Заев најави протесна нота до Бугарија, па се премисли
Премиерот Зоран Заев вчера (17.07.2019) на прес-конференција во Владата, меѓу другото, ја даде и следната недоследна изјава, во која кажа дека нема да реагира со протесна нота до Софија за тоа што бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна го нарече претседателот Стево Пендаровски „северномакедонски“
Премиерот Зоран Заев вчера (17.07.2019) на прес-конференција во Владата, меѓу другото, ја даде и следната недоследна изјава, во која кажа дека нема да реагира со протесна нота до Софија за тоа што бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна го нарече претседателот Стево Пендаровски „северномакедонски“.
За вакво прашање не се испраќа протесна нота, оти протесната нота е приличен чин на непријателство, со пријатели се разговара. Знаеле тие некогаш невнимателно да употребат зборови, но се разговара. Затоа не е испратена протесна нота
[Извор: Пресинг ТВ; датум: 17.07.2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на премиерот Зоран Заев ја сметаме за недоследна во однос на неговата претходна изјава (10.07.2019) во која кажа дека Владата ќе испрати протесна нота до Бугарија поради употребата на термините „северномакедонски политичар“ и „северномакедонски претседател“ од страна на премиерот Бојко Борисов на маргините на Самитот во Сараево.
Имено, Заев пред една недела (10.07.2019) одговарајќи на новинарско прашање рече:
Секако, ќе реагираме за тоа. Ќе испратиме нота да се исправат грешките. Некогаш дури и дома кај нас правиме такви грешки, дури и од стручни експерти. Ние сме Македонци кои живееме во Северна Македонија
Но, иако најави, Заев вчера ретерираше од неговиот првичен став, па сега вели дека нема потреба да се реагира со нота на изјавите на Борисов, оценувајќи го тоа како многу силна реакција и чин на непријателство. Притоа тој додаде дека министерот за надворешни работи Никола Димитров му сугерирал дека тоа би било многу силна реакција од наша страна:
Не испративме протестна нота за „северномакедонски претседател“. Димитров ми рече дека тоа ќе било многу негативна реакција од наша страна, па одлучивме да не го нарушуваме добрососедството, рече Заев.
ИЗВОРИ:
- Пресинг ТВ (17.07.2019): Заев се премисли: Нема да испратат протесна нота до Бугарија за „Северномакедонци“(ВИДЕО) [Пристапено на: 18.07.2019]
- Тајм.мк (17.07.2019): (видео) ЗАЕВ ЗА „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“ ОД БОРИСОВ: Не, во Бугарија не праќаме нота, тие ни се пријатели [Пристапено на: 18.07.2019]
- Макпрес (17.07.2019): Иако најави, Заев ретерира за протестна нота до бугарија за северномакедонскиот претседател [Пристапено на: 18.07.2019]
- Тајм.мк (10.07.2019): Заев: Ќе реагирам кај Борисов за терминот „Северномакедонски“ политичари (ВИДЕО) [Пристапено на: 18..07.2019]
- Фактор (10.07.2019): Заев: Ќе реагираме за „северномакедонскиот“ на Борисов [Пристапено на: 18.07.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар