Укинати се квотите за лекови на рецепт

Фото: META

 

СДСМ вети дека ќе ја смени праксата во фармацевтскиот сектор во врска со лекови со квоти и ова ветување  е исполнето:

…Целта ќе ни биде да преминеме на систем на достапни лекови во примарна здравствена заштита без квота.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, 140 стр. – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“, во секторот Фармација, меѓу другото, вети дека крајната цел е укинување на квотите за лековите во аптеките препишани на рецепт. На стр. 140 од програмата е забележано следното ветување:

Надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови. Воспоставување на систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови. Дополнително, целта ќе ни биде да преминеме на систем на достапни лекови во примарна здравствена заштита без квота.

После над двегодишни обиди за редефинирање на системот на квоти по ланците од аптеки на неколку компании кои функционираат и како дел од примарното здравство и имаат аптеки, при што постојано имаше критики во јавноста дека редефинирањето е неуспешно и повторно нема лекови, владејачката партија се реши на целосно отстранување на системот на квоти за лековите на рецепт на ниво на цела држава:

Мерката е многу значајна заради тоа што дефинитивно отстранува една тешкотија со која живееја граѓаните. Јас верувам дека заедно со целиот пакет мерки што ги воспоставуваме во здравствените услуги се отвора процес за обезбедување поквалитетно здравство за сите. Достапноста и навремениот пристап до лекови за граѓаните е многу значајна работа како дел од здравствениот систем како приоритет владата за сите граѓани од различни возрасти, рече премиерот Заев на прес конференцијата во Владата, најавувајќи стартување на мерката од денеска, 01.10.2019 година.

Системот само што е стартуван, а како претходница имаше двомесечен пилот проект во неколку општини низ државата, што надлежните го проценија како успешен. „Вистиномер“ и натаму ќе го следи ова прашање, т.е. реализацијата на ова ветување, кое во моментот може да се оцени како исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција