Членовите на Советот за реформи не ги виделе сите закони

Оливер Ристовски околу реформите во правосудството. Фото: скриншот

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, во ТВ дебатата рече дека немало притисоци врз Советот за реформи во правосудството, дека тој само еднаш или два пати претседавал со седниците и конечно, дека сите досега измени на закони, кои се во процедура или се усвоени, поминале низ рацете на членовите на Советот, што според нашата проверка, не е вистина

 

Оливер Ристовски, заменик министер за правда во телевизиска дебата, говорејќи за реформите во правосудството, изјави нешто што, според фактите, е невистина:

Ние сигурно не сме правеле никаков притисок. И сите законски текстови до престанокот на Советот поминаа низ нивни раце. Значи, сите ги гледаа и Стратегијата и првите измени на (законот) за укинувањето на Советот за утврдување на факти и првите измени на законот за Судски совет и Законот за амнестија…сè пројде низ нив, сè!

[Извор: Топ тема – дебата (околу 53 мин), датум: 12.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, во ТВ дебатата рече дека немало притисоци врз Советот за реформи во правосудството, дека тој само еднаш или два пати претседавал со седниците и конечно, дека сите досега измени на закони, кои се во процедура или се усвоени, поминале низ рацете на членовите на Советот, што според нашата проверка, не е вистина.

Најнапред, го пренесуваме ставот на поранешниот член на Советот за реформи, професор д-р Мирјана Најчевска, која веднаш по емисијата на својот фејсбук профил го постави следниот статус:

Лаже дека сите закони и законски измени кои се однесуваат на правосудниот систем пред да влезат во собраниска процедура биле предмет на расправа на Советот за реформа на правосудниот сектор.

Кога поднесуваше оставка од членствот во Советот, Најчевска упати писмо до Министерството за правда во кое, меѓу другото, наведе:

Фактички, ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат…

Да не остане ништо нејасно: поднесувам официјална оставка и изјавувам дека не сум ги видела законските текстови кои се влезени во собраниска процедура или е најавено дека ќе бидат ставени на дневен ред на Собранието (Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривична постапка, Законот за полиција, Законот за извршување, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавното обвинителство, Закон за судовите, …)

На 10-ти јануари 2018 година, Најчевска за „Макфакс“ изјави дека „ниту еден член на Советот за спроведување реформи во правосудството не бил консултиран за законските решенија што Владата ги доставува до Собранието. Работните групи што биле формирани не давале информации што работат, а во законодавниот дом се носат закони без Советот воопшто да ги види. Единствено нешто што поминало на Советот била стратегијата за реформи на правосудниот систем, но и таа точка не била долго разговарана.“

Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија потврди за „Вистиномер“ дека изјавата на заменикот министер не е вистина:

Не е вистина дека сме ги гледале сите предлози за измена на закони или предлози за нови закони. Ние видовме само дел од материјалите околу измените на Законот за Судски совет, измени со кои се укинуваше Совет за утврдување на факти, дел од материјалите за Законот за амнестија и Стратегијата. Ниту сме виделе нешто друго, ниту пак, знаевме дека постојат работни групи во кои дел од членовите на Советот си членувале, ниту пак, видовме предлог-закони или решенија од овие работни групи. Конечно, и од овие материјали што ви ги споменав што сме ги виделе, не сме виделе финални решенија, ниту, пак, ни биле доставени пред да бидат доставени во Владата или во Собранието за натамошна процедура – изјави Пировска.

Професор Д-р Гордан Kалајџиев, кој прв поденесе оставка и ја обелодени на една трибина на Правниот факултет во Скопје, тогаш изјави:

Ние бевме незадоволни и од, условно речено, техничката страна. Не добивме материјал навреме, не бевме информирани каде се некои реформски зафати, не бевме информирани за фидбекот на ЕУ и експертите од таа страна, не бевме информирани за дебатите што се водат и тој фидбек, немавме благовремено материјали за многу работи, немаме влијание врз техничките комисии што почнаа да работат на некои закони.

Тој тогаш појасни дека се чувствувал понижен и дека неговиот впечаток е оти Советот е декор на Министерството за правда:

Некои важни иницијативи се одвиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на Министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи. Мислам дека, напротив, сериозноста на задачата бара многу добро да се размислат чекорите што се преземаат, бидејќи само палијативни, нови крпења на законските прописи нема да донесат решенија на проблемите, како што не донесоа ни досега, бидејќи ние и без да правиме реформи имаме пристојни законски решенија.

И уште еден член на Советот, професор д-р Љубомир Фрчковски потврдува дека Советот се судрил со власта, со луѓето од Министерството за правда и дека немало комуникација околу некои законски решенија:

Владата создаде совет со кој што не знаеше што да прави, бидејќи кога ќе создадете таков совет од таков карактер на луѓе и експертски профил на луѓе, вие мора да очекувате дека тој совет ќе расправа суштествено за некои прашања од реформата…и нормално дека со послабите инсуфуцијентни интелектуално, експертски секако, групи на Министерствот за правда и бирократијата, секако ќе се судри на некој начин. И тоа се случи. Мислам дека Владата се исплаши од можноста Советот да продуцира определни решенија, наместо најнормално, најладно да ги прифати тие ставови и да одлучи што од тоа ќе прифати, а што не… Штета што тоа не беше искористено и се претвори во некаков судир на Советот и луѓе од Советот со заменик министерот за правда, со некои стручни таму соработници. Тоа се претвори во една досадна македонска шема.

Споредбата на погоре посочените изјави на заменикот министер и на неколку професори и Пировска, сите поранешни членови на Советот за реформи во правосудството, упатува на заклучокот дека тврдењето на заменикот-министер, дадено во ТВ дебатата на емисијата Топ тема на ТВ Телма, е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција