Во Аеродром не е изградена нова гимназија
Ветувањето на градоначалниците на Скопје и на Општина Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин, за изградба на ново средно училиште, гимназија „Кузман Јосифовски – Питу“, е неисполнето. Досега (11.08.2021) во Аеродром не е направенa новa гимназија, нејзината изградба не е ниту започната
Гимназија „Kузман Jосифовски Питу“ ново средно училиште во градот!
[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов, „Живот во Скопје за сите!“ стр.34 – датум: октомври 2017 г. ]
Квалитетно образование – изградба на средно училиште, гимназија „Kузман Jосифовски – Питу“ (Рок: 2018-2020 година)
[Извор:Изборна програма на Златко Марин, Живот во Аеродром за сите! (стр.20)
– датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалниците на Скопје и на Општина Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин, за изградба на ново средно училиште, гимназија „Кузман Јосифовски – Питу“, е неисполнето.
Двајцата градоначалници излегоа со вакво ветување во кампањата за локалните избори кои се одржаа октомври 2017 година. Споменатото ветување е наведено во изборната програма на Шилегов, „Живот во Скопје за сите!“, стр.34, како и во изборната програма на Марин – „Живот во Аеродром за сите!“ (стр.20). Градоначалникот на Аеродром во својата програма се обврзал и дека новата гимназија во оваа општина ќе биде изградена за две години, поточно во периодот од 2018 до 2020 година.
Сепак, ваквите изборни проекции не се оставрија, досега (11.08.2021) во Аеродром не е направено ново средно училиште , гимназија „Кузман Јосифовски – Питу“. Изградбата на гимназијата не е ниту започната, а таа не се спомнува ниту во проектите за кои Шилегов најави дека ќе се градат во оваа последна година од неговиот мандат.
„Вистиномер“ побара информација и од Општина Аеродром за тоа до каде е реализацијата на ветувањето за изградба на средно училиште, гимназија „Кузман Јосифовски – Питу“, оттаму ни одговорија дека:
Изградбата на гимназија во Општина Аеродром е проект што е во тек на реализација, инаку под надлежност на Градот Скопје. Поточно во моментов Општина Аеродром и Град Скопје работат на изготвување на документација за промена на деталниот урбанистички план и негово усогласување со Генералниот урбанистички план. Со оглед на тоа што станува збор за капитален проект потребно е да се исполнат одредени процедури. Веднаш по исполнување на сите услови ќе почне и изградбата на објектот.
Имајќи предвид дека мандатот на градоначалниците наскоро завршува, односно во октомври оваа година, а гимназијата сѐ уште не почнала да се гради, ова изборно ветување на Шилегов и на Марин го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов за локалните избори 2017 година – „Живот во Скопје за сите!“ стр.34 ( октомври 2017) [Проверено: 11.08.2021]
- Изборна програма на градоначалникот Златко Марин за локалните избори 2017година – Живот во Аеродром за сите! (стр.20) [Пристапено: 11.08.2021]
- Официјална веб-страница на Град Скопје (28.12.2020):Шилегов: во 2021 почнуваме со смарт сити, брт системот на трамвај без шини, нов мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ [Проверено: 11.08.2021]
- Фејсбук профил на Златко Марин (04.09.2017) – [Проверено: 11.08.2021]
- Бриф (09.10.2017): Марин: Општината ќе издвојува 3.500 денари за секое прваче [Проверено: 11.08.2021]
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар