Волково наредната година треба да ја добие ветената градинка

Фото: Принтскрин колаж opstinagpetrov.gov.mk

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на градинка во Волково

[Извор: Изборна програма на Александар Наумоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров, стр.18: Рок: 2020 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски за изградба на градинка во Волково, досега e делумно исполнето. Градинката почна да се гради во февруари оваа година и според најавите, таа треба да биде завршена наредната  година (2021).

Овој проект е дел од предизборната програма на Наумоски „Живот во Ѓорче Петров! За сите!“, објавена пред локалните избори во 2017 година.

Изградбата на градинка во Волково е дел од капиталните проекти наведени во програмата на Наумоски

Со изградба на градинката ќе се надмине долгогодишниот проблем на жителите на неколку населени места (Волково, Кисела Јабука, Орман, Никиштане и Стопански Двор). Во овие места нема градинка и родители се принудени да ги носат во други општини, се наведува во програмата.

Проектот за градинката во Волково беше презентиран на јавна расправа која се одржа на 08.10.2019 година:

Градинката ќе биде со капацитет од 175 деца поделени во осум занимални (од 0 до 6 години) и истата се очекува да биде завршена во наредната година и половина. Околу местото кое е предвидено за градинка во Волково нема други објекти, освен ниски куќи, парцели на кои е предвидена изградба, исто така на ниски куќи, и пристапна улица.

 Градоначалникот Наумоски, на презентацијата на проектот, изрази очекување дека до Нова Година (декември 2019) ќе биде избран најсоодветниот изведувач и дека некаде кон март 2020 година ќе стартува изградбата на гардинката.

Тоа значи, зависно од временските услови и динамиката на работата на изведувачот, дека за околу година и половина проектот ќе биде завршен – додаде Наумоски, објави Слободен печат.

Изградбата на градинката почна на 19.02.2020 година, а градилиштето го посетија вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Вкупната инвестиција во оваа градинка е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од МТСП заедно со Светската банка, рече дополнителната заменик-министерка Шкријељ, пренесе Макфакс.

На 22.04.2020, Општина Ѓорче Петров, на својата официјална веб-страница објави дека градинката во Волково, и покрај кризата со коронавирусот, забрзано се гради.

Градежните работи на градинката во Волково се во полн ек и покрај корона-кризата. Градинката ќе биде со капацитет од 175 деца поделени во осум занимални. Оваа градинка се очекува да биде најсовремена и најмодерна во земјата, штедлив објект по сите стандарди. Изградбата е дел од „Проектот за условени парични надоместоци (УНП Проект)“ кој се реализира од Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка. Вредноста на градинката е над 80 милиони денари, рокот за изградба е 18 месеци, а проектот е изработен од тим од општина Ѓорче Петров.

Од сето погоре може да се заклучи дека изградбата на градинката е почната и е во тек. Рокот за изградба наведен во програмата, 2020 година, според најавите ќе биде пробиен до средината на 2021 година. Имајќи го предвид сето ова, сметаме дека  ветувањето на Наумоски за изградба на градинка во Волково,  досега (08.05.2020) е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција