Зоран Божиновски е жив и здрав – сè уште нејаснотии околу екстрадицијата

Зоран Божиновски во Нови Сад откако е ослободен по првиот притвор. Фото: ФБ на З. Божиновски

Божиновски веќе неколку дена е во истражниот затвор во Скопје и засега е добро. Но, постои јавна загриженост за неговата безбедност поради заканите кои ги дибиваше од многу места, вклучително и од највиските ешалони на власта. Србија го екстрадираше во предизборниот молк, а доколку не добила гаранција од РМ, многу е веројатно, дека е повреден Договорот за екстрадиција

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Новинарот Зоран Божиновски, еден од осомничените за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, кој на крајот од минатата недела беше уапсен во Србија и експресно екстрадиран во Македонија, е жив, здрав и добро се чувствува, но засега остануваат обвиткани со молк брзината на екстрадицијата и сомнежите, дали се баш било законски во оваа испорака од страна на органите на соседна Србија.

Божиновски, според извори на Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) и на одбраната што му ја понуди ЗНМ, е жив и здрав, т.е. во добра состојба. Тој од 21/22.04.2016 се наоѓа во истражниот затвор во Скопје, а вчера бил посетен од Канцеларијата на Народниот правобранител. Во исто време, во текот на вчерашниот ден биле поднесени барања до овластните органи да дозволат посета на одбраната и на еден од родителите на Божиновски, а одговорот може да биде брз или да се продолжи од неколку денови до неколку недели.

Засега, како што дознава „Вистиномер“, се очекува најпрво распит на Божиновски од страна судија во претходна постапка и обвинител. Не е познато прецизно ни делото за кое се/ќе се товари, со оглед на фактот што на крајот на 2013 година, Основнот јавно обвинителство реши за него и за уште две лица кои беа недостапни за органите на прогонот да ги одвојат постапките од другите 17 лица кои беа опфатени со првичната истрага и со првичниот обвинителен акт и да не им судат. Само е познато дека ќе продолжи да се товари и делото ќе се суди според стариот Закон за кривична постапка, бидејќи по тој Закон бил и обвинет.

Во септември 2013 година полициските и правосудните органи соопштија дека се приведени 17 од дваесет и двајца осомничени лица поврзани со шпионажа, а од попознатите беа некогашниот полициски генерал Горан Стојков, некогашниот директор на Финансиската полиција Ване Цветанов, поранешни високи службеници во Агенцијата за разузнавање и во Управатта за безбедност и контраразузнавање, Ефремов (прво обвинет) и Александар Диневски, висок службеник во администрацијата на Собранието на РМ и шеф на кабинет на спикерот Трајко Вељановски, Марјан Маџовски и новинарот Зоран Божиновски. Беше приведен и режисерот Борис Дамовски, но брзо беше ослободен, а Дамовски тврдеше дека станува збор за грешка.

Во ноември таа година, Зоран Божиновски по потерница од Интерпол распишана од македонската секција, беше приведен во Нови Сад во Србија и ставен во екстрадиционен притвор, во кој ќе стане до септември 2014 година, кога е ослободен да ја чека конечната одлука и со назнака да не ја напушта Србија.

 

ЗНМ И ТОГАШ И СЕГА СЕ БОРИ ЗА СЛОБДА И ЗА ФЕР ПРОЦЕС

Здружението на новинари на Македонија и здруженијата на новинари во Србија и(и УНС и НУНС), уште тогаш побараа ослободување на Божиновски од притвор и можност да ја докажува својата невиност од слобода, укажувајќи дека според текстовите што ги објавувал и пишувал, сосема е можно да станува збор и за политички монтиран процес, мотивиран од одмазда од страна на владејачките партии во Македонија. ЗНМ и сега, по најновото приведување и екстрадиција на Божиновски оценува дека таа била политички мотивирана, а загриженост изрази и Незавизносто здружение на ноовинари на Србија (НУНС).

Покрај ова поддршка за Божиновски дојде и од редовното неизборно Собрание на ЗНМ, кое одржа седница во Велес на 23.04.2016 година. Во Декларацијата меѓу другото се вели дека на Божиновски нема да му биде овозможено фер судење во Македонија:

Уверени сме дека овој случај ќе биде забележан во историјата на македонското новинарство, како класичен пример за постигнување ефект на страв, дисциплинирање и самоцензура кај новинарите, истовремено уште една лоша порака за останатите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и криминалот и целосно обесхрабрување на истражувачкото новинарство во земјава.

Поддршка и загриженост изразија и колегите од Србија од Здружението на новинари –УНС, а и дел од колегите во земјава изразија сериозна загриженост за безбедноста на Божиновски.

 

ДАЛИ СРПСКИТЕ ОРГАНИ ДОБИЛЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ ГАРАНЦИИ?

Оваа загриженост, произлегува од повеќе аспекти – самите текстови на Божиновски во кои беа обвинувани многу лица од политичкиот и бизнис светот во земјава и друг јавни личности, во кои без пардон се изнесуваа тврдења за разни криминали – од уцени, трговија со дрога, приватизации, други бизнис зделки, итн; но и од еден од незаконски снимените телефонски разговори за кои се тврди дека е помеѓу десната рака на Никола Груевски, Мартин Протуѓер и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, а на чиј крај се слуша јасна закана за сексуална тортура врз Божиновски ако се најде во македонските затвори.

Бидејќи станува збор за долгогодишни високи функционери во Владата на РМ, чија моќ и влијание без оглед што веќе не се на функции е неспорна за севкупната јавност, се поставува оправдано прашањето дали органите на Србија, посебно нивното министерство за правда добило дополнителни гаранции за безбедноста на Божиновски и за условите за фер судење. По најмалку два документа чиј потписник е Србија, таа не смеела да го испорача, ако не добила дополнителни гаранции.

Првиот документ е билатералната Договор меѓу Република Македонија и Република Србија за екстрадиција, потпишана 2011 година, а ратификувана во Македонија наредната година. Според овој законски документ, во член 9 јасно пишува под кои два услова (во овој случај Србија) нема да г испорача бараното лице:

Екстрадиција нема да се дозволи:

  • Ако лицето чија екстрадиција се бара ужива азил на територијата на замолената држава

  • Ако екстрадицијата би била во спротивност со обврските на замолената држава што произлегуваат од мултилатералните договори на замолената држава

Како што може да се види од вестите во Србија, Божиновски бил во постапка за обезбедување азил во Србија и тоа уште од по првото апсење во 2013 година. Министерството за внатрешни работи на Србија не му одобрило азил, па тој со својот адвокат се обидувал преку второстепената постапка да го издејствува азилот и тоа пред Управниот суд, кој го упатил дополнителните документи да ги достави до полицијата во Нови Сад. Тога го сведочи неговиот адвокат Горан Петронијевиќ:

Мојата проценка е дека Министерството за правда, соочено со реалноста дека му припаѓа азил, се решило на итна постапка за екстрадиција. Ние сме загрижени за неговиот живот и безбедност – изјавил Петронијевиќ, додавајќи дека „од доказите што ги поседува, произлегува оправдано стравување дека на Божиновски во Македонија животот му е загрозен“.

Тој исто така додал, дека нему како на адвокат на Божиновски, не му било врачено решението за екстрадиција што требало да го потпише српскиот министер за правда Никола Селаковиќ, но вели дека можело да се постапи и поинаку:

Без оглед на судската одлука, Министерството може да реши екстрадицијата да не се изврши поради тоа што е во прашање политичко дело. Одлуката за екстрадиција во ваков политички момент во Македонија и после толку чекање е дискутабилна – вели Петронијевиќ.

Ова е првиот момент кој е сомнителен. Дали Божиновски навистина ги доставил сите документи за азил и српските органи биле соочени или да му дадат азил и да отворат потенцијален спор со Македонија, особено зашто во игра се и други елементи (Даравелски, обивнувањата од ДУИ дека Божиновски е изворот на приватните разговори меѓу нивни високи функционери и функционерки, па дури и шепкулациите дека на ЗБ му се заканувало убиство поради тоа)?

Но, покрај ова, српските органи можеле да го испорачаат само ако добиле дополнително уверување од македонската страна дека на Божиновски му е гранатирана безбедноста и животот и нема да биде изложен на тортура. На тоа упатува вториот став од споменатиот член 9 од Договорот, кој всушност зборува за други меѓународни обврски што ги презела државата која е замолена да екстрадира, а една од тие е и Конвенцијата на Обединетите нации за спречување на тортура, која е ратификувана и од двете земји.

„Вистиномер“ веќе пишуваше неодамна за оваа Конвенција во контекст на Божиновски, при што констатиравме дека член 3 е изричен:

  • Ниту една држава – потписник не смее да избрка, врати или да екстрадира лице во друга држава, за каде има сериозни основи да се верува дека ќе се најде во опасност да биде подложено на тортура.

  •  Заради утврдување дали постојат такви основи, надлежните власти ќе ги земат предвид сите релевантни претпоставки, вклучувајќи, доколку е апликативно, постоење на конзистентна линија на обемни, флагрантни или масовни прекршувања на човековите права.

Според сознанија на „Вистиномер“, колегите од Србија не можеле да добијат ниту едно конкретно барање од нивните органи, ниту решението за екстрадиција. Македонските органи потврдија дека го добиле решението на српското Министерство за правада и дека врз таа основа, Божиновски е прифатен од македонската полиција на 21.03 вечерта и спроведен во истражен затвор.

Остануваат шпекулациите зошто Божиновски е испорачан во овој миг, после толку чекање, како што вели неговиот адвокат, како и сомнежите поради погоре наведените аргументи, дали се било баш така законски од страна на српските органи, како што тврди старо-новиот премиер Александар Вучиќ, во одговор на „пропагандно прашање“ од страна на Ивона Талевска.

Покрај шпекулациите, останува и надежта дека Зоран Божиновски ќе остане жив и здрав и ќе има шанса својата невисност да ја докажува во фер и правно –неоспорна постапка. Засега, од она што се знае во судската постапка, има директни тврдења дека бил дел од уценувачка дружина, но не беше наведено дека директно барал пари.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција