Богдановиќ го исполнува ветеното за јавниот простор во Центар

Саша Богдановиќ, прв ред лево. Фото: Општина Центар, веб сајт

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, при својата кандидатура постави едно крупно ветување кое се однесува на ревизија на квалитетот на планирање на просторот и кое го сметаме за исполнето со самото тоа што се прави преглед, односно ревизија на 31 детален урбанистички план донесени во мандатот или мандатите пред него

 

Во предизборната програма на градоначалникот на Општина Центра Саша Богдановиќ, во поглавјето „Клучни проекти“ во делот „Запирање на неконтролираните градежни активности“, се наоѓа и следното ветување кое го оценуваме како исполнето:

Ревидирање на квалитетот на планирањето на просторот

[Извор: СДСМ – Живот во Центар за ситесептември: 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, при својата кандидатура постави едно крупно ветување во поглавјето „Запирање на неконтролираните градежни активности“ (стр.16 и 17), а тоа е ревизија на квалитетот на планирање на просторот, кое го сметаме за исполнето со самото тоа што се прави преглед, односно ревизија на 31 детален урбанистички план, кои биле донесени во мандатот или мандатите пред него.

Всушност, ова поглавје има многу повеќе детални ветувања какви што се Јавна објава на сите детални планови кои што се во доработка или изработка, но и на сите донесени претходно, како и нивните измени и дополнувања, континуирана теренска проверка на фактичката состојба според деталните урбанистички планови, како и Проверка на сите издадени одобренија за градби и стопирање на издавањето нови одобренија за градба и воведување мораториум за градба најдоцна до крајот на 2017 година и да трае сè додека не се изготви нов детален урбанистички план според сите стандарди и без случајни превиди…или Подготвување детална анализа и професионални студии за демографијата, зеленилото и животната средина, сообраќајот, безбедноста и заштитата и комуналната инфраструктура и нивно користење и спроведување при изработката на детален урбанистички план, итн.

Градоначалникот Богдановиќ во предизборната прграма ова го има ветено за реализација до крајот на 2017 година и почетокот на 2018 година.

Првата одлука за стопирање на спроведувањето на 31 детални урбанистички планови донесени од Општина Центар во минатото, беше донесена на Седница на Советот на Општината на 27 декември 2017 година. Образложението, поднесено од градоначалникот на таа седница и во прилог на неговиот предлог, е следна:

Урбанистичко-планската документација за овие ДУП-ови не е во согласност со Генералниот урбанистички план. ДУП-овите се стари и планскиот период за кој се донесени е изминат.

На 26 април на седница на Советот, исто така по предлог на Богдановиќ, мораториумот е продолжен со поддршка на мнозинството советници во Општина Центар за уште два месеца, со тоа што се нагласува дека „разгледувањето на овие детални урбанистички планови е во завршна фаза“.

При нашите контакти со Општината ни беше повторено дека мораториумот е донесен врз законска основа за секој ДУП одделно и дека причините во кои е утврдено некоја недоследност за конкретните дупови се бројни – од недоволен број гласови со кој е донесен, до непочитување на еден од 20-те чекори кои се неопходни да се исполнат како процедурални услови за да може еден конкретен ДУП да почне да се реализра. Впрочем, токму ова, Извештај за ДУП-ови во фаза на донесување, е транспаретно објавено на веб страната на Општина Центар во секцијата Детални урбанистички планови.

Според погоре приложеното, може да се оцени дека Саша Богдановиќ го реализирал и го реализира предизборното ветување за ревидирање на квалитетот на планирањето на просторот, иако самата одлука за мораториум на спроведувањето на ДУП-овите е можеби една од најтешките одлуки, како што пишуваа и медиумите, а дел од советниците, но и други градоначалници реагираат дека таквите одлуки може негативно да се влијаат на еден од основните приходи на секоја општина.

 

ИЗВОРИ:

 

Oценил: Teo Блажевски