Владата реагираше на изјавата од португалската министерка за македонскиот јазик

Стефан Андоновски. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

ВМРО-ДПМНЕ преку свој висок претставник пласира во јавноста невистина околу реакцијата на Владата на РСМ, односно нејзини претставници кон официјален Лисабон, по изјава на португалска министерка за македонскиот јазик, која го нарече „северномакедонски“

ВМРО-ДПМНЕ преку свој висок претставник пласира во јавноста невистина околу реакцијата на Владата на РСМ, односно нејзини претставници кон официјален Лисабон, по изјавата на португалска министерка за македонскиот јазик, која го нарече „северномакедонски“

 

 

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, зборувајќи на прес-конференција во врска со изјавата на португалската министерка, а поврзана со македонскиот јазик, меѓу другото, ја искажа и следната невистина:

Ова претставува досега неповторен скандал за македонската дипломатија. Понижување од најдрзок вид. И никој од власта не реагира на срамните негаторски изјави за македонскиот јазик. Нема протестна нота од Бујар Османи, нема реакција кон амбасадата на Португалија, нема одбрана на македонските национални интереси, нема ниту изјава за заштита на било која од социјалните мрежи. Целосен молк.

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ-веб сајт/Андоновски, датум: 30.06.2021]

 

Образложение:

Стефан Андоновски, како висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ, се обиде да поентира во полза на својата партија пред јавноста, коментирајќи го однесувањето на претставници на Владата на РСМ во врска со изјавата на португалската министерка за евроинтеграции Ана Паула Закиријаш, околу македонскиот јазик, притоа изнесувајќи невистина.

Делот од изјавата, кој е невистинит се однесува, на наводниот молк, немањето реакција, немањето протестна нота, но и сомневањето дека квалификацијата „северномакедонски јазик“ што ја изговорила министерката, е наводно дел од португалскиот предлог за разрешување на спорот што го наметна Бугарија кон земјава и врз чија основа Софија става вето на европските аспирации на Северна Македонија.

Речиси во исто време со прес конференцијата на Андоновски, каде тој тврди дека настанал скандалозен молк и од Зоран Заев и од Бујар Османи и од дипломатијата по изјавата на министерката, на прес конференција се огласи Никола Димитров, вицепремиерот за европски интеграции во македонската влада, кој јасно кажува дека земјата вложила протест и изразила незадоволство околу изјавата:

Во јавноста често има еден вид збрка во однос на дипломатските реакции кога ќе имаме вакви поводи. Вчера на неколку нивоа јас лично разговарав со Лисабон, МНР исто, министерот Османи исто. Во дипломатската комуникација битно е јасно да си го изразите ставот, да изразите протест, негодување. Сето тоа е направено неколкукратно во текот на вчерашниот ден. Тоа што го добивме, што беше потврдено и од португалската амбасадорка што нè покрива од Белград, е дека Португалија никогаш нема да направи нешто што ќе штети на изнаоѓање решение. Останува цврсто на својот предлог и нема намера да влегува околу содржинска дебата околу културни, идентитетски прашања, итн.

Како што може да се види од изјавата, не само што е реагирано, туку е изразен и протест и негодување и тоа е сторено „неколкукратно во текот на вчерашниот ден“ и од Димитров и од Министерството за надворешни работи и од министерот Бујар Османи.

Запрашан за „несреќната изјава“, како што ја квалификуваше, и поврзаноста со португалскиот предлог, Димитров посочи дека „северномакедонски јазик“ нема никаква врска со предлогот за кој во изминатите недели се разговараше и во Скопје и во Софија:

Португалскиот предлог се потпира на предлог преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија. Параграфот околу македонскиот јазик да остане таков како што е – со чиста формулација ’македонски јазик‘ и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е македонски јазик за ЕУ со унилатерална изјава на бугарскиот став од страна на Бугарија – изјави Димитров.

Како што може да се види, реакција имало уште вчера. Дури не може да се земе за точно дека од премиерот Зоран Заев имало молк. Прво, затоа што тој уште на вчерашната прес конференција изјави дека сака дипломатијата да ја провери автентичноста на изјавата, а дури потоа ќе следува став и реакција, а второ, реакциите за кои зборуваше Димитров се реакции, де факто од Владата, затоа што и Секретаријатот за европски прашања со кој раководи и МНР со кое раководи Османи, се институции во рамките на Владата на РСМ, со која претседателствува Зоран Заев.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека во делот од прес-конференцијата на Стефан Андоновски што го проверуваме, тој говори невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција