Сѐ уште нема субвенции за енергетска изолација на индивидуални куќи

Фото: pixabay.com

ВЕТУВАЊЕ: Ќе обезбедиме субвенции за секој граѓанин кој ќе реши енергетски да го изолира својот објект, преку директна финансиска помош од Буџетот на Република Македонија што ќе изнесува 20 отсто од вкупната инвестиција на граѓаните.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 219]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Социјалдемократите во својата програма „План за живот во Македонија“, со која победија на предвремените парламентарни избори во 2016 година, како и во настапите во изборната кампања, ветуваа дека новата Влада во првите шест месеци ќе почне да субвенционира 20 отсто од инвестицијата за енергетска изолација на индивидуалните станбени објекти. Ова ветување, сѐ уште не е остварено, иако од изборот на Владата измина година и половина.

Новата Влада ќе го субвенционира секој граѓанин кој ќе реши енергетски да го изолира својот станбен објект. Директно ќе обезбедиме финансиска поддршка за граѓаните во висина од 20 проценти од вредноста на инвестицијата за енергетска изолација. Ова е дел од итните реформски приоритети на новата влада, за првите 180 дена, изјави во октомври 2016 година Дамјан Манчевски.(МКД)

По изборот на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, ова ветување на СДСМ стана дел и од Програмата за работа на Владата, со образложение дека со овие субвенции „ќе се обезбедат до 70 отсто заштеда на енергија, намалени трошоци, намален увоз на струја, а зголемен обем на работа и бројот на вработени во фирмите производители и изведувачи на овие материјали“.

Владата во јануари лани (2018) донесе програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата. Во неа се наведува дека за подобрување на енергетската ефикасност во домовите на граѓаните ќе се субвенционира вградување ПВЦ прозорци, поставување на сончеви панели и купување на печки на пелети и пелети, но не беше предвидено и субвенционирање на енергетска изолација на објектите.

Од Министерството за економија, преку кое се реализираат мерките за енергетска ефикасност на домаќинствата, велат дека таква мерка и годинава нема да се реализира во рамки на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата.

Во согласност со Четвртиот Акционен план за енергетска ефикасност за периодот 2019 -2020 година, кој треба да биде изготвен до крајот на април 2019 година, од следната 2020 година ќе се отвори можноста и би можеле да се испланираат средства за воведување на нови мерки со кои би можело да се доделат државни субвенции преку годишните програми за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, појаснуваат од Министерството за економија.(Плусинфо)

До 2020 година, додаваат од Министерството, граѓаните можат да ги користат кредитите на комерцијалните банки за оваа намена од REEP PLUS програмата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

И додека Владата сѐ уште не одлучила да дава субвенции за енергетска изолација на објектите на граѓаните, дел од општините самостојно субвенционираат инвестиции на енергетска изолација на објектите за колективно домување, но не се субвенционираат индивидуални објекти на граѓаните. Општините субвенционираа фасади на старите згради и во претходниот период.

Според тоа, ветувањето на СДСМ дека ќе субвенционира 20 отсто од инвестицијата на граѓаните наменета за енергетска изолација на нивните објекти не е остварено, ниту за шест месеци како што беше ветено, ниту пак, досега  по година и половина од мандатот на оваа Влада.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција