Анализа на кампањата „На Заев не може да му се верува – Вети, а не оствари“
Изминатиов период во медиумите се појави флаер изработен од страна на владејачката ВМРО ДПМНЕ на кој се истакнати 25 ветени, а не остварени проекти на градоначалникот Зоран Заев. Ваквото изнесување на неостварени проекти е неосновано и тоа од повеќе причини.
Доколку владејачката партија сакала да покаже кои од проектите се остварени, кои не се остварени, а кои се започнати и се уште не се завршени, требала да се служи со истата или слична методологија со која се служи Вистиномер. Вистиномер има неколку оценки: неисполнето, делумно исполнето и исполнето, а тимот на ВМРО може решил да се служи само со две, но постојат неколку аспекти на ваквото прикажување на напредокот на дадени ветувања. Токму поради тоа дека е тешко да се даваат оценки само во крајности, Вистиномер има воведено и оцена „во тек“, што означува дека се направени напори за исполнување на ветување, а крајниот рок не е поминат.
Па така, никаде во нивниот флаер не е наспоменато дека проектот „Гасификација на Струмица“ е во својата завршна фаза и дека на 18.11.2013 година започна гасификацијата на дел од домовите во Струмица. Понатака, во споменатиот флаер стои дека Струмица не прави ништо за банскиот туризам, а никаде не е наспоменато дека во 2012 Општина Струмица ја добила наградата за најдобра СПА дестинација во Р. Македонија. На 20 ноември 2012 година започната е продажбата на 16 парцели во Струмица за изградба на мали фабрики, што значи дека ова ветување не може да се оцени како неостварено. Во 2012 година е завршена првата фаза од реконструкцијата на Царевите кули, а реконструкцијата е продолжена со грант од ИПА-програмата на ЕУ. Парцелите од индустриската зона кај Сачево се продадени и на пролет се очекуваат нови инвестиции, што значи дека и ова ветување не може да се оцени како целосно неостварено.
Во старите програми на градоначалникот нема ветувања, туку приоритети без точно определен датум на остварување. Новата програма на градоначалникот има 650 ветувања чие остварување треба континуирано да се следи од 2013-2017 година. Пред наредните избори ќе можеме со сигурност да кажеме кои од ветувањата се остварени, а кои не, бидејќи со ваквиот метод кој го користи ВМРО ДПМНЕ се дава само парцијална и необјективна слика за мандатот на градоначалникот Заев, а со тоа се креира и погрешна слика за неговите остварувања.
Она што би сакале да го видиме во ваков тип на анализа, а таа да биде издржана и суштинска, е:
- Истакнување на секое повторување на ветување низ различните мандати. За дел ова е направено, но за дел недостасува оваа информација
- Наведување на состојбата на ветувањето, односно истакнување на сите информации за што е направено од ветувањето, а не давање само на финална оцена
- Анализирање на целата програма, со цел да се увиди колкав е процентот на исполнетост и неисполнетост на сите ветувања, а не само селекција на оние кои не се исполнети
Оваа практика за анализа продолжува и со новата кампања „На овие луѓе не може да им се верува“, каде однапред се оценуваат некои изјави како невистинити и ветувањата за неисполнети.
Линкови:
- Општина Струмица доби награда за најдобра СПА дестинација за бански туризам [Пристапено на: 25.12.2013]
- Почна гасификацијата на домаќинствата во Струмица [Пристапено на: 25.12.2013]
- Цареви кули Струмица [Пристапено на: 25.12.2013]
- Се продаваат 16 парцели за иградба на мали фабрики во Струмица [Пристапено на: 25.12.2013]
- Продадени парцелите од индустриската зона Сачево [Пристапено на: 25.12.2013]
- Инвестиции во индустриска зона Сачево [Пристапено на: 25.12.2013]
- Бедемите на Царевите кули реконструирани [Пристапено на: 25.12.2013]
- Изборна програма на кандидатот за градоначалник на Општина Струмица Зоран Заев [Пристапено на: 25.12.2013]
Оценето од: Наталија Пешиќ
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар