ВМРО-ДПМНЕ фаќа „кривини“ за обврските од Пржино
Членот на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Илија Димовски, коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во која тој го услови своето присуство на лидерската средба во Виена ( свикана на иницијатива на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Ричарт Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгел, па одложена ) со повлекување на одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболицијата и одложување на изборите закажани за 5 јуни, меѓу другото, изјави:
Уште од самиот почеток на кризата ВМРО-ДПМНЕ учествува конструктивно и се обидува да даде целосен придонес во нејзино надминување. Затоа го потпишавме договорот од Пржино и работевме на негова имплементација. Затоа беше формирана државна изборна комисија која ќе ја има довербата од четирите најголеми политички партии. Беше формирана техничка влада за спроведување на изборите во која што СДСМ доби двајца министри и тројца заменици министри. Премиерот Никола Груевски си даде оставка на 100 дена пред изборите закажани за 24 април и беше формирано специјално јавно обвинителство. Затоа беше донесен и Изборен закон кој беше едногласно усвоен од страна на Собранието на Република Македонија. Сите овие отстапки од ВМРО ДПМНЕ беа доведени во прашање од Зоран Заев и СДСМ со нивното условување да се одложат изборите закажани за 24 април. ВМРО ДПМНЕ и тогаш беше конструктивна затоа што иднината на нашата земја ни беше приоритет. Прифативме предвремените парламентарни избори да се одложат за 5 јуни, иако бевме свесни дека нема ниту една рационална и логична причина за тоа. Единствената причина беше што Зоран Заев знаеше дека ја нема поддршката од граѓаните и дека неговата деструктивна политика ќе биде поразена. И денес го знае тоа, истакна Димовски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Димовски рече дека стратегијата на СДСМ не е да заврши кризата, туку истата да се продлабочи.
Две обврски кои ги имаше СДСМ беа да ги предадат материјалите на институциите што очигледно гледаме дека не се случува заради тоа што до ден денес гледаме дека по пазари во соседството се продаваат снимки од нашите колеги за жал. Втората обврска беше да се појават на избори и таа не сакаа да ја испочитуваат, рече тој.
[Извор: Курир Датум: 20.04.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквата изјава на членот на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на РМ, Илија Димовски ја сметаме за невистинита и тоа во двата нејзини дела. Односно, неточни се и двете тврдења искажани во изјавата:
- ВМРО-ДПМНЕ го имплементира Договорот од Пржино
- СДСМ не ги исполни обврските од Договорот од Пржино
Кога Димовски вели дека неговата партија ги исполнила обврските кои произлегуваат од Договорот од Пржино, воопшто не ги споменува клучните предуслови за излез од политичката криза , а тоа се: прочистен избирачки список, реформата на медиумите, владеењето на правото и независност во работата на државните институции – одвојување на партијата од државата.
Овие важни предуслови за одржување на фер и демократски избори, на кои инсистира опозицијата, но и меѓународната заедница, Димовски случајно или намерно, најпрвин ги заборави во неговата изјава на прес-конференцијата, а потоа ги премолчи и во одговорите на новинарските паршања. Настрана, фактот што исполнувањето на обврските кои ги посочи Димовски (ДИК, СЈО, Изборниот законик, оставката на Груевски, техничките министри), всушност беше направено со задоцнување, или во последен момент – пред истекот на наведените рокови во Договорот од Пржино.
Во интерес на вистината треба да се каже дека досега (21.04.2016) не е направена:
- 1. Целосна ревизија на Избирачкиот список (ДИК потврди дека се сомнителни над 300.000 гласачи)
- 2. Реформа на медиумите
- 3. Не се преземени конкретни чекори со кои ќе се обезбеди одвоеност на партијата од државата, како и спречување на злоупотреба на државните институции и ресурси за партиски цели.
- 1). На 19.03.2016 година ДИК едногласно го усвои Извештајот од експертската вкрстена анализа на базата на податоци на МВР со податоците од 10 институции. Според овие податоци,
сомнителни или неконзистентни се околу 310.000 гласачи.
Државната изборна комисија (ДИК) на седницата која се одржа вечерта на 15.04.2016 (откако истиот ден спикерот Трајко Вељаноски ги распиша изборите за 5 јуни) донесе Заклучок дека:
ДИК е подготвена законски, совесно и транспарентно да ги спроведе сите изборни дејства за предвремените избори закажани за 5 јуни 2016 година
Овој Заклучок ДИК го усвои со шест гласа „за“ и без присуство на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски и членовите предложени од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума. Според Чичаковски, Комисијата во секој момент е подготвена да ги спроведе изборите од технички аспект, но, според него, работата околу Избирачкиот спсиок не е целосно завршена Тој смета дека не е комплетирана административната и теренеската проверка во МВР.
- 2.) Наспроти уверувањата на меѓународните претставници дека медиумите остануваат дел од реформските процеси договорени во Пржино, преговорите за нови поквалитетни решенија во медиумската сфера пропаднаа.
Пржинскиот договор е жив. Сите партии треба да учествуваат, да помагаат во подготвување на веродостојни избори, да притиснат за реформи во медиумите ( Јоханес Хан)
Медиумските реформи уште се дел од изборниот процес и потребно е многу работа ако сакаме да имаме веродостојни избори. (Ричард Ховит)
Минатиот месец (март 2016) новинарските организации меѓу кои ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии, се обидоа да ги вратат на преговарачка маса, но засега нема резултати.
Дека состојбата во медиумскиот простор во Македонија е на прилично незавидно ниво констатираат и меѓународните организации кои ја следат состојбата на демократските и медиумските слободи во земјата. Опаѓањето на слободата во медиумите, меѓу другото, се поврзува и со големиот удел на Владата во рекламирањето во медиумите, а тоа како проблем го посочуваат Европската унија, американскиот Стејт департмент, како и невладини организации Фридом Хаус и Репортери без граници .
Во неколку последователни извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија се укажува на постоењето индиректна државна контрола врз медиумското работење преку владиното рекламирање.
Во извештаите на Фридом хаус македонските медиуми се окарактеризирани како „делумно слободни“. Во новообјавениот извештај на оваа организација, Македонија го бележи најголемиот пад во демократските стандарди од сите европски земји.Фридом Хаус бележи назадување во шест категории: демократско владеење, изборен процес, независни медиуми, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг.
И покрај обвинувањата за лажирање на избори, корупција и измами кои доведоа до најголемите протести во Македонија во последните години, поранешниот премиер Никола Груевски ја закочи имплементацијата на реформскиот договор постигнат со посредство на ЕУ и најверојатно ќе се врати на власт преку вонредните избори закажани за јуни годинава, се наведува во извештајот.
Македонија за шест години забележа пад од 83 места на ранг-листата за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, па од 34. место во 2009 година се најде на 117. место во 2014 година. А во последниот Извештај на оваа организација (објавен деновиве а се однесува за минатата година), Македонија според индексот на слободата на говорот се наоѓа на 118 место во светот од вкупно 180 земји кои се рангираат.
- 3.) За проблеми со слободата на говорот во Македонија се укажува и во последниот Извештај на американскиот Стејт Департмент за почитување на човековите права во светот, при што се става акцент на владидиното рекламирање, притисоците врз новинарите, самоцензурата и цензурата, тужбите за навреда и клевета…
Во анализата за остварувањата на договорот од Пржино под наслов, „Долгиот пат до Пржино: Прво реформи потоа избори!“, подготвена од Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Метаморфозис и Институтот за човекови права, меѓу другото, се посочува на постојаните „опструкции и притисоците од страна на државните оргнани и на владејачките партии врз работата на Специјалното јавно обвинителство“. Исто така, се забележува дека:
Сѐ уште не се воспоставени ниту функционалните механизми за собраниска и судска контрола врз УБК, што покажува дека е можно системот за нелегално масовно прислушување сѐ уште да функционира.
Потегот на претседателот Ѓорѓе Иванов, пак, да покаже милост кон лица за кои СЈО се сомнева дека се дел од „злосторничко здржување“, нарачатели и организатори на политички и изборен криминал, доплонително ја урниса и онака разнишаната доверба во владеењето на правото и во независност во работата на државните институции. Неговата Одлуката да се прекинат сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето, со која фактички тој помилува експонирани политички функционери кои се осомничени за тешки кривични дела, наиде на жестоки реакции во домашната и меѓународната јавност.
Во знак на револт во Скопје веќе десет дена има масовни протести ( кои се шират и во другите градови), организирани од граѓанската иницијатива „Протестирам“, а поддржани од опозицијата. На протестите се бара Иванов да ја повлече Одлуката за аболиција и да си поднесе оставка, како и итно повлекување на одлуката за избори на 5 јуни и формирање на експертска влада.
Неизбежно, се организираа и контрапротести предводени од граѓанското здружение ГДОМ , кое пак, се залага изборите да се одржат на 5-ти јуни и ѝ дава силна поддршка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот дел на изјавата на Димовски вели дека СДСМ дека не ја испочитувал обврската да ги предадат „материјалите (од прислушувањето н.з.) на институциите“, и ваквите негови обвинувања се неосновани. Лидерот на СДСМ, Зора Заев, заедно со Радмила Шекеринска и со Дамјан Манчевски, на крајот од декември 2015 година ги предадоа сите прислушувани материјали и транскрипти на Специјалното јавно обвинителство.
Денеска ги предадовме материјалите на Специајалното јавно обвинителство и им посакавме среќна Нова година и успешна работа. Убедени сме дека ќе имаат многу работа, а граѓаните, преку Специјалното јавно обвинителство се надеваат дека правдата ќе се врати. И последниот дел од обврските на СДСМ од Договорот од Пржино е исполнет, но, исто така, сакам да напоменам и дека Анкетната комисија е формирана за политичка одговорност преку јавни искази. Се надевам дека и таа обврска од Договорот од Пржино ќе биде исполнета. Очекуваме да се донесе закон за медиуми и да се постигне договор за да се создаде амбиент да се одржат кристално чисти избори. Очекуваме сите обврски да ги преземе ДИК за да има гаранции дека ќе има демократски избори ( Заев)
Што се однесува пак, до обвинувањата дека СДСМ бега од избори, тоа е веројатно еден од најголемите спинови што секојдневно го повторуваат експонентите на владејачката партија.
Иако, ставот на целата опозиција, но и на граѓанскиот сектор, повторен многупати досега е дека „нема услови за регуларни, кредибилни избори, без прочистен Избирачкиот список и реформи за слободни медиуми“.
Имајќи ја предвид оваа анализа, изјавата на Димовски: „СДСМ не ги исполни обврските од договорот од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ го имплементира“, ја оценуваме како невистинита
ИЗВОРИ:
- Курир: (20.04.2016): Димовски: СДСМ не ги исполни обврските од договорот од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ го имплементира [Пристапено: 21.04.2016]
- ВМРО-ДПМНЕ (веб-страница): (21.04.2016): Интегрален текст од прес конференцијана на Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ [Пристапено: 21.04.2016]
- ВМРО-ДПМНЕ (веб-страница): (20.04.206) Oдговори на новинарски прашања на г. Илија Димовски , член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ ДПМНЕ [Пристапено: 21.04.2016]
- Тајм.мк (20.04.2016): Заев: Повлекување на аболицијата и одложување на изборите, услов за Виена [Пристапено: 21.04.2016]
- Тајм.мк (21.04.2016): Лидерската средба во Виена е откажана [Пристапено: 21.04.2016]
- Вистиномер: Договорот од Пржино [Пристапено: 21.04.2016]
- Радио Слободна Европа (27.10.2015): Западните дипломати бараат ВМРО-ДПМНЕ да го почитува договорот од Пржино [Пристапено: 21.04.2016]
- Радио Слободна Европа (18.02.2016): Совет на Европа – народот слободно да си избере претставници [Пристапено: 21.04.2016]
- Радио Слободна Европа (15.04.2016): ДИК изгласа дека е подготвена за избори, Чичаковски не присуствуваше на седницата [Пристапено: 21.04.2016]
- Телма (19.03.2016): ДИК со компромис: Спорни се 310 илјади гласачи [Пристапено: 21.04.2016]
- Радио Сободна Европа (15.04.2016): Изборите распишани, избирачкиот список неизвесен [Пристапено: 21.04.2016]
- (24.02.2016) Тв 21 – Медиумите не се повеќе приоритет – ЗНМ и МАН со различни ставови – [Пристапено на 21.04.2016]
- AMNESTY INTERNATIONAL REPORT 2015/16 [Пристапено на 21.04.2016]
- FREEDOM HOUSE REPORT [Пристапено на 21.04.2016]
- Reporters Without Borders (2015) [Пристапено на 21.04.2016]
- Reporters Without Borders (2014) [Пристапено на 21.04.2016]
- (19.02.2016) – Анализа: „Долгиот пат до Пржино: Прво реформи потоа избори!“- [Пристапено на 21.04.2016]
- DW (03.04.2016):Стејт департмент:Иванов да ја преиспита одлуката [Пристапено на: 21.4.2016]
- Мета (30.12.2015): Заев ги предаде материјалите од прислушувањето на Специјалното јавно обвинителство [Пристапено: 21.04.2016]
- Тајм.мк (30.12.2015): На два дена пред Нова година заев ги предаде прислушуваните разговори на Јанева [Пристапено: 21.04.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар