АНАЛИЗА: Ребаланс на буџетот – угоре високо, удолу длабоко !

Фото: pixabay.com
 

Се троши последниот квартал од економската 2018 година. Меѓународните финансиски институции излегоа со нови, ревидирани прогнози за раст на македонската економија и според нив очекувањата за раст од 3,2% полека, но извесно – се топат, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Но, со предложениот ребеланс на Буџетот, Владата одлучи да направи само намалување на приходите и расходите за 0,5% заедно со нивото на буџетскиот дефицит, кој незначително се намалува и останува на позицијата од 2,7% од БДП.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ЈАВНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЗАСТОЈ – ДЕЛ ОД ПАРИТЕ АЛОЦИРАНИ …

Премалку време, а премногу нереализирани инвестиции остануваат до крајот на 2018 година.  Дел од стопанствениците остануваат на ставот дека со досегашната динамика на остварување на јавните инвестиции ( околу 30% за осум месеци), речиси е невозможно да се реализираат капиталните расходи на ниво од околу 400 милиони евра. Сега на истекот од оваа календарска година Владата со ребаланс на Буџетот предложи алокација на дел од неискористените пари, дел ќе завршат за општините и за државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигрување.
Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити; Намалување на каматните расходи за 897 милиони денарии, зајакнување на фискалниот капацитет на општините, алоцирање на дополнителни средства во ПИОМ со цел непречена исплата напензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со  цел непречено остварување на право на здравствена заштита…– објаснија од Владата.
Клучната причина  која ги „замати“ буџетските политики за јавните иневстции е присутната  политичка неизвесност, која генерлано ја обои целата 2018 година, а особено  пред и по референдумот на 30-ти септември.  Поради ова претставниците на дел од стопанските комори се уверени дека проекциите за економски раст се тешко остварливи.
Евентуална нова политичка криза само дополнително ќе придонесе, односно ќе го отежни или ќе го оневозможи постигнувањето на предвидениот економски раст од 3,2%. Нивото на реализација на капиталните инвестиции директно се поврзува со економксиот раст, а јавните инвестиции се со слабо ниво на реализација. Потфрлувањето на буџетските предвидени капитални инвестиции во изборен циклус ќе биде најлошо можно сценаријо за бизнисот. Поради овие причини сметаме дека на Република Македонија не и се потребни предвремени парламентарни избори, бидејќи тоа само ќе придонесе за влошување на економскиот амбиент во земјата, нешто што  многу негативно ќе се одрази на бизнис секторот – вели Милаим Амети од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Динамиката на реализација на капиталните расходи беше успорена уште во првите месеци од годинава, и тогаш дел од економистите за „Порталб“ посочија дека постои опасност од неостварување на зацртаните инвестициски зафати. Вината се лоцираше во „административен бојкот“, но и поради зголемената  внимателност во тендерските постапки и вкупните процедури за реализација на јавните инвестиции.
Очигледно институциите на кои им се доверени програми и обврски за реализацијата на капиталните трошоци не биле посветени на проблемите а и нивната координација потфрлила. Таквата состојба не е од корист на никого во земјава, ниту на јавниот сектор што треба да испорачува зголемени и подобри јавни добра ниту на дел од приватниот сектор што соработува со јавниот сектор и треба да создава дополнителна вредност. Доколку се случи поголем дел од јавните расходи за инвестиции да се концентрираат и исплатуваат на крајот од годината можно е да се создадат и соодветни проблеми на монетарната власт која можеби ќе биде приморана да повлекува вишок на ливидност од економијата за што ќе се плати соодветна економска цена – изјави за „Порталб“  еден од поранешните министри за финансии, универзитетскиот професор Никола  Поповски.

 

Додека дел од стопанствениците и економистите  предупредуваат дека  годинава е извесно  дека нема да се  оствари економски раст повисок од 3 отсто, од Владата остануваат  оптимисти оти ќе се оставарат зацртаните прогнози.
Но, меѓународните финансиски институции веќе објавија нови, во надолна линија ревидирани прогнози за Македонија. Така , Мегународниот монетарен фонд во есенскиот извештај ги намали проекциите за раст на македонската економија за годинава на 1,6 насто . Претходно, тоа го направи и Светска Банка според која растот на БДП  ќе биде 2,5 насто.
Наскоро и Народната банка треба да излезе со  нови прогнози, но сè уште не е јасно дали ќе се намали  сегашната проекција за економски раст. НБМ веќе нотираше забавување на економскиот раст во првото полугодие од годинава.
Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот, главно заради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамки на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од високофреквентните податоци упатуваат на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината – сооопштија од  НБМ и најавија  внимателно  следење на  вкупните економски состојби
И натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување, при што Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи сите економски и пазарни показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Сега, откако Македонија влезе во нова епизода на политичка неизвесност, дел од економистите велат дека очекувањата се повторно „разнишани“ и дека последиците од тоа ќе бидат видливи.
Во економијата и бизнисот многу важен фактор се очекувањата, така што ако кај приватниот сектор потстои недоверба и негативни очекувања за иднината,  секако тоа ќе се одрази преку намалување на инвестиции  кои не се реализираат со предвидената динамика.  Ги охрабруваме политичките партии да ги надминат разликите и да најдат рационално  решение се со цел да се обезбеди напредок на работните процеси како за деловниот сектор така и за државните и јавните институции – вели Амети.
 
Дел од економистите и стопанственците предупредија дека врз вкупната економија влијаат и честите изборни циклуси. Во просек на 1,9 години во Македонија се спроведуваат избори, без разлика дали се паралментарни, локални, претседателски, редовни или вонредни. 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.