Вељановски навистина менувал точки и прекинувал седници

Примери од минатото спротивни на денешната пракса. Фото: скриншот

„Вистиномер“ ги провери наведените стенограми од двете посочени седници и утврди дека Велјановски постапил точно како што наведува Шилегов

 

 

Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов при процедурална расправа на конститутивната седница на Собранието на РМ на ден 10.04.2017 посочи примери од порано кога Трајко Вељаноски постапил спротивно од она што сега тврди дека не му е дозволено со Деловникот, а примерите ги оценуваме како вистина:

Ова е втор ден од процедуралните забелешки од еден предлог заснован на член 78 од Деловникот за работата во Собранието, за кои што Вие (Трајко Вељаноски – н.з.) одбивате, спротивно на истиот деловник, да го ставите на произнесување како би можеле да се произнесат пратениците, повикувајќи се на непостоечки одредби од деловникот, дека такво нешто не пишувало. Ова ви е стенограмска белешка од првото продолжение на 123-тата седница на Собранието на РМ, одржана на 12 октомври 2016 година – пример сличен на денешниот. После гласањето по точка еден, вие лично (Вељаноски), велите: Сега ме известија дека заменик министерот е отсутен и ќе дојде за 10 минути. Преминуваме на точка 3. Значи сте ја скокнале точка 2 и истата сте ја ставиле на крајот од седницата…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов, дискутирајќи во врска со процедурални прашања од конститутивната седница на Собранието, изнесе два примера на недоследност на сегашното одбивање на претседавачот Трајко Вељаноски, кој во минатото дозволил, а сега одбива да стави на гласање предлог на 20 пратеници да се премине на друга точка од дневниот ред – избор на Претседател на Собранието на РМ.

Проверката на „Вистиномер“ на зборовите на Шилегов, потврди дека неговиот исказ е вистина.

Шилегов наведе два примера – едниот цитиран погоре, а вториот беше од 109-тата седница на Собранието одржана во јули 2016 година. И во двата примера, седниците на Собранието се воделе по сегашниот актуелен Деловник и се доказ дека Вељаноски како претседател на Собранието, без да се исцрпи дискусијата по одредена точка од дневниот ред, или преминувал на друга точка, а не на следната по редоследот утврден пред седницата или, пак, како во вториот пример, ја прекинал тековната седница и закажал сосема друга, а тековната била оставена да биде продолжена при крајот на денот.

„Вистиномер“ ги провери наведените стенограми од двете посочени седници и утврди дека Велјановски постапил точно како што наведува Шилегов. Еве ги цитатите од стенограмските белешеки од прекинатата 109-та седница за да се започне со нова, по паузата:

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Пратеникот не е задоволен од одговорот и нема дополнително пратеничко прашање.

Колеги пратеници, ве молам.

Тука прекинувам со оваа седница
Со оваа седница ќе продолжиме во 15,30 часот, а за 10 минути со новата седница што ја закажав.

Благодарам.

(пауза)

Следуваат стенограмските белешки од прво посочената 123 седница, каде се прескокнува точката 2 од дневниот ред и се преминува на точка 3:

Сега службите ме известија дали министерот или заменикот министер, ќе дојде за 10 минути.

Ќе преминеме на третата точка. Минуваме на точка 3 – Предлог закон за изменување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка – второ и трето читање, од пратениците Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов ,…

…(По паузта)

Трајко Вељаноски: Продолжуваме со работа.

Минуваме на точка 2 – Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка – второ и трето читање.

Проверката потврди дека станува збор за активност правена во минатото, за која денеска се тврди дека не е демократска, ниту деловничка. Според толкувањето од Вељаноски и од ВМРО ДПМНЕ, Деловникот во точка 80 пропишува дека се преоѓа на друга точка од дневниот ред откако ќе се исцрпи дискусијата по претходната. Но, како што може да се види од посочените само два примера од лани, оваа точка од деловникот била „прекршувана“ со одлуки на претседавачот и тоа не било проблем за никого, бидејќи образложенијата биле или „заменикот министер не е тука, ќе дојде за 10 минути“ или „сега ја прекинувам оваа седница а по паузата ќе продолжиме со новата седница што ја закажав…“ А, ваквите образложенија тогашниот претседател, а сега претседавач, барем за случајот со прекинатата седница 109, веројатно ги поткрепувал од член 81 од деловникот:

Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно.

СДСМ, пак, се повикува на, исто така, јасна одредба во членот 78, став два, кој овозможува промена на дневниот ред ако за тоа има барање поткрепено со 10 пратенички потписи и ако тоа го изгласа мнозинството присутни пратеници.

Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник кои го поддржуваат најмалку  десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точките од дневниот ред  што се меѓусебно поврзани.

Претседавачот со оваа конститутивна седница, засега не дозволува гласање за предлогот да се прекине расправата по точката од дневен ред за конституирање на Комисијата за избори и именувања, која од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се користи за попречување на работата со бескрајни излагања, реплики на излагањата и контрареплики и да се премине на точката 4 за избор на Претседател на Собранието, врз основа на предлогот утврден од најмалку 20 пратеници, тоа да биде Талат Џафери од ДУИ, за што параламентарното мнозинство тврди дека има најмалку 61 пратеник како поддршка.

Да заклучиме – Изјавата на Шилегов во однос на поинаквото однесување на Вељановски во минатото, а врз основа на истиот овој Деловник, е вистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција