Воведено е флексибилно работно време за администрацијата
ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ
Ќе воведеме работно време на институциите што ќе започнува од 7.30 до 8,30 часот наутро и ќе трае соодветно, до 15.30, односно 16.30 часот попладне.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
За предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година СДСМ вети флексибилно работно време за вработените во државните институции. Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во изборната програма насловена „План за живот во Македонија“(на стр.25 и на стр.243), е исполнето. Новото флексибилно работно време кое почнува меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршува меѓу 15:30 и 16:30 часот, стартуваше од први септември оваа година (2017).
На четврти јули министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, соопшти дека Владата донесе одлука да се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работење.
Одлуката ќе се применува од 1 септември. Со неа се утврдува дека почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа.
Манчевски тогаш кажа и дека
со оваа одлука исто така се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав. Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.
На 31 август 2017 година од Министерството за информатичко општество и администрација соопштија:
Почнувајќи од утре (1 септември 2017 година) влегува во сила Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Р.М, министерствата и другите органи на државната управа (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РМ Бр.86 Од 10.07.2017 година). Во контекст на општите права на вработените во државната управа, се подразбира и правото на вработените на работно време со распоред соодветен за ефективно и ефикасно исполнување на работните задачи, а во рамки утврдени со позитивните законски одредби.
Оттука, согласно одредбите од Одлуката, секој вработен во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа има право да пристигне на работното место помеѓу 07:30 и 08:30 часот и да замине од работното место во периодот помеѓу 15:30 и 16:30 часот, така што има обврска за исполнување на 8 часа дневно работно време.
Вработени во државната администрација (во повеќе министерства) ни потврдија дека ваквото флексибилно работно време се применува веќе два месеца.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.25) [Пристапено: 15.11.2017]
- Тајм.мк (04.07.2017): ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Од септември овие државни институции ќе работат во две смени [Пристапено: 15.11.2017]
- А1 (ОН) (04.07.2017): ВИДЕО: Од 1. септември администрацијата со флексибилно и сменско работно време [Пристапено: 15.11.2017]
- Тајм.мк (01.09.2017) : Oд денес двосменско работење на шалтерите во централната управа на Царинската управа [Пристапено: 15.11.2017]
- Мета (01.09.2017) : Почнува двосменското работење во институциите и во градинките [Пристапено: 15.11.2017]
- Министерство за информатичко општество и администрација (31.08.2017): Соопштение [Пристапено: 15.11.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар