Ветувањата за Коридорот 8, гасификацијата, аерозгадувањето не се исполнети, но не стојат на „мртва точка“

Фото: vmro-dpmne.org.mk

Да, „Скопје се гуши“, но, Скопје не се задушува само овие 3-4 години, туку години наназад, повеќе од една деценија. Факт е дека досега ниту ниту една влада, ниту една локална власт, не се претргнаа многу на овој план. Коридорот 8 и гасификацијата не се реализирани, но не е точно дека тапкаат во место. Правдата се движи со чекор на желка, ама не е вистина дека се спроведува политички прогон. Не е точно ниту тврдењето дека  ништо не е направено за еколошки транспорт во Скопје, од јули  на градските линии почнаа да сообраќаат нови екоавтобуси на гас. Донации за лекување од ковид-19 навистина се собираат, ама се работи за лекување во приватни болници, а не за болниците во јавното здравтсво

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Откако премиерот Зоран Заев  го презентираше (21.12.2020) владиниот план „Акција 21 – европски стандарди дома“, Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ја даде следната изјава во која се забележуваат полувистини:

Зоран Заев денеска ги повтори истите ветувања, со кои дојде на власт во 2017 година. Сето она што го вети дека ќе го реализира во неговиот прв мандат, не е реализирано и го ветува и сега.

  1. Заев го вети Коридорот 8, уште пред да дојде на власт, 4 години немаме никаков напредок на градежните активности на истиот.
  2. Заев вети гасификација, 4 години процесот тапка во место, уште не е реализирана ниту примарната гасоводна мрежа, а требаше да се пристапи кон секундарната и терцијалната.
  3. Заев вети реформи во судството, а наместо реформи го зароби судството и спроведе невиден политички прогон.
  4. Зоран Заев ветуваше чист воздух веднаш, 4 години подоцна додека Скопје се гуши, Заев ветува чист воздух повторно.
  5. Заев вети еколошки транспорт во Скопје, 4 години ништо не направи.
  6. Заев вети бесплатно здравство, а луѓе преку СМС пораки се уште собираат донации за лекување, дури и од КОВИД.

Зоран Заев ги даде истите ветувања, со кои ги доби изборите во 2017 година, истите тие ветувања Заев во ново пакување им ги сервира на граѓаните повторно мислејќи дека ќе му ја купат лагата.

[Извор: Официјална веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, Тајм.мк ,  датум: 30.10.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на членот на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска,  е делумно точна.

Имено, таа посочува шест ветувања на СДСМ од претходните парламентарни избори (декември 2016 година) и тврди дека сега „истите тие ветувања Заев во ново пакување повторно им ги сервира на граѓаните  во планот на Владата за следната година, наречен „Акција 21“.

Во „Планот за живот во Македонија“, со кој социјалдемократите ја бараа довербата од граѓаните во 2016 година, навистина ги има овие ветувања, кои се споменуват на различни места во пограмата како проекти коишто биле предвидени за реализација во периодот 2016 -2020 година, односно претходниот мандат на власта предводена од СДСМ. Но, не е точно дека ништо од ветеното во овие шест точки не е остварено. Споменатите ветувања  не се целоно остварени, ама сепак, во изминатиот периодот од  31 мај 2017 – кога беше избрана првата Влада на чело со Заев,  до јули 2020 година – кога се одржаа предвремените парламентарни избори, направени се чекори во насока на нивна реализација.

 

КОРИДОР 8

Прво, за Коридорот 8 – еден од десетте паневропски сообраќајни коридори, којшто го поврзува Јадранско Море со Црно Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, со вкупна должина помеѓу 1220 и 1350 км, во зависност од специфичните особености на неговите патни и железнички траси.

Во декември 2016 година СДСМ во „Планот за живот во Макдеонија“ вети завршување на Коридор 8 :

(западен дел) Гостивар – Кичево, Требеништа – Струга – Ќафасан ; ( стр.74 и 195, 196)

(источен дел) Романовце – Крива Паланка – Граница со Бугарија (прва фаза експресен пат); ( стр.74 и 191)

Довршување на реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце (Коридор 8); (стр.76 и 191, 193, 246, 255)

Изградба на нова пруга од Бељаковце до Крива Паланка (Коридор 8); стр.193

Изградба на нова пруга од К. Паланка до Деве Баир (Коридор 8); стр. 193

Факт е дека претходната Влада не успеа да го реализира овој амбициозен инфраструктурен проект, ама не е точно тврдењето дека 4 години немаме никаков напредок на градежните активности на истиот“, како што тврди Димитриеска-Кочоска

Иако не е исполнета изборната проекција на СДСМ, сепак, на трасата од Коридорот 8 се работи – во тек се реконструкции, но и изградба на нови делници. Во моментот течат градежните работи за реконструкција и проширување на патниот правец Крива Паланка – Деве Баир. Според официјално соопштените податоци, само во делот кон Бугарија, на патниот Коридор 8 сега се инвестираат околу 90 милиони евра, кои треба да  овозможат до 2022 година да имаме нова патна врска кон нашиот источен сосед.

Конкретно кон Бугарија, го рехабилитиравме автопатот од Скопје до Куманово, во тек е рехабилитација на патниот правец од Куманово до Страцин, го завршивме патниот правец од Ранковце до Крива Паланка, а во меѓувреме се гради нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. И на крај, ја рехабилитираме токму оваа делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на крајот на минатиот месец.

Исто така, Бочварски кажа дека во делот кон Албанија, за патниот Коридор 8 во моментов се врши проектирање на нов автопат од Гостивар до Кичево, продолжува изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а заврши проектирањето на планираната рехабилитација на патот од Струга до граничен премин Ќафасан.

Што се однесува до пругата кон Бугарија, нејзината изградба запре пред повеќе од шест месеци, (29 мај 2020), кога германската компанија „Вибе“, како изведувач на делницата Куманово-Бељаковце, долга 30,8 километри, го раскина договорот со инвеститорот Јавното претпријатие Железници на РСМ -Инфраструктура. Од ова Јавно претпријатие за „Мета.мк“ изјавија (03.09.2020) дека се реализирани 55 отсто од физичките работи на терен.

Објектите од долниот строј (темели и столбови) се изведени на поголемиот дел од надвозниците, подвозниците и мостовите. Изработени се, но не се монтирани носачите за сите надвозници, а останува да се изведат носачите за подвозниците и за мостот на реката Пчиња, како и комплетно да се заврши горниот строј на поголем дел од објектите. Единствениот тунел кој беше дел од овој проект е завршен. Објектите од високоградба, станични згради, магацин, простории за сигнализација и телекомуникација се завршени до фаза на затворена карабина, пишува во анализата на „Мета.мк“

Министерот Бочварски неодамна, претставувајќи го буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година, соопшти дека  наредната година со распишување на еден тендер ќе се бара изведувач и за делницата од Куманово до Бељаковце и за делницата од Бељаковце до Крива Паланка.

Реализацијата на овој проект, инаку, почна во март 2014 година, во време на претходната власт – (предводена од ВМРО-ДПМНЕ). Реконструкција и изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше најнапред во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.79), со која  излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа и за предвремените избори во 2014 година во програмата „Проверено“ (стр.67).

 

ГАСИФИКАЦИЈА

Заев вети гасификација за повеќе општини во државата и тоа може да се види  во „Планот за живот во Макдеонија“ (стр.82, 165, 200,205, 257). Тој досега не е реализиран, но не е вистина дека 4 години процесот тапка во место“.

Овој процес не е застанат на „мртва точка“, во завршна фаза се изградбата на кракот Неготино – Кавадарци – Прилеп до Битола и кракот од Скопје преку Тетово до Гостивар.

Директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи во разговорот за „Мета.мк“ (мај 2020 г.) кажа дека делницата Неготино – Битола, е скоро 90 проценти изградена, а делницата, Скопје-Тетово-Гостивар има помала реализација, поради застои предизвикани од решавањето на имотно-правните односи.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, нодамна по средбата со директорот на НЕР, Реџепи (26.11.2020), кажа дека паралелно со изградбата на примарната гасоводна мрежа оди и процесот за избор на компанија, која по принцип на јавно-приватно партнерство би го градела, одржувала и управувала дистрибутивниот систем.

На овој начин истовремено би се работело на изградба и ставање во функција на примарната и секундарната гасоводна мрежа, а крајна цел е граѓаните и компаниите да добијат диверзифицирани можности за снабдување со енергенси, а со користењето на природниот гас како енергенс би се придонело за заштита на животната средина, заштеда на финансиски средства и поголема кокурентност на компаниите…, изјави Битиќи.

 

ПРАВДА ЗА СИТЕ!

Заев пред да дојде на власт, на изборите во 2016 година се заложи за реформи во судство, правда и правичност за сите граѓани во државата.

На самиот почетокот на „Планот за живот во Македонија“ (стр 3), меѓу петте клучни ветувања е и тоа дека ќе има контрола над власта и правда за сите“:

Секој кој крадел од нас граѓаните, крадел од нашиот живот! Овој План – е враќање на својот живот!

Понатаму во програмата повеќепати (стр. 8, 17, 18, 29, 30, 231) е искажана ваквата определба за „независно, департизирано судство; ефикасна судска заштита за сите и правда достапна до сите.

Но, наспроти ваквите заложби, доминантен  впечаток во јавноста е дека тоа, сепак, не се случи. Иако надежите кај граѓаните беа фокусирани токму на ова ветување, особено отакако по објавувањето на бомбите – прислушуваните разговори (2015 година),  излезе на мегдан криминалот и корупцијата на претходнта владејачка гарнитура, за жал, главните актери не ги стигна правдата. Поранешниот премиер, Никола Груевски, под многу нејасни околности побегна во Будимпешта, токму кога требаше да оди во зтавор. Процесите за другите високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и оној за братучедот на Груевски, ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, се развлекоа со години и нема некакви сигнали дека наскоро ќе има судска завшница со правосилна одлука. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е единствена – од експонираните фигури на тогашниот политички врв на ВМРО-ДПМНЕ, која заглави во затвор.

Во меѓувреме излегоа на површина нови афери, како што е „Рекет“- порвзана со специјлната јавна обвинителка Катица Јанева  и шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13, случај кој доплонително ја разнишаа довербата во правосудството, независно што за него има првостепена пресуда.

Ама, и покрај тоа што правдата едвај се движи со „чекор на желка“, сепак, не е точно тврдењето на Димитриеска-Кочоска дека „Заев го зароби судството и спроведе невиден политички прогон.

Откако по шестмесечни перипретии околу предавањето на власта, летото 2017 година Заев стана премиер, па сѐ до денес, не е забележан  политички мнотиран случај. Да имаше такво нешто тоа сигурно ќе беше нотирано во извештаите за напредокот на земјата на патот кон ЕУ. Во нив има забелешки дека реформите во судството споро се спроведуваат, како и за недоволната посветеност во борбата со корупцијата, но нема ниту збор за прогон на политички неистомисленици.

 

СКОПЈЕ СЕ ГУШИ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА

Една од клучните теми во  „План за живот во Македонија“  е грижата за животна средина и чистиот воздух. За определбата  за здрава животната средина и почитување на еколошките стандарди, може да се прочита на  повеќе места во програмата од 2016 година на СДСМ (стр.7, 17, 75, 81, 98, 114, 115, 143, 144, 227, 253).

Веројтано, намерите на социјалдемократите биле да се стави крај на неконтролираното загадување на воздухот, почвата и водата, сепак на ова поле не е направен некаков исчекор.

Влдата прави одредени чекори во оваа насока, ама тоа не е доволно. Пред две години донесе амбициозен План за чист воздух, со две Програми за намалување на аерозагадувањето, но најголемиот дел од мерките не се ниту почнати со реализација. Документот предвидуваше намалување на аерозагадувањето до 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови. Но, како што пишуваше неодамна Мета.мк, според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, состојбата со аерозагадувањето не е значајно променета во однос на минатата година.

Според годишниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2019 година, скопскиот и северозападниот регион влегуваат во црвената зона на земји со загадување со ПМ 2,5 честички со концентрации над 25 микрограми на кубен метар. Заедно со останатите земји од источна и југоисточна Европа, земјава бележи и над 1.500 смртни случаи на 100.000 жители годишно, како последица од загадениот воздух, што е највисок процент во Европа.

Така што, Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ е во право кога вели дека „Скопје се гуши“.  Но, исто така, факт е дека  Скопје не се задушува  само овие 3 години (или 4  како што брои таа), туку години наназад, вклучувајќи ги и оние 10 од 2006 до 2016г., кога нејзината партија беше на власт.

Факт е и дека досега ниту ниту една влада, ниту една локална власт, не се претргнаа многу на овој план. Ниту, пак, некоја власт може самостојно да го реши долгогодишниот проблем со аерозагадувањето во само еден мандат. А, доколку искрено се сака да се реши ова прашање тоа најпрво треба да се тргне од дневната политика.

 

ЕКО АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ

За предвремените парламентарни избори во 2016 година , во „Планот за живот во Македонија“ , поточно во  предлог приоритетите за локален развој, СДСМ вети: Обезбедување на ефикасен и комбиниран јавен превоз со трамвај, електробуси и автобуси во Скопје- стр.205.

И скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во неговата изборна прграма за локалните избори (октомври 2017 г.):„Живот во Скопје за сите“ (стр.18), даде слично ветување: еколошко и модерно решение за јавниот градски превоз со  електрични автобуси и со автобуси на гас“.

Што се случува со ова ветување?

На 10 јули оваа година на градските линии во Скопје почнаа да сообраќаат новите екоавтобуси на гас на ЈСП-Скопје, произведени од германската компанија MAN. Градските власти информираа дека возачите коишто ги возат новите автобуси на линиите 2, 5, 15 и 57, имаат поминато стручна обука од сертифициран возач од Хрватска. Од Град Скопје тогаш соопштија дека на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и 5 зглобни, исто така, најавија дека набрзо ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси што се дел од договорот што го потпиша Градот за набавка на 33 нови екоавтобуси, односно 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници.

Владата во декември минатата година  ја усвои информацијата за воведување на брз автобуски систем (БРТ) во Скопје т.н. „автобуско метро“, со превозни средства што ќе се движат на електричен или хибриден погон. Неколку месеци по ваквата одлука на Владата, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека ќе го поддржи Градот Скопје во овој проект, преку издвојување на средства од подигнатиот кредит за изработка на Студија за реструктурирање на јавниот автобуски превоз во Скопје.

Во окомври (2020) Мета.мк извести дека Скопската градска власт ги избра проектантите кои ќе го изработат идејниот проект за првата линија на брзиот автобуски систем – БАС (Bus Rapid Transit). Првата линија од „трамвајот на тркала“ треба да се гради на потегот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, ќе биде со приближна должина од 12,81 километри и ќе има 21 автобуска постојка и 2 автобуски терминала.

Во номври Владата го утврди текстот на Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“.Станува збор за кредит од 70 милиони евра за изведба на двете линии од „трамвајот на тркала“.

Првата линија од идниот „трамвај на тркала“ ќе ги спои населбите Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Автобусите ќе се движат по физички одвоена траса, по крајната лева лента на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Јане Сандански“ и „Февруарски поход“ во Ново Лисиче. Автобуските стојалишта ќе бидат на местото на постојното средишно зеленило, а поради ваквата изведба автобусите од почетната до крајната станица би патувале за само 35 минути.Првата транша од кредитот на ЕБОР во висина од 40 милиони евра ќе се издвои за финансирање на првата линија, додека во втората фаза дополнителни 30 милиони евра ќе се инвестираат во изградбата на втората линија од Кисела Вода до Бутел.

Според сето ова, јасно е дека тврдењто на Димитриеска-Кочоска, дека  „Заев 4 години ништо не направи за еколошки транспорт во Скопје, е неточно.

 

ДОНАЦИИ ЗА КОВИД-ПАЦИЕНТИ, АМА ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ

Во „Планот за живот во Македонија“  (стр.7) СДСМ вети дека ќе овозможи квалитетно јавно здравство достапно за сите, во коешто ќе работат стручни и квалитетни лекари:

Ќе обезбедиме целосно бесплатно болничко лекување за  сите осигуреници. За таа цел, ќе ја укинеме партиципацијата за болничко лекување (стр. 7 и 226)

Бесплатното болничко лекување за сите коешто  беше најавено од страна на здравствените власти, а требаше да почне да важи од први јануари минатата година (2019), не се реализираше во целост. Напроти ветувањето дека ниту еден пациент веќе нема да плаќа партиципација за услуга што ја добива во болница, нема бесплатно болничко лекување за сите болни.

Наместо тоа, од партиципација се ослободуваат одредени групи на граѓани. Како што во една прилика појасни Филипче, во остварување на ова ветување се оди чекор по чекор, „ослободени се пензионерите кои имаат потпросечни примања, започнавме со децата до 18 години чии родители примаат социјална помош, а сега и родителите…“ 04.01.2020г –(од 0 до 0,25 минута од видеото).

Така што, лекувањето не е бесплатно за сите, туку само за одредена група граѓани и тврдењето на Димитриеска-Кочоска во овој дел е делумно вистинито.

Таа тврди и дека луѓе преку СМС пораки сè уште собираат донации за лекување, дури и од КОВИД“. Но, тоа не е баш така. Донации за лекување од ковид-19 навистина се собираат, најчесто се бара помош преку социјалните мрежи, ама се работи за лекување во приватни болници, а не за болниците во јавното здравтсво. Ниту Инфективната клиника, ниту болниците низ државата кои згрижуваат ковид-пациенти, не наплаќаат пари за лекувањето од коронавирус.

Имајќи ја предвид сета оваа аргументација, изјавата на членот на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Гордна Димитриеска-Кочоска,  гледано во целина по сите шест точки,  ја оценуваме како полувистина

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција