и Коце Металец кај населбата Железара, а ќе работиме и на проширување на булевар Александар Македонски од „Агросервис“ до клучката Дијамант;(стр.2 од Отчетот)
Пешачкиот мост во Автокоманда не го споменува ниту градоначланикот на Гази Баба, Трајковски, при неговите теренски обиколки на Општината и при посетите на урбаната заедница Автокоманда.
Исто така, со пребарување по инетрнет не може да се најдат информации за некакви активности околу реализацијата на овој проект, освен стари вести. Некои информации за тоа дека граѓаните бараат од „општинските власти итно да изградат надземен пешачки премин на булеварот Александар Македонски спроти фабриката Алкалоид“, се дури од пред десет години.
Според сето ова, може да се каже дека изборното ветување на градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, за изградба на пешачки мост кај фабриката Алкалоид, не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Гази Баба“, (Транспорт, стр.70) [Пристапено: 20.04.2016]
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! (Урбанизам, булевари, мостови, стр. 57) [Пристапено: 20.04.2016]
- Otcet_2015_godina Отчет 2015 на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски [Пристапено: 20.04.2016]
- Нетпрес (24.12.2016): Трајановски даде отчет за сработеното во 2015 година [Пристапено: 20.04.2016]
- Курир (26.02.2016): ГАЛЕРИЈА: Груевски во посета на општина Гази Баба [Пристапено: 20.04.2016]
- Скопје инфо (10.03.2016): Трајановски и Трајковски на средба со граѓани од Автокоманда на новиот паркинг [Пристапено: 20.04.2016]
- МКД (12.04.2016): Изградбата на новиот кружен тек во населбата Автокоманда во завршна фаза (ФОТО) [Пристапено: 20.04.2016]
- Вест (29.12.2009): НАДВОЗНИК НА БУЛЕВАР АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ [Пристапено: 20.04.2016]
- Дневник (18.03.2006): Автокоманда бара пешачки мост [Пристапено: 20.04.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар