За една година реконструирани 3.600 метри од водоводната мрежа во Виница
Комплетна реконструкција на водоводната мрежа, замена на старите азбестни цевки со нови полиетиленски.
[Извор: Изборна програма на Ивица Димитров за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Виница за сите“ (стр.18) , датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров за локалните избори (октомври 2017 г.), вети реконструкција на водоводната мрежа, замена на старите азбестни цевки со нови полиетиленски. Споменатото ветување е дел од предизборната програма на Димитров „Живот во Виница за сите“ , дадено во рамките на еден поширок проект за подобрување на водоснабдувањето на Виница (стр18), со рок на исполнување две години (2018 -2020) и неговата реализација е во тек.
На почетокот на февруари оваа година (2018) медиумите информираа дека започнува втората фаза од реконструцијата на водоводната мрежа и замена на постојните азбестни цевки со нови полиетиленски. Тогаш беше пренесена и изјава на градоначалникот Димитров во која тој вели:
Во 2018 стартуваме со еден од покрупните проекти, со реконструкција на водоводната мрежа во градот Виница. Предвидената должина за замена на азбестните цевки е 3960 метри, а е финансиран од Европската инвестициона Банка, Министерството за транспорт и врски и општина Виница. Овој проект ќе почне да се одвива уште овој месец, се очекува изборот на надзорот. Како најдобар изведувач е избрана фирмата „Коп-инженеринг“, а вредноста на проектот е 6,5 милиони денари . (Димитров)
Да напоменеме дека со првата етапа од овој проект, пред речиси пет години во Виница се променети водоводни цевки со должина од 4.367 метри.
На 07.11.2018 година градоначалникот Димитров презентирајќи го отчетот за работењето на локалната самоуправа во изминатиот едногодишен период, меѓу другото ги изнесе и следните податоци
Во изминатава година извршивме целосна промена на водоводните азбестни цевки со полиетиленски на 12 улици со вкупна должина од 3698 метри. Во овој проект вложивме околу 6, 5 милиони денари. Со помош на Министерството за транспорт и врски кое вложи 14 милиони денари, го подобривме квалитетот на јавната водоводна мрежа во Виница, а во иднина планирано е проширување на филтер станицата во градот на која треба да се приклучат сите 180 водомери од с.Лески на градскиот водовод. (Димитров)
Деновиве „Вистиномер“, се обрати во Општина Виница и побара појаснување за тоа дали е завршен целиот процес на реконструкција на водоводната мрежа, односно дали е направена промена на азбестните цевки со полиетиленски на вкупната водоводна мрежа во Виница. Од кабинетот на градоначалникот Димитров ни одговорија дека:
Во текот на 2018 година е реконструирана водоводна мрежа во должина од 3.600 метри должни, а за реконструкција остануваат околу 3.800 метри должни, за кои е планирано да се завршат во 2019 и 2020 година
Имајќи ги предвид горенаведените информации објавени во медиумите и на веб-страницата на Општина Виница, како и одговорот од кабинетот на градоначалникот Димитров, ова изборно ветување според методологијата на „Вистиномер“ добива оценка „во тек“.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Ивица Димитров за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Виница за сите“ (стр.18) [Пристапено: 28.11.2018]
- Радио Кочани (05.02.2018): Општина Виница за неколку дена стартува со реконструкција на 3700 метри од старата водоводна мрежа во градот [Пристапено: 28.11.2018]
- А1 ОН ( 12.03.2018): Во Виница се реконструира водоводната мрежа [Пристапено: 28.11.2018]
- Сител (12.03.2018): Се реконструира водоводната мрежа во Виница [Пристапено: 28.11.2018]
- Веб-страница на Општина Виница (13.03.2018): Жителите од десетина улици во Виница наскоро ќе можат да се приклучат на новата водоводна линија, чија реконструкција започна пред десетина дена [Пристапено: 28.11.2018]
- Веб-страница на Општина Виница (07.11.2018): За една година мандат-повеќе од 225 милиони денари инвестиции [Пристапено: 28.11.2018]
- Грид.мк (07.11.2018): Отчет на градоначалникот на Општина Виница ивица Димитров за едногодишното работење [Пристапено: 28.11.2018]
- Канал 8 (07.11.2018): 225 милиони денари во инфраструктурата на Виница – отчет за едногодишниот мандат на градоначалникот Димитров [Пристапено: 28.11.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар