Упатства за запишување, дополнување и бришење од избирачкиот список

Побрзајте со проверката дали ве има во избирачкиот список. На денот на гласањето веќе е предоцна. Фото: ДИК/скриншот

Како да ги ажурирате Вашите податоци во избирачкиот список, (запишување, бришење или промена/дополнување), кои се обврските на Државната изборна комисија во ваков случај и како да ја побарате правдата пред Управниот суд ако не сте задоволни од одлуката на Комисијата

Како да ги ажурирате Вашите податоци во избирачкиот список, (запишување, бришење или промена/дополнување), кои се обврските на Државната изборна комисија во ваков случај и како да ја побарате правдата пред Управниот суд ако не сте задоволни од одлуката на Комисијата

 

Пишува: Александар Георгиев, адвокат

 

Согласно член 31, став 2, точка 28-г од Изборниот законик, Државната изборна комисија (ДИК) го објавува избирачкиот список на својата веб страна со следниве податоци: име, презиме и адреса на избирачите.

ДИК врши запишување, дополнување и бришење во избирачкиот список и по барање на граѓани, а врз основа на усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список. Ако при увидот се утврди дека тој или друг граѓанин не е запишан во избирачкиот список или се утврди дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците, до подрачното одделение на ДИК има право да поднесе барање за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое приложува и соодветна документација.

(проверете ги Вашите податоци во избирачкиот список ТУКА)

 

АЖУРИРАЊЕ ПО БАРАЊЕ НА ГРАЃАНИ

Граѓаните имаат право да извршат увид во избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК или преку интернет во текот на цела година. Ако при увидот во избирачкиот список граѓанинот утврди дека не е запишан во него или се утврди дека треба да се изврши дополнување или бришење на податоците, има право до подрачното одделение или канцеларија на ДИК да поднесе барање за запишување, дополнување или бришење на податоците на посебен образец со приложување на соодветна документација:

  • за запишување во избирачкиот список – важечка лична карта или патна исправа.
  • за промена на податоците во избирачкиот список – важечка лична карта или патна исправа.
  • за бришење на податоци од избирачкиот список – извештај за смрт или извод од матична книга на умрени. правосилно судско решение за одземена деловна способност,
  • решение за отпуст од македонско државјанство издадено од МВР.

Барањата се поднесуваат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК според место на живеење. Барање за бришење од избирачкиот список може да поднесе близок член на семејството.

Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, ако при увидот во ДКП односно конзуларните канцеларии утврдат дека тој или друг граѓанин не е запишан во избирачкиот список или се утврди дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое се приложува и соодветна документација се доставуваат по електронска пошта преку ДКП, односно конзуларните канцеларии до ДИК или директно до ДИК.

 

1.БАРАЊЕ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Барањето за запишување во избирачкиот список се поднесува лично на посебен образец до ДИК или до соодветно подрачно одделение или канцеларија на ДИК според местото на живеење на подносителот на барањето. Граѓаните кои живеат во Република Македонија кон барањето за запишување поднесуваат на увид важечка лична карта или важечка патна исправа.

Граѓаните кои се на привремена работа или престој во странство барањето за запишување во избирачкиот список го доставуваат по електронска пошта преку ДКП, односно конзуларните канцеларии до ДИК или директно до ДИК се за прислужување на оригинални документи или копии заверени на нотар.

Кон барањето прислужува доказ дека се на привремена работа или престој во странство и важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според адресата на живеење во Република Македонија заведена во важечката патна исправа.

ДИК, односно подрачното одделение или канцеларија на ДИК до која е поднесено барањето во рок од три дена од приемот на истото ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи и, ако  утврди дека барањето е основано врз веродостојна документација, ќе донесе решение за запишување на барателот во избирачкиот список.

Решението со доставница се врачува на подносителот на барањето. По правосилноста на донесеното решение, подрачното одделение или канцеларија на ДИК до која е поднесено барањето, податоците за запишување ги доставува на Секторот за избирачки список на Образец ИС-1 за нивно запишување во избирачкиот список.

 

2.БАРАЊЕ ЗА БРИШЕЊЕ ОД ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Барањето за бришење од избирачкиот список се поднесува на посебен образец до ДИК или до соодветно подрачно одделение или канцеларија на ДИК според местото на живеење на подносителот на барањето.

Во зависност од основот/причината за бришење, граѓаните кон барањето за бришење поднесуваат на увид: извештај за смрт или извод од матична книга на умрени, решение за отпуст од македонско државјанство донесено од страна на Министерството за внатрешни работи или решение за одземена деловна способност донесено од страна на основен суд кое се однесува на лицето за кое е поднесено барањето.

ДИК, односно подрачното одделение или канцеларија на ДИК до која е поднесено барањето, во рок од три дена од приемот на истото ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи и ако утврди дека барањето е основано врз остава на веродостојна документација ќе донесе решение за бришење на лицето за кое се однесува барањето од избирачкиот список.

Решението со доставница се врачува на подносителот на барањето.

По правосилноста на донесеното решение, подрачното одделение или канцеларија на ДИК до која е поднесено барањето. податоците за бришење (со задолжително посочување на основот и документот за бришење) ги доставува на Образец ИС – 2 до Секторот за избирачки список, кој го спроведува бришењето на соодветното лице од избирачкиот список.

 

3.БАРАЊЕ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ/ПРОМЕНА НА ПОДАТОЦИ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Барањето за дополнување/промена на податоци во избирачкиот список се поднесува лично на посебен образец до ДИК или до соодветно подрачно одделение или канцеларија на ДИК според местото на живеење на подносителот на барањето.

Граѓанинот кон барањето за дополнување/промена на податоци во избирачкиот список приложува на увид важечка лична карта или патна исправа. ДИК, односно подрачното одделение или канцеларија на ДИК до која е поднесено барањето во рок од три дена од приемот на истото ќе донесе решение за дополнување/промена на податоци во избирачкиот список.

Решението со доставница се врачува на подносителот на барањето.

 

ОБВРСКИ НА ДИК ПО ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ

ДИК најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на барањето ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи од страна на граѓанинот и ако утврди дека барањето е основано, со решение врз основа на веродостојна документација и согласно со Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоците во избирачкиот список, а во спротивно ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето.

Против решението на ДИК граѓанинот во рок од три дена од денот на приемот на решението може да поднесе тужба за поведување управен спор до Управниот суд.  По тужбата, Управниот суд решава во рок од три дена од денот на нејзиниот прием.

Правосилното решение на Управниот суд, донесено по тужбата, е основа за запишување, промена и бришење на податоците во избирачкиот список.

Контакт информациите од подрачните единици на ДИК можете да ги најдете ТУКА.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција