Заев: Кратењето мора да се случува од секаде
Изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во делот дека кратењето на трошоците треба да се случува секаде, го оценуваме како вистина, поради силата на бројките што укажува на тоа. Не сомневајќи се во изјавата за очекувањата на приходите што ќе бидат собрани на почетокот на април, фактите зборуваат оти државата ќе се соочи со огромен недостиг на приходи за да ги алиментира потребите на институциите и на граѓаните
Во интервју за „Утрински брифинг“ претседателот на СДСМ, Зоран Заев, даде изјава која ја оценувамe како вистина:
Приходите на државата паднаа драстично. Се очекува почетокот на април да бидат меѓу 30-40 отсто, значи ќе фалат околу 60 отсто од приходите. Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производсвените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. И ако за тоа не го подготвиме нашиот народ, тогаш сме голи популисти и само бркаме политички поени. Кратењето мора да се случува од секаде затоа што 60% немање приход, значи недостаток да ги финансираме сите расходи. И да најдеме други пари, пак мора да кратиме од дома. И да се шири гол популизам не е во ред
[Извор: Слободен печат – датум: 25.03.2020]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во делот дека кратењето на трошоците треба да се случува секаде, го оценуваме како вистина, поради силата на бројките што укажува на тоа.
Не сомневајќи се во изјавата за очекувањата на приходите што ќе бидат собрани на почетокот на април (бидејќи Заев, секако, ги знае бројките зашто СДСМ ја предводи Владата, а на подоцнежната прес конференција изјави дека очекува и надлежните да ги соопштат истите бројки), фактите зборуваат оти државата ќе се соочи со огромен недостиг на приходи за да ги алиментира потребите на институциите и на граѓаните.
Тоа, како што го проектираше Заев најцрното сценарио, значи дека од околу 4 милијарди евра проектирани буџетски расходи за цела 2020, би се собрале под 2 милијарди, поточно околу 1,6 милијарди а над 2,2 милијарди евра треба да се изнајдат од други извори. При услови на обезбедени 600 милиони, барем така уверуваат и надлежните, однадвор ќе треба да се најдат уште 600 милиони евра (Заев прв пат соопшти дека ќе треба да се позајмат вкупно 1,2 милијарди при најцрно сценарио), но и покрај тоа, повторно ќе треба од домашни извори да се најдат/скратат една милијарда евра од планираните расходи.
Се разбира, ова е најцрно сценарио кое нe се смета за многу веројатно, со оглед на тоа што сите досегашни проекции велат оти третиот и четвртиот квартал од годината ќе бидат подобри, бидејќи „корона кризата“, оптимистички гчедано, се очекува да заврши до јуни.
Но, она што е сигурно, тоа е дека приходите за март, април и мај, кои државата ги проектира на нивото од под 50 отсто, треба да се покријат. Оттаму, кратење, барем солидарно кај сите и од сите, со исклучок на здравство, полиција, војска, инспекторати, како и органите на првата линија во борба пртотив ширењето на корона вирусот, мора да има.
За ислустрација, од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, тоа значи дека најмалку 50 илјади треба да бидат изземни, а дали ќе има сегментирано или целосно исклучување на останатите околу 100 илјади, останува да проценат од Владата.
За крај уште нешто – при вакви проектирани бројки се гледа нереалноста на одредени барања од експерти или политички партии, 50 отсто од бруто платите на вработените во погодените сектори од кризата (нема точна проценка кој колку е погоден, освен кај туризмот, угостителството и транспортот), да ги покриела владата односно државата преку буџетот!?
Поради погоре изнесените аргументи може да се оцени дека изјавата на Заев оти кратење мора да има од сите, се разбира, се мисли на сегментирано, може да се оцени како вистина.
ИЗВОРИ:
- (25.03.2020) Слободен печат – Заев: Сите кои…– [Проверено на 25.03.2020]
- (25.03.2020) СДСМ – Прес на З. Заев – [Проверено на 25.03.2020]
- Министерство за финансии – Буџет – [Проверено на 25.03.2020]
- (18.03.2020) Вистиномер – Во првата линија на – [Проверено на 25.03.2020]
- (25.03.2020) ВМРО-ДПМНЕ – Интервју на Х. Мицкоски – [Проверено на 25.03.2020]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар