Вакцината против Ковид-19 не е смртоносна за лицата постари од 65 години

На социјалните мрежи се шири информација според која како резултат на вакцинацијата „над 90 проценти од лицата постари од 65 години ќе починат“. Ова тврдење не само што е невистинито, туку истовремено е и вознемирувачко за јавноста. Лицето кое го изнесе ова тврдење е контроверзна личност кое се занимава со конспирациски теории и кое нашло простор за изразување во некои медиуми. Ваквите тврдења лекарите ги сметаат за злонамерни и за начин на замаглување на вистината.

Рецензираната содржина е медиумски производ споделен на социјалните мрежи на 15 мај 2021 година. Содржината на написот е заснована на коментарите направени од Алфред Цако при гостување во една телевизиска емисија. Во неа се тврди дека вакцината против Ковид-19 ќе убие 90 проценти од луѓето над 65-годишна возраст.

Написот кој има многу технички и правописни грешки започнува со зборовите:

Над 90 проценти од луѓето над 65 години кои се вакцинирани ќе починат, вели Алфред Цако. Во емисијата „Квадратен круг“ на Топ Чанел, Цако рече дека 6 лица починале веднаш штом ја примиле вакцината. СО КЛИКНУВАЊЕ НА РЕКЛАМНИОТ ПРОСТОР ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ, ИМАТЕ МОЖНОСТ ДА ЈА ПРОЧИТАТЕ ЦЕЛОСНАТА ВЕСТ.

Како појаснување мора да нагласиме дека Алфред Цако е контроверзна фигура од Албанија, на кого, поради одредени медиумски интереси, му е даден медиумски простор за да зборува за глобалната пандемија со Ковид-19. Коментарите на Цако не се засновани на проверени научни извори, туку на конспиративни теории. Ова не е прв пат коментарите на Алфред Цако да создат конфузија во јавноста.

Вистиномер.мк и претходно поби разни написи споделени на социјалните мрежи и засновани врз конспиративните теории на Цако.

Со оглед на дезинформациските содржини што се споделуваат на социјалните мрежи, лекарите апелираат до граѓаните да им веруваат само на научните факти, а не на вестите што ги шират ирелевантни лица.

„Сите треба да бидеме свесни дека пронаоѓањето на вакцината беше тоа светлото на крајот на тунелот на пандемијата со Ковид-19. Целта на вакцинацијата е да се заштити населението пред се од сериозни белодробни заболувања и коронавирусот да се претвори во обичен сезонски грип “, изјави лекарот Адхурим Фазлиу.

Доктор Фазлиу ги нарекува злонамерни „вести“ тврдењата дека вакцината ќе убие 90 проценти од населението постаро од 65 години. За нашата редакција лекарот потврди дека не постои ниту еден научен извор што го поддржува ваквото тврдење.

Затоа, веста дека наводно 90 проценти од населението постаро од 65 години ќе умре, е целосно невистинита и злонамерна. Нема научен извор што ги потврдува ваквите вести и кај луѓе кои биле вакцинирани има само неколку изолирани случаи со фатален исход. Ние мора да веруваме во научни факти, а не во неосновани сензационални вести кои ја изобличуваат и замаглуваат вистината.

Целта на вакцината

Вакцините против Ковид-19 не се експериментални. Тие ги поминале сите потребни фази на клиничките испитувања. Широкото тестирање и мониторирање покажа дека овие вакцини се безбедни и ефикасни. Целта на било која вакцина против ковид 19 е да го подготви имунолошкиот систем на вашето тело да произведува честички кои ќе се борат против инфекцијата, познати како антитела, кои можат да го нападнат токму вирусот Сарс Ков 2 или било која од неговите состојки. За да се постигне оваа цел,при обработката на вакцината се користат различни научни методи.

Во последниот дел од написот се  дава една апсурдна теорија дека се планира селекција на луѓе кои „не треба повеќе да живеат“.

Тврдењето е следното:

„Пред да ја примите вакцината, мора да се потпишете. Таа има сериски број. Направени се компјутерски пресметки колку долго ќе се остави некој да живее, постар од 65 години, не ни треба повеќе. Погледнете го видеото во продолжение: ”

Што знаеме за ефикасноста на вакцините?

Научните студии  покажуваат дека вакцините против ковид 19 се ефикасни во спречување на инфекцијата со ковид 19. Примањето на било која вакцина ги ублажува симптомите на вирусот дури и во случаи кога вакцинираното лице ќе се разболи со ковид 19.

Вакцините против ковид 19 го учат нашиот имунолошки систем како да го препознае и да како да се бори против вирусот што ја предизвикува болеста. По вакцинирањето, на организмот обично му се потребни 2 недели за да развие заштита (имунитет) од вирусот што предизвикува ковид 19. Луѓето се сметаат за целосно вакцинирани 2 недели по примање на втората доза на вакцината.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција