„Вистината“ на Даштевски – Имало дестабилизација заради промена на името

Целта била промена на името, тврди Даштевски. Фото: скриншот

 

Александар Даштевски, еден од првите луѓе на собирите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, изјави:

Никако не смее да се дозволи во Македонија, која 25 години има либерална демократија, некој да дојде на власт без избори, односно да ја дели власта без избори и не постојат никакви услови за некаква преодна, техничка Влада на национален спас, Владата може да ја избере само народот на Македонија, а гледаме дека тој дава перманентна и голема поддршка и бара избори на 5 јуни. Ќе порачаме дека не се работи тука ни за одлуката на претседателот, ниту пак за непрочистен избирачки список, за тоа ДИК одлучува, а ДИК одлучи дека е прочистен избирачкиот список, никогаш не сме имале подобри услови за избори во историјата на Македонија. СДСМ прво се плаши од нискиот рејтинг и огромен пораз на изборите, а тоа е позадината зошто се бара дестабилизација на Македонија и промена на името.

[Извор – ТВ НОВА – Датум, 20.04.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Зборувајќи за телевизија Нова на 20.04.2016 година, Александар Даштевски, еден од поекспонираните претставници на ГДОМ, даде изјава која е невистинита во неколку аспекти, а е поврзана со одржувањето на следните избори во Република Македонија, со исполнувањето на Договорот од Пржино и со можноста со земјата да управува техничка или преодна влада.

Првиот дел од изјавата на Даштевски гласи: Никако не смее да се дозволи во Македонија, која 25 години има либерална демократија, некој да дојде на власт без избори, односно да ја дели власта без избори и не постојат никакви услови за некаква преодна, техничка Влада на национален спас, Владата може да ја избере само народот на Македонија, а гледаме дека тој дава перманентна и голема поддршка и бара избори на 5 јуни.

Даштевски зборува невистина и спинува дека некој бара да дојде на власт без избори. Тоа никој и никогаш не го изјавил од страна на која било политичка партија во Македонија во текот на актуелната криза, од почетокот на минатата година до денес. Вториот дел од реченицата е дека не постојат никакви услови за некаква преодна, техничка влада на национален спас. Тоа едноставно не е точно во дадениот момент на изјавата.

Република Македонија е во сериозна и длабока политичка криза во која најголемите стравувања на домашните политичари и експерти се дека може да дојде до судири на улици од интраетнички, но и од интеретнички – аспект. До ова доаѓа откако по одложувањето на планираните вонредни избори на 24 април, се донесе одлука тие да се презакажат на 5-ти јуни, секако со претходно исполнување на обврските од Договорот од Пржино. Една од обврските од Договорот од Пржино е непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство(СЈО),  додека со аболицијата што ја донесе претседателот Ѓорѓи Иванов и со најавата дека и во иднина ќе аболира случаи опфатени со истраги што ќе произлегуваат од прислушкуваните разговори, се прави директен упад во владеењето на правото и расчистување на главната непознаница во целата криза – кој прислушкувал и дали тоа што се зборува во снимките е точно. Постојат и други прекршувања на Договоорт од Пржино, а и самиот Иванов кажа дека состојбата во земјава била критична, имало закани и за ликвидации, па постоеле странски заговори, итн.

Оттука, секако дека уште сега постојат услови за формирање на преодна, техничка влада на национален спас, бидејќи сегашната е само техничка со цел обезбедување услови за спроведување избори. Да потсетиме, Македонија во услови на длабока криза предизвикана од воените дејства во 2001 година, во мај истата година, преку институционален пат легализираше таква мешовита влада на национален спас (иако не се викаше така) и таа функционираше до завршрување на кризата..

Вториот дел од изјавата на Даштевски кој што е невистинит гласи: „…никогаш не сме имале подобри услови за избори во историјата на Македонија. СДСМ прво се плаши од нискиот рејтинг и огромен пораз на изборите, а тоа е позадината зошто се бара дестабилизација на Македонија и промена на името“.

Вистината е дека никогаш не сме имале полоши услови за одвивање и спроведување на избори, затоа што поради неспроведување на Договорот од Пржино во целост, како разумен пат за излез од политичкатта криза, во Мкедонија постои огромна поделеност на населението по политичка основа. Во таква поделеност и со медиуми од кои добар дел продолжуваат со кршење на основните принципи за вистинито информрање и со се помасовна употреба на дискриминациски и хушкачки говор на омраза, не се препорачливи какви било извори, а камо ли да се оцени дека станува збор за најдобри услови за избори во историјата на Македонија. За непоткрепеноста на изјавата за причините зошто СДСМ барала дестабилизација и промена на името, не треба посебно да се објаснува. Ваквите обвинувања се константа во настапите на челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, на експертите блиски до нив, на шефот на државата и секогаш се без поткрепа која би била разбирлива за пошироката јавност.

Поради горенаведените причини изјавата на Даштевски ја сметаме за невистина.

 

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција