Заштитните маски и Ковид-19: Не се неопходни, ама без нив не се може

https://www.vperemen.com
Фото: Stop Coronavirus, Википедија

 

Никој не беше подготвен за тоа, но носењето маска во јавниот простор стана секојдневие за огромен број на граѓани на нашата држава откако глобалната епидемија на Ковид-19 се појави и на овие простори. Сепак, уште од почеток, темата на купувањето и употребата на маските како облик на заштита од ширењето на корона-вирусот е тема на дилеми и дискусија, а ништо поразлично не е ниту во остатокот од светот, зафатен од пандемијата

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

СЗО ВЕЛИ – МАСКИТЕ ЗА ЛЕКАРИТЕ И СЕСТРИТЕ, ОСТАНАТИТЕ – САПУН В РАКА!

Токму дилемите ја предизвикаа и реакцијата на Светската здравствена организација да ја повика светската јавност преку соопштение од 30 март да го ограничи користењето на маските само на здравствените работници на своите работни места кои се изложени на голема опасност да бидат заразени од корона-вирусот, како и на лицата кои се грижат за заболени од Ковид-19. За останатите, според СЗО, и натаму, како и досега, важат препораките за миење на раце, дезинфекцијата, лична хигиена и воздржувањето од контакти.

-Ако си здрав, ти треба маска само ако се грижиш за лице кое е заразено со Ковид-19

-Носи маска доколку кашлаш и киваш

-Маските се ефективни само кога се користат во комбинација со често миење на рацете со средство за дезинфекција врз база на алкохол или сапун и вода

-Доколку носиш маска мораш да знаеш како правилно да ја упоребуваш и како да ја отстраниш на прописен начин

Директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајкл Рајан, изјави дека носењето маски за лице, во случај на нивно неправилно користење, може да нанесе повеќе штета отколку корист во борбата против ширењето на вирусот. Рајан повтори дека СЗО верува оти маските треба да ги носат единствено луѓе кои се болни, за да не го шират вирусот, како и здравствените работници, на кои им се неопходни.

Нема конкретен доказ кој би укажал дека масовното носење маски би донело некаква корист, всушност, постојат извесни докази кои го укажуваат спротивното. Тука е уште и глобалниот недостиг на маски и други медицински материјали. Луѓето, кои најмногу се изложени на ризик, се здравствените работници секоја секунда од нивниот живот. Помислата на тоа дека немаат маска е ужасна, рекол Рајан.

 

МАСКИТЕ ИСЧЕЗНАА ОД АПТЕКИТЕ, ПРЕПОРАКИТЕ ЗА НОСЕЊЕ ОСТАНАА

Првите назнаки за ширењето на короната и во регионов речиси веднаш ги испразнија македонските аптеки од залихите на хируршки маски, ама и до десеткратно им ја крена цената на оние кои можеа да се купат, а набргу се појавија и официјални препораки за граѓаните да носат маски на јавни места, како што беше онаа на Град Скопје:

Градот Скопје им препорачува на корисниците на јавниот автобуски превоз да користат средства за лична заштита – маски и ракавици. Оваа препорака е во согласност со мерките за заштита на здравјето на граѓаните од ширењето на корона вирусот.

Многу медицински установи упатија барање до пациентите и нивните придружници при влегување на клиниките задолжително да носат маски и ракавици. Се појавија и пораки и промотивни видеа и од страна на големите ланци на супермаркети, како Тинекс, до клиентите:

Заштитете се и себе и другите, при секое купување, задолжително носете заштитна маска за лице и медицински ракавици. На тој начин ќе го ограничите допирот на производите, парите или други предмети со вашите раце.
Избегнувајте допир на лицето, устата и очите сè додека не направите дезинфекција на рацете со темелно миење со сапун или гел за дезинфекција.

Вонредните мерки и психозата, која неминовно се создаде со зголемувањето на бројот на заболените од корона-вирусот во Македонија, според народната мудрост: „Страв лозје чува!“, придонесе носењето на маски да се омасови, при што е очигледно дека „репертоарот“ на маски е според принципот кој како се снашол – од обичните, хируршки, преку нано-маските N94 и N95, кои филтрираат преку 90% од сите честички низ своите филтри, но тешко се наоѓааат, па сè до дома направените и украсени шарени маски од памук, изработени со помош на туторијалите на ЈуТјуб.

 

ВО ЧЕШКА, АВСТРИЈА МАСКИТЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ, БУГАРИЈА ЈА УКИНА ОБВРСКАТА ЗА НОСЕЊЕ

Носењето маски во јавниот простор во некои земји беше навика и социјален гест уште многу пред појавата на короната. Во азиските земји, како Кина, Тајван, Сингапур и Хонгконг изминатава деценија носењето на маски станало културна норма, па дури и мода, па Хелоу Кити маските беа една од најбараните модни додатоци на хонгконгшките улични маркети, пишува БиБиСИ.

Ова не зачудува кога се свежи сеќавањата дека во тој дел на Азија изминатава декада имаше повремени ширења на вируси со респираторни манифестации уште пред појавата на корона-вирусот, како птичјиот и свинскиот грип, САРС-от и МЕРС-от. Носењето маска во тие земји стана навика, бидејќи луѓето сметаат дека со тоа се и побезбедни, но и повнимателни кон другите. Генералниот став зад оваа навика е дека секој може да биде носител на заболување, дури и да не покажува симптоми, па,во духот на солидарноста треба да ги заштитиш луѓето околу себе. Но, и пред појавата на епидемиите, во Азија кашлањето и кивањето во јавност се сметало за некултурно.

На другата страна на светот, среде глобалната дебата околу заштитните маски и короната, Австрија најави дека ќе му се приклучи на малиот број европски држави каде носењето маски за лице на јавни места е задолжително, извести „Фајненшел Тајмс“ (ФТ). Во понеделникот, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, најави дека властите неделава ќе почнат со дистрибуција на милиони заштитни маски на влез во супермаркетите и купувачите ќе можат да влезат во продавниците кои сè уште се отворени, само ако носат маска.
Според ФТ, Австрија, заедно со Словачка, Чешка и Босна и Херцеговина, се засега единствените европски држави каде е на сила ваквата обврска за граѓаните. Од друга страна, пак, бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев најави во вторникот дека Бугарија ја укинува обврската за носење заштитни маски на јавно место поради, како што кажа, немањето јавен консензус, но дека ќе остане препораката за носење.

Портпаролот на германското министерство за здравје, Хано Кауц, изјави дека германската влада би можела да ја разгледа опцијата носењето на маска да стане задолжително тогаш кога ќе размислува за олабавување на мерките на задолжителна изолација кои сега се на сила во оваа земја. Франција, пак, откако првично ги советуваше своите граѓани да не носат маски, сега ги советува да носат доколку се заразени со корона или работат во здравствени установи или во трговија, а како главна причина се наведува потребата да ги зачува малите резерви на маски за болниците.

Во Италија, каде има најмногу заболени и починати од корона-епидемијата, до пред само еден месец појавувањето во јавноста со маска на лицето ќе предизвикало погледи на неодобрување, за сега носењето да стане задолжително.

Заштитната маска може да се носи најмногу три часа. После тоа време таа станува влажна, а кога е влажна, со самото тоа е и заразна и неефикасна за заштита, објаснува познатиот словенечки епидемиолог д-р Андреј Трампуж.

 

МАКЕДОНИЈА ГИ СЛЕДИ ПРЕПОРАКИТЕ НА СЗО ОКОЛУ НОСЕЊЕТО МАСКИ

Македонија засега ги следи препораките на Светската здравствена организација (СЗО) околу носењето заштитни маски. На сајтот на Владата, во делот наречен: Мерки и препораки за заштита и превенција од КОВИД-19, стојат препораките за често миење раце со сапун и вода, користење на средства за дезинфекција, покривање на лицето со марамче при кашлање и кивање, како и социјална дистанца, но никаде не се споменува користењето заштитни маски како обврска или препорака.

Според ова, Македонија ги следи насоките на СЗО, според кои маски требаат за здравствените работници.

Имаме голема резерва заштитни маски во рамките на Министерството за здравство. Имаме над 20.000 заштитни маски, кои се како резерва за јавно здравствените институции, истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата во Владата од 24 март.

Познатиот кардио-хирург, Жан Митрев, препорача наместо маски, во јавниот простор да се покрива лицето со шал или марама, додека, пак, епидемиологот др Драган Данаиловски упати препорака до јавноста маски за лице да носат заболените од вирусот, со цел да не ја прошират болеста. Непотребно е луѓето кои не се болни да носат заштитни маски, вели др Даниловски.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција