Заблудата кај политичките рејтинзи

Анкетите во авторитарни системи се земаат со резерва. Фото: pixabay/flickr

Секое истражување на јавното мислење, посебно такво спроведено во атмосфера на страв и општа недоверба, каква што веќе со години и децении владее во такви пост-тоталитарни општества како Македонија или Русија на пример, треба да се прими со резерва

 

 

Секое истражување на јавното мислење, посебно такво спроведено во атмосфера на страв и општа недоверба, каква што веќе со години и децении владее во такви пост-тоталитарни општества како Македонија или Русија на пример, треба да се прими со резерва

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Во разговор емитуван на 21.05.2016 на емисијата 360 на „Алсат-М“ телевизија, извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, изјави дека повеќе неодамнешни анкети покажуваат како рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е сè уште висок и односот со опозицијата и СДСМ бил 2:1. Тој ја спомена и многу коментираната анкета на ИРИ од ноември која дава двосмислени заклучоци за популарноста на владата и онаа на бившиот премиер Никола Груевски.

Политичките рејтинзи можат лесно да ја заблудат јавноста и секоја власт или опозиција ги користи за да ја сврти водата кон својата воденица. Што, всушност, претставува политички или партиски рејтинг? Терминот „политички рејтинг“ е апстрактен поим и за да биде едноставно восприемен се изразува преку резултати од социолошки истражувања изведени со анкети, математика и статистика.

Најпознатиот пример за апстрактноста на политичкиот рејтинг е убеденоста на многу повоени разузнавачи, аналитичари и дипломати дека Советскиот Сојуз ќе го надживее 20-от век. Никој не можеше да предвиди дека комунистичката империја ќе се распадне толку брзо, во 1990. Епохалниот неуспех на ЦИА во тоа предвидување е добро документиран, а тие што прогнозираа скорешен пад на комунистичката империја ги сметаа за лудаци.

Секое истражување на јавното мислење, посебно такво спроведено во атмосфера на страв и општа недоверба, каква што веќе со години и децении владее во такви пост-тоталитарни општества како Македонија или Русија, на пример, треба да се прими со резерва.

 

КУЛТУРАТА НА „ДОНОС“, ОДНОСНО ОПТУЖБА

Во текот на 1930-те и црвениот терор, во генетскиот код на Русите се вгради културата на донос, односно оптужба. Таа култура продолжува во помала мера, најповеќе насочена кон уметниците и писателите и по смртта на Сталин. Тоталитарната држава во основа охрабрува доушници и кодошење кај тајната полиција поврзано со сомнеж, па макар и најбанален, дека ближниот, соседот или пријателот се предавници на револуцијата. Историчарот Орландо Фигс маестрално го опиша овој социјален феномен во своето дело The WhisperersОттука, во руското општество слободно виреат чувствата на параноја, отуѓување и недоверба. За време на Советскиот Сојуз луѓето не им се доверувале ниту на своите најблиски, да не зборуваме, пак, за некој што се јавува по телефон да праша „каква е вашата поддршка на претседателот на државата“. Од каде испитаникот би бил сигурен дека оној од другата страна на линијата не е таен агент за слободно и без предрасуда да го изрази своето мнение? Во сивилото на сталинистичките чистки и ѕидовите имале уши.

Од друга страна, кога зборуваме за официјални рејтинзи, дајте на пример да го прашаме народот на Северна Кореја, колку луѓе го подржуваат наследникот Ким Џонг Ун. Тоа ќе биде бројка од некои 99 проценти. Но, ако го прашаме изнамачениот народ дали сака едно прекрасно утро да се разбуди во Јужна Кореја, јас сметам дека тоа би го прифатиле 99 проценти. Иако, кога истите тие ќе се разбудат во суровата реалност и бидат прашани, тие едногласно ќе подржат уште еден Ким.

За жал, слични состојби царуваат и во Македонија, посебно во атмосферата на раздор и недоверба што ја создаде режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од екстремните нови вмровци ја поддржуваат антиквизацијата на нивниот шеф. На пример, ако наместо на Света Гора, Владимир Путин дојдеше во Охрид и ветеше 3 милијарди евра неповратна помош за Македонија, а ние за возврат да ги симнеме фасадите и декларираме дека по потекло сме Словени, новите вмровци од сесрце би ја прифатиле помошта од руските браќа и би почнале да креваат споменици на светите браќа Кирил и Методиј наместо на безбожните Ацо и Филип сосе нивната фаланга.

 

 

ОБИДИ ЗА ДЕМОРАЛИЗИРАЊЕ НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ПРОТЕСТИТЕ

Во услови на авторитарен режим воспоставен од ВМРО-ДПМНЕ изминативе десет години, негувавме илузии дека машината на режимот просто ќе сопре по 17 мај 2015 и договорот од Пржино. Украинските илустрации на величање на кликата, раскринкани од НоваТВ, го покажуваат нагонот за тотална контрола, кодошлак и полтронство под кој се наоѓа значаен дел од поддржувачите на режимот. Вметнатиот страв, нервозите (од можната загуба на државно работно место со што партијата поткупи стотици илјади), безразличноста и апатијата, ќе пукнат како меур од сапуница при првата промена на курсот, при првото посериозно масовно движење за промена, какво што се воспостави со Шарената револуција. Само треба да се истрае до крај.

Кога сме кај револуциите, имам еден доста поучен пример од Русија каде во рок од една година слично такво движење со голем ентузијазам како Шарената револуција беше ефикасно згаснато од режимот.

Се работи за антивладините претости од 2011 и 2012. Според аналитичарот Денис Волков, во пресрет на наводно фалсификуваните парламентарни избори во ноември 2011, многу набљудувачи на состојбите биле незадоволни од државните предизборни анкети, чии резултати на национално ниво се разликувале од резултатите до кои истите тие набљудувачи дошле преку свои лични социолошки истражувања.

Креаторите на јавното мислење (кои во Русија главно се под влијание на Кремљ и подржани од владината пропаганда), всушност, се обидувале да ги деморализираат протестно ориентираните граѓани со таквите резултати, смета Волков. И кога протестното движење подоцна, сепак, зеде замав и обедини слоеви на граѓани кои дотогаш не би излегле на заеднички митинзи, режимот најде начин да забие клин помеѓу опозициските активисти и припадниците на општата јавност кои ја симпатизираа опозицијата, но донекаде и се согласуваа со статусот кво. Во текот на месеците после масовните демонстрации во декември 2011, наместо да се претворат во база за долготрајни протести , тие останаа пасивни набљудувачи. А после насилните протести во мај 2012, расположението за промени кај општата јавност спласна до крајот на годината.

Волков резимира дека тие што сакаат промени мораат постојано да апелираат до општата јавност и до пошироките народни маси за да не останат на маргините на политичкиот живот.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција