Веста е сатирична, новинарот Такер Карлсон не преминува во ТВ мрежата Еј-би-си

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Објавата пренесува вест дека американската ТВ мрежа Еј-би-си потпишала договор со новинарот Такер Карлсон за 400 милиони долари, за тој да биде замена за нејзиниот водител и политички коментатор Џими Кимел. Но, веста е пародија, а судејќи по коментарите под објавата, некои читатели тоа не го сфатиле

Објавата пренесува вест дека американската ТВ мрежа Еј-би-си потпишала договор со новинарот Такер Карлсон за 400 милиони долари, за тој да биде замена за нејзиниот водител и политички коментатор Џими Кимел. Но, веста е пародија, а судејќи по коментарите под објавата, некои читатели тоа не го сфатиле

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Јанко јади Бурек на апарати!

Тоа е најверојатно шега на сметка на Јанко Илкоски, познат како водител на ТВ емисијата „Јади бурек“, а во објавата е вметнат скриншот од некој веб-сајт, поточно од вест во врска со американскиот водител Такер Карлсон, познат по својата емисија на ТВ каналот Фокс.

Во веста е наведено дека американската ТВ мрежа Еј-би-си потпишала договор со Карлсон за 400 милиони долари, за тој да биде замена за нејзиниот водител и политички коментатор Џими Кимел.

Кимел важи за либерал и за наклонет кон актуелниот американски претседател Џо Бајден и неговата Демократска партија, а таква наклоност им се припишува и на Еј-би-си. Карлсон, пак, важи за конзервативец и за поддржувач на бившиот претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп и неговата Републиканска партија, а ТВ каналот Фокс, кајшто Карлсон се прослави, има иста таква наклонетост. Кимел повеќепати го има исмејувано Карлсон во својата ТВ емисија, а примери за тоа има: тука и тука.

Судејќи по коментарите под објавата, која сега ја рецензираме, таа збунила некои од читателите, па еден од нив напишал (пренесуваме во оригинална форма):

Kaj be go najde ova? Nigde nema vesti

Друг читател искоментирал:

Како брзо се менуваат работите

А на тоа, друг се надворзал со следниве зборови:

Се гледа победа на избори

Меѓутоа, веста не е вистинита, а овие читатели како да биле доведени во заблуда дека Еј-би-си ја менува својата политика, затоа што многумина на Трамп му прогнозираат победа на претстојните избори (или барем тоа е впечатокот од овие коментари). Во реалноста, ништо не се менува, а веста е најобична шега, но некои просто не ја сфатиле, па добро е тоа да се објасни.

Скриншотот, всушност, е изворно објавен на Фејсбук-страницата Спејс-икс фенклаб, која е поврзана со сајтот Еспотс, кајшто исто така е објавена таа „вест“, а тие се специјализирани за сатира и пародии и токму од нив започнала оваа приказна.

Иако ваквите медиуми фактички шират невистинити вести, тие не се сметаат за злонамерни и дезинформаторски. Фактот дека она што го објавуваат е сатира или пародија тие отворено го признаваат во своите импресуми или на дното на секоја вест. Најпознат таков сајт е Онион, чиј назив на англиски значи кромид, што некои кај нас го користат за опишување на таквите сатирични или пародични вести без разлика од каде доаѓаат.

Во горниот лев агол на скриншотот пишува:

RATED SATIRE

Во превод:

ОЦЕНЕТО КАКО САТИРА

Овој израз е типичен за проверувачите на факти какви што се и Вистиномер, при што една од рејтинг опциите е и сатира. Спејс-икс фенклаб додаваат таков натпис врз илустрациите кои ги објавуваат, со штостанува јасно дека тие се само шеги. Но, за жал, не секој го забележува тој детал, па сметавме дека тоа треба да се објасни.

Со рецензирање на оваа „вест“ се позанимавал и сајтот за проверка на факти Сноупс. Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како сатира.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција