Воведени европски стандарди за безбедност на храната кај традиционалните производи
ВЕТУВАЊЕ: Ќе воведеме соодветни стандарди за безбедност на храната според ЕУ прописите кај традиционалните производи (на пример: овчо сирење, пастрма, ширден итн.), затоа што постои опасност тие во иднина да бидат забранети.
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр.102 и 248– датум, декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Воведувањето стандарди за безбедност на xрана според прописите на Европската унија за традиционални производи се споменува на две места во „Планот за живот во Македонија“, со кој СДСМ победи на последните парламентарните избори. Со изборните проекции реализирањето на ова ветување е планирано за период од две години од изборот на Владата, а според од она што може да се констатира од увидот во документите на институциите и пишувањето во медиумите, ова ветување е исполнето во планираниот рок.
Агенцијата за xрана и ветеринарство на 22 мај 2019 година го донесе Правилникот за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики. Правилникот е објавен и во Службен весник од 15.07 2019 година со обврска да почнат да се применуваат од 1 септември 2019 година.
Со овој правилник се доуреди проблематиката на производство и продажба на традиционална xрана од мали фарми, која е регулирана со членот 51 од Законот за безбедност на xрана.
Агенцијата за xрана и ветеринарство ја почна постапката за дефинирање на правилата за директно снабдување и за традиционално производство во јануари годинава. При изработката на Правилникот се консултирани сите засегнати страни и во него се вградени поголем дел од забелешките.
Овој подзаконски акт е подготвен во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за ветеринарна медицина, како и со членовите на невладините организации и асоцијации. Фармерите и малите производители сега ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот, рече директорот на Агенцијата за xрана и ветеринарство Зоран Атанасов на посебна прес-конференција.
Според членот 4 од Правилникот одредбите на овој правилник се применуваат на производството и ставањето во промет на :
- сурово млеко и производи од млеко;
- месо добиено при колење на животни;
- месо од дивеч; 4)
- производи од месо;
- мед;
- конзумни јајца и
- конзумна риба.
Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи и нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник. Примарниот производител на преработениот млечен производ треба да ги наведе следните податоци:
- име и адреса на производителот;
- датум на производство;
- име и вид на производот;
- рок на употреба (употребливо до);
- услови за чување и број на регистрација.
Новина во Правилникот е можноста за продажба на млекото преку млекомати, за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. За колење на животните директно на фарма производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Сега регулирано е и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната, појасни Ванчо Новоселски, раководител на Сектор за инспекциски надзор при АХВ.
Според тоа, ветувањето на СДСМ дадено за време на последните парламентарни избори (декември 2016), дека ќе воведе соодветни стандарди за безбедност на храната според ЕУ прописите кај традиционалните производи, е остварено.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – План за живот во Македонија (Пристапено 27.11.2019)
- АХВ ( 31.01.2019): Дефинирање на правилата за директно снабдување и за традиционално производство (Пристапено 27.11.2019)
- АХВ август 20, 2019 : И производите кои ќе се продаваат директно од фарма мора да се безбедни (Пристапено 27.11.2019)
- АХВ -Правилници: 2019-144 Правилник за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики (Пристапено 27.11.2019)
- АХВ: Законот за безбедност на xрана.(Пристапено 27.11.2019)
- Зелена берза (24 јуни 2019): Суровото млеко ќе се продава во млекомати, а сирењата на нашите баби во маркетите (Пристапено 27.11.2019)
Оцени: Рада Исовска – Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар