Украина не е марионетска држава

Фото:Frauke RietherPixabay

Објава на Фејсбук вели дека сиот свет гласал за резолуцијата на ООН со која се бараше прекин на американското ембарго за Куба, но тоа не го поддржале само САД, Израел и Украина, кои објавата ги прикажува како асоцијални, неколегијални, некооперативни и негативно настроени членки на меѓународната заедница. Украинците таа дури ги споредува со марионети, создавајќи впечаток дека тие ѝ одмогнале на Куба под диктат на САД, но тука се премолчени низа битни факти

Објава на Фејсбук вели дека сиот свет гласал за резолуцијата на ООН со која се бараше прекин на американското ембарго за Куба, но тоа не го поддржале само САД, Израел и Украина, кои објавата ги прикажува како асоцијални, неколегијални, некооперативни и негативно настроени членки на меѓународната заедница. Украинците таа дури ги споредува со марионети, создавајќи впечаток дека тие ѝ одмогнале на Куба под диктат на САД, но тука се премолчени низа битни факти

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Целиот свет гласа за ставање крај на блокадата на Куба освен:
🇺🇸
🇮🇱
🇺🇦 Укро…….. кукли

Во објавата е вметната и табела од гласањето за Резолуцијата A/78/L.5 на Генералното собрание на ООН од 2.11.2023 г. Со неа се бараше прекин на американското економско ембарго на Куба, а во нејзина полза гласаа повеќето членки на ООН (187 од вкупно 193).

Како што вели објавата, во полза на Куба не гласале само САД, Израел и Украина. Нивните знамиња се прикажани во објавата, а таа како да ги осудува тие земји за тоа како гласале. Притоа, Украинците ги опишува како „кукли“, т.е. марионети, на кои големите сили како САД им диктираат како да гласаат. Значи, тука станува збор за марионети во политичка смисла и тоа е повеќе од јасно.

Меѓутоа, Украинците не се „кукли на САД“. Како прво, објавата не нуди доказ дека тие гласале под нечиј диктат. Како второ, Украина не гласаше против резолуцијата како САД и Израел, туку воздржано, што е сепак поинакво. И како трето, ние не знаеме од кои точно мотиви Украина не гласала во полза на Куба, но знаеме дека Куба има правено непријателски гестови кон Украинците и дека гласала против нив или не покажувала разбирање за нивните страдања, а нејзе повеќе ѝ значат добрите односи со Москва.

На 27.2.2014 г. Куба гласаше против Резолуцијата 68/262 со која се бараше почитување на територијалниот интегритет на Украина, чиј полуостров Крим тогаш беше мета на руска инвазија. Куба гласаше и против следниве резолуции во врска со Крим, со што гласаше на штета на Украина: 71/205, 72/190, 73/194, 73/263, 74/168, 75/192 и др.

На 24.2.2022 г. Русија прејде во сеопфатна агресија врз Украина, што беше осудено со Резолуцијата ES-11/1, при што Куба гласаше воздржано. Таа така гласаше и за резолуциите ES-11/2, ES-11/4 и ES-11/6. Сепак, за некои резолуции, кои тогаш излегоа, Куба гласаше против, т.е. отворено на штета на Украина, а такви беа ES-11/3 и ES-11/5.

Неодамна се откри дека кубански граѓани биле врбувани за руските сили во Украина (со ветувања за пари, државјанства и сл.), но не е докрај јасно дали тоа е некаква шема на кубанските криминалци или во тоа се вмешани и кубанските власти. Како и да е, Украина трпи доста неправди од кубанска страна.

Тука заклучуваме дека Украинците си имаат причини да не ја поддржуваат Куба, па за тоа не е потребен диктат од САД. И, ако тој постои, зошто повеќето западни земји гласале во полза на Куба? Нели се тие „кукли на САД“? И зошто Украина често гласа во полза на Палестина? Ова се коси со впечатокот од објавата дека САД и Израел ѝ диктираат на Украина како таа да гласа.

Објавата создава впечаток и дека Американците се некакви асоцијални типови или „црни овци“ во меѓународната заедница, кои гласале против Куба просто од каприц или од некаква неиспровоцирана омраза, но и тие, како и Украина, си имаат причини зошто гласале така.

На пример, во 1962 г. на кубанско тло биле поставени советски нуклеарни ракети вперени кон САД, што претставувало огромна закана, а Куба неодамна беше домаќин на руска воена флотила (некои дури можат Куба да ја етикетираат како „кукла на Москва“). Но, и Куба си има некои свои аргументи зошто е негативно настроена кон САД. Секој си има свои.

И Израел си има причини зошто не ја поддржува Куба. Таа, како и другите социјалистички земји, ги поддржувала арапските противници на Израел и ги прекинала дипломатските односи со него во 1973 г. Во октомври истата година, Египет, Сирија и други арапски земји заеднички го нападнале Израел, во што им помагале и кубански трупи.

Објавата премолчува низа битни детали, а среде нив е и следниов. Вистина е дека само гласовите на САД, Израел и Украина не ѝ биле од полза на Куба, но имало и земји, кои воопшто не присуствувале на гласањето, а тоа се Венецуела, Молдавија и Сомалија. Е сега, дали може да се рече дека и тие ѝ одмогнале на Куба или како такви ќе ги сметаме само оние што не гласале во нејзина полза? Објавата дури не го споменува отсуството од гласањето на тие земји, иако тоа е обележано на табелата.

Земајќи го предвид сето досега наведено, оценуваме дека објавата страда од недоречености, односно од недостаток на контекст.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција