Владата ги надминува ингеренциите околу МРТ и ААВМУ

Официјалните мислења за годишните извештаи на АВМУ и МРТ се работа на Парламентот, не на Владата. Фото: Влада на РМ, фото колаж: photofunbox

Праксата Владата да се произнесува за годишни извештаи за работа на медиумскиот регулатор или на МРТ е нешто што може или се подразбира како притисок и можност за загрозување на независноста и на Јавниот сервис или регулаторното тело. Според експертските толкувања и соодветниот закон што ја регулира оваа материја, Владата треба да се воздржи и да ја остави оваа работа исклучиво на Собранието

 

Праксата Владата да се произнесува за годишни извештаи за работа на медиумскиот регулатор или на МРТ е нешто што може или се подразбира како притисок и можност за загрозување на независноста и на Јавниот сервис или регулаторното тело. Според експертските толкувања и соодветниот закон што ја регулира оваа материја, Владата треба да се воздржи и да ја остави оваа работа исклучиво на Собранието

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Владата на Република Македонија, најблаго речено, малку ги надминала ингеренциите што ги има во однос на Јавниот радиодифузен сервиси и Агенцијата за медиуми и на својата 69. Седница oдржана на 23.05.2018 година, донела заклучок да му даде на Собранието негативно мислење околу годишните извештаи за работата на ААВМУ и на Македонската радио телевизија (МРТ) за 2017 година. Заклучокот во соопштението беше претставен вака:

По однос на годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за истата година, Владата на Република Македонија на седницата одлучи на Собранието да му даде негативни мислења.

Овој заклучок за надминување на ингеренциите произлегува од проверката на законските решенија и други облигаторни текстови на меѓународни тела, од одговорот што го добивме од Владата, од мислењата од Регулаторот, од ставот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од независен експерт по ова прашање.

Патем, на Владата ова не ѝ е прв пат. Таа уште минатата година на една од своите седници, 45-тата, донесе ист ваков негативен заклучок во однос на Годишната програма за работата на МРТ за 2018 година и за финансискиот план за 2018 година, по што Собранието со позитивно мислење од надлежната комисија и со 59 гласа за, гласаше за Предлогот за Финансиската програма на МРТ за 2018 година.

Тогаш Владата се впушти во квалитативни оценки околу тоа што треба да содржи Годишната програма за работа, т.е. даде мислење дека во Програмата треба да се наведат таксативно начините како ќе се исправеле забелешките што се содржеле во извештајот на Прибе и на ЕУ:

 

Дел од мислењето на Владата упатено до Собранието на почетокот од 2018 г. година
Дел од мислењето на Владата упатено до Собранието на почетокот од 2018 г. година

 

ЗАКОНОТ Е ЈАСЕН – СОБРАНИЕТО Е ЕДИНСТВЕНАТА АДРЕСА

Не навлегувајќи воопшто во материјална расправа дали извештаите на овие две тела се квалитетни, веродостојни, вистинити или не, суштинското прашање е следно: дали Владата на РМ има вакви ингеренции?

Проверувајќи ги законите, одговорот се чини негативен. Имено, и Законот за ААВМУ, каде што е регулирана и Македонската радио телевизија, па дури и Законот за МРТ (од 1998 г. кој не е во сила), јасно кажуават дека годишните извештаи ги разгледува Собранието на РМ. Таму нема одредба ни дали Собранието ги усвојува или ги одбива – само ги разгледува, со исклучок за финансискиот план за МРТ за следната година.

Еве што се наведува во Законот за ААВМУ во врска со одговорноста, т.е. отчетноста на работата на Агенцијата во член 8, став 1:

Агенцијата за својата работа дава отчет пред Собранието на Република Македонија со доставување на извештај за својата работа.

Во член 106 од истиот Закон се наведуваат должностите на МРТ. Во ставот 1 се наведува следното:

МРТ е должна да донесе годишен извештај за работата во претходната година и Годишна програма за работата во наредната година.

Во ставот 5 од истиот член јасно е назначена адресата:

Годишниот извештај за работата во претходната година МРТ е должна да го достави до Собранието на Република Македонија на разгледување најдоцна до 31 декември во тековната година…

Дури и во Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радио телевизија од 1998 година, во членот 18 за обврските на генералниот директор, се наведува:

Еднаш годишно доставува извештај за работењето на МРТ на Собранието на Република Македонија;

Впрочем, во актуелниот и важечкиот закон јасно се наведува дека Република Македонија е основач на МРТ и дека МРТ како јавен радиодифузен сервис е независен од кој било државен орган, друго јавно правно лице, друго трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив (член 104 Закон за ААВМУ).

 

ВЛАДА: СОБРАНИЕТО БАРАШЕ ОД НАС МИСЛЕЊЕ

Упативме прашање до портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, за став на Владата околу прашањето за правната основа, односно  врз која правна основа Владата носи став и заклучок за годишните извештаи на ААВМУ и на МРТ и му дава на Собранието на РМ мислења? Одговорот во суштина беше „врз деловник“. Ви го презентираме одговорот во целост:

Согласно деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, Собранието испрати до Владата на Република Македонија материјали по кои бара мислење од владата за годишните извештаи на ААВМУ и на МРТВ.

Откако се примени материјалите, Владата на Република Македонија ги подели истите согласно деловникот за работа на Владата на Република Македонија до надлежните ресорни министерства кои откако ги разгледаа материјалите испратија негативно мислење до Владата на Република Македонија.

Владата ги разгледа сите пристигнати мислења и констатации од надлежните ресорни министерства и испрати предлог мислење до Собранието на Република Македонија со цел Собранието да го има предвид при носење на одлука.

Имајќи ги предвид негативните мислења од неколку надлежни министерства (Министерство за финансии и Министерство за информатичко општество и администрација), Владата на Собранието му даде негативно мислење во однос на извештаите за МРТВ И АВМУ. Владата на РМ смета дека токму овие извештаи се уште една потврда за неопходноста за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.

За подетални информации околу мислењата на горенаведените министерства ве охрабруваме да ги контактирате лицата задолжени за односи со јавност во министерствата.

Охрабрувањето го зедовме сериозно и официјално упативме прашања до двете министерства. Одговор не добивме.

 

ТРАЈЧЕВСКИ: ВЛАДАТА НЕМА ПРАВО

Барајќи ги одговорите за специфичниот заклучок на Владата околу годишните извештаи за работата на МРТ и ААВМУ, го прашавме првиот човек на медиумскиот регулатор, Зоран Трајчевски, што мисли за тоа. Одговорот беше изрично не, во смисла дека Владата нема такви надлежности:

Владата, ако сака, може да разгледува и годишен извештај за работата на регулаторнот тело во Португалија, вели Трајчевски. Но, Владата нема такво право да дава мислење, особено не генерално мислење и заклучок за Годишниот извештај за работата на ААВМУ. Владата, на барање на Собранието може да донесе мислење или препорака до Собранието за дел од извештајот… На пример, се случило порано, мислам пред година-две, да донесе мислење дека сме имале големи трошоци за плати или дека сме пресметале плата за една раководна позиција во Агенцијата, а не сме требале, на што ние имавме поинаков став …Значи, Владата може да даде мислење, став, препорака за дел од од извештајот, бидејќи Собранието нема стручни служби за сите прашања – може да побара од Владата мислење, став, препорака за одредени делови од Извештајот. Но, Владата да донесе став и тоа генерален за целиот Извештај, како што е тоа презентирано во нивното соопштение, тоа нема право – вели Трајчевски.

Освен тоа, од Агенцијата за медиуми велат дека досегашната пракса била Собранието само да ги разгледа извештаите, а не да ги прифаќа или да ги отфрла.

 

ЗНМ: МРТ И ААВМУ НЕ СЕ ВЛАДИНИ ИНСТИТУЦИИ

Поставивме прашање за став околу ваквиот заклучок на Владата и до Здружението на новинари на Македонија. Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, вели дека Владата немала право да дава мислење, дури и ако има барање до неа од Собранието:

Негативната оценка на Владата за работата на МРТ и Агенцијата за медиуми како незвисни институции покажува дека продолжува старата практика од претходниот режим, кога јавниот сервис и медиумскиот регултор се третираат како владини институции.

Незамисливо е во демократска и европска земја, МРТ да има третман на јавно претпријатие како „Македонски шуми“ или како „Водовод и канализација“. МРТ како јавен радиодифузен сервис има институционална автонимија од сите државни органи и вакви интервенции од Владата во нормални држави се сметаат за директен упад во нејзината независност.

Неприфатливо е владини институции постојано да извршуваат финансиски контроли врз работењето на јавниот сервис. МРТ отчет дава само пред Собранието на Македонија. И да има такво барање од Собранието до Владата за мислење во врска со извештаите за работа на овие институции, таа требаше да се воздржи од давање на било какво мислење. Ако владата сака да изгради различен однос кон МРТ од претходниот режим, вакви упади во иднина не треба да се повторуваат.

Селмани смета дека тука има работа и за Уставниот суд на РМ:

Владата треба да побара од Уставниот суд побрзо да ја разгледа иницијативата за оценување на уставноста на Законот за АВМУ, во кој МРТ се третира како јавно претпријатие. Таквото законско решение час поскоро треба да се измени, со цел во иднина да спречиме слични упади во независноста на МРТ.

Според првиот човек на ЗНМ, Владата во изминатите месеци покажала и дека погрешно ја проценила препораката на ЕУ за финансиска независност, посебно на МРТ, а од друга страна, испоставува барања до јавниот сервис:

Загрижува фактот што Владата ги игнорира препораките на Европската комисија изнесени во последниот извештај за напредокот на Македонија во врска со реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор.

ЕУ препорачува зајакнување на незавиноста на МРТ и на Агенцијата за медиуми, како и долгорочна стратегија за обезбедување финансиска оддржливост на МРТ. Според ЕУ, овие реформи треба да спречат политичко влијание во работата на јавниот сервис.

Со нејзините постапки Владата не само што не ги спроведува препораките на ЕУ, туку оди во спротивен правец, затоа што директно се меша во работата на овие тела и врши притисок врз нивната работа.

Непочитувањето на независноста на МРТ се гледа и во неодамнешното усвојување на информација од Владата за потребата од рестартирање на музичката продукција на МРТ. Ваквиот однос на Владата е неконзистентен. Од една страна вели дека не може да одвои повеќе од 0.7 посто од буџетот за финансирање на МРТ, а од друга страна, бара рестартирање на музичката продукција и покажува интерес да обезбедува дополнителни средства од други извори на Буџетот.

 

ТРПЕВСКА: СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ИМА ЈАСНА ДИРЕКТИВА

Доцент-др. Снежана Трпевска, истакнат експерт комуниколог, се согласува дека Владата нема право да дава вакви видови на мислење:

Извештаите за работата на регулаторното тело и на јавниот сервис треба да се разгледуваат само од страна на Собранието – и тоа првенствено од аспект на остварувањето на јавниот интерес во медиумската сфера. И двете институции треба да работат во интерес на граѓаните и да ги остваруваат своите функции на начин како што се дефинирани во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Расправата за нивното работење треба да се одвива исклучиво од аспект на законитоста во нивното работење и остварувањето на функциите утврдени со закон. Во Законот е јасно утврдено кому му ги поднесуваат извештаите регулаторот и МРТ и пред кого се тие отчетни. Не е прифатливо Владата да дава милење во врска со работата на овие две институции, без оглед што тоа е побарано од страна на Собранието. 

Трпевска појаснува дека ваквиот нејзин став произлегува не само од домашната регулатива, туку и од клучни меѓународни документи кои се однесуваат на регулаторните тела, каква што е препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа:

На пример, Советот на Европа, во клучната Препорака 200023 за независнoста на регулаторните тела од радиодифузниот сектор, главен нагласок става на независноста на овие тела. Во глава III, точка 10, на пример, се вели дека „јавните власти не смеат да го користат овластувањето за донесување финансиски одлуки за да се мешаат во независноста на регулаторнте власти. Покрај тоа, барањето услуги или стручност од националната администрација или од трети страни не смее да влијае врз нивната независност.“

Во Препораката се вели и дека овие тела треба да даваат отчет на јавноста, а контролата врз нивното работење да се остварува исклучиво „a posteriori“ и во поглед на законитоста на нивното работење. На сличен начин европските документи ги дефинираат и принципите за контролата врз работењето на јавните радиодифузни сервиси.

Од мислењата што ги добивме, но особено од законската регулатива, јасно произлегува дека Владата нема право да дава мислења за извештаите за годишната работа на МРТ или регулаторот за медиуми, па и други регулаторни тела, особено во овој чувствителен сегмент – медиуми. Владата, се разбира, може во рамките на своите надлежности да се грижи за сегменти од работењето на МРТ или ААВМУ, да има свој став за одделни сегменти поврзани со нив, да се грижи преку своите органи и тела за законитоста во работењето, па дури и финансииското, а и тоа треба да го прави многу внимателно и со целосна и длабока оправданост, но и според постојниот Закон за ААВМУ и според европските правила, сосема е јасно дека главната адреса за одговорноста и отчетноста на овие тела е Собранието на Република Македонија. Според тоа, праксата Владата да се произнесува за ваков тип извештаи за работа е нешто што се подразбира како можен притисок и можност за загрозување на независноста на Јавниот сервис или регулаторното тело за медиуми.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција