Злосторничко здружување за изборен криминал

1458520_455035551269901_1505892841_n
Жарко Трајаноски. Фото: ФБ

 

Пишува: Жарко Трајаноски

 

(ФБ статус на авторот, пренесено со дозвола)

 

Досега, СДСМ во неколку наврати објави снимки од разговори (главно меѓу државни и партиски функционери), чија содржина не беше експлицитно демантирана од ниту еден посочен функционер. И последната низа објавени снимки е од јавен интерес затоа што содржината на снимките укажува на планирање и вршење на сериозни кривични дела.

Во објавените снимки од последните две „бомби“ има многу индиции за злосторничко здружување од страна на повеќе лица од извршната власт, односно, дека истите се здружиле заедно со партиски функционери за вршење на сериозни кривични дела во врска со изборите. Има индиции за противзаконито овозможување на голема група лица да користат избирачко право (преку фалсификување на лични исправи и запишување на десетици лица на иста адреса), индиции за спречување на гласање („ќе ги исклучуваме лифтовите механички“, спречување на граѓани и полицајци да гласаат), индиции за организирана злоупотреба на избирачко право (гласање за починати лица и повеќекратно гласање), има индиции за поткуп при избори и гласање (со брашно, кеш на рака, или социјална парична помош), за уништување на изборен материјал (преку кражба и преку намерно поништување на регуларни гласачки ливчиња), за повреда на тајноста на гласањето (со кражба на гласачките списоци со потпишани гласачи, за да се види дали некој гласал), за изборна измама („штимање“ на резултати), за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања (користење на недозволени средства за изборна кампања за обезбедување авионски летови и непријавување средства за финансирање, тајно донирање итн.).

Она што посебно фрапира, се индициите за сериозна злоупотреба на службената положба, преку искористување и пречекорување на овластувањата, од страна на највисоките службеници во МВР кои имаат должност да ги штитат, а не да ги повредуваат избирачките права. Има сериозни индиции за користење на ресурсите на институциите (вклучително и финансии) и нивните информативни бази за партиски потреби. Има сериозни индиции дека просториите на МВР (и на други министерства) биле претворени во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, дека кабинетот на министерката и другите нејзини подредени спроведувале партиски агенди, дека партиски (и други државни) функционери нарачувале апсења и пуштања на слобода.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција