Дали Заев ги крие амандманите со кои треба да се менува Уставот?

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека премиерот Зоран Заев прифатил да се менува Преамбулата на Уставот и членовите З и 49 од Уставот, а на 10 дена пред одржување на референдумот ја крие содржината на амандманите. Фактите за промена на наведените членови од Уставот се точни и тие се наведени таксативно во Договорот кој е јавно објавен и достапен по неговото потпишување, но обвинувањата за тајмингот и барањето да се објават пред референдумот се преуранети и оттука, ваквата изјава, во овој момент ќе ја оцениме како невистинита

 

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека премиерот Зоран Заев прифатил да се менува Преамбулата на Уставот и членовите З и 49 од Уставот, а на 10 дена пред одржување на референдумот ја крие содржината на амандманите. Фактите за промена на наведените членови од Уставот се точни и тие се наведени таксативно во Договорот кој е јавно објавен и достапен по неговото потпишување, но обвинувањата за тајмингот и барањето да се објават пред референдумот се преуранети и оттука, ваквата изјава, во овој момент ќе ја оцениме како невистинита.

Заев прифатил со капитулантскиот договор промена на Преамбулата на Уставот на Република Македонија, чл.3 и чл.49 од истиот. Заев бега од одговори и не кажува што ќе менува во Преамбулата. Заев бега од одговори и не кажува што ќе менува во чл. 3 од Уставот, кој гласи: Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Што според договорот кој го потпиша владата на СДСМ треба да се смени во чл. 3, кој ја гарантира неотуѓивоста и неделивоста на територијата на Република Македонија? Заев треба да одговори и што ќе менува во чл. 49, кој ја обврзува државата да се грижи за нашето малцинство во странство. И дали тоа не е откажување од Македонците надвор од Македонија.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ: Заев прифатил промена на уставниот член за територијалната неделивост и неотуѓивост, датум: 16.09.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во конкретниов случај, за проверка имаме соопштение од политичката партија ВМРО ДПМНЕ, на тема: содржина на амандманите со кои ќе се менува Уставот на Република Македонија. Содржината на соопштението, понатаму се користи во изјави на официјални високи претставници на партијата во секојдневните активности. Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски која соодветствува со партиското соопштение, дадени по изјавата на Зоран Заев, на оваа тема делумно се вистинити и тоа само во делот на фактите за тоа кои делови од Уставот ќе се менуваат со амандмани, според утврденото во Договорот помеѓу Македонија и Грција, каде што е прецизиран и временскиот рок за почнување на промена на Уставот.

Неспорно е дека во Договорот е предвидено новото име на Република Македонија да биде Северна Република Македонија.

Член 1, а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

 

Истиот договор понатаму предвидува дека промената на името Република Македонија во Република Северна Македонија ќе се реши со еден амандман, со чија содржина, секаде каде што стои Република Македонија ќе се смени во Република Северна Македонија.

  1. е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба.

Неспорно дека во Договорот, во точка 4, (од а до ѓ), е предвидена постапката за менување на Уставот со временски рок до крајот на 2018 година.

  1. По потпишувањето на оваа спогодба, Страните ќе ги спроведат следниве чекори:

а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација.

б) По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата.

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум.

г) Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба.

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г.

ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоре наведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба.

Сепак, целата (не)вистинитост на обвинувањата во изјавите се содржани во точката 11 од договорот, кој предвидува брзото усвојување на амандманите за промена на Уставот да се реализира веднаш по ратификацијата на спогодбата во Собранието, или по референдумот доколку „втората страна“ одлучи да спроведе референдум. Бидејќи во конкретниов случај е распишан референдум, Владата има правно покритие за објаснувањето зошто содржината на амандманите ќе ја соопшти по референдумот. Оттука, изјавата на премиерот Заев, кој објаснува што ќе се менува  во Уставот, целосно кореспондира со содржината на Договорот:

Премиерот Зоран Заев изјави дека уставните измени кои треба да се случат се многу логични и ќе бидат објавени од страна на собраниските комисии што ќе работат на нив по завршување на референдумот и објавување на резултатите. Промените ќе се направат во преамбулата, членовите 3 и 49. Во преамбулата ќе има само зајакнување на одлуките на АСНОМ за слобода, демократија, еднаквост помеѓу граѓаните, бидејќи од АСНОМ е борбата за ослободување на сите граѓани од тогашниот фашистички окупатор. Во делот на член 49 каде што се однесува за дијаспората, ќе го примениме она што е европско. Знаете дека Македонија има дијаспора на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и кај нас е подлабински навлезено и може да предизивика во иднина иредентизам, односно одредени провокации, но секако ќе го преадаптираме како што стои во земјите членки на ЕУ и како тоа државата ќе води грижа за својата дијаспора“, изјави Заев при посетата на 15.09.2018 година  на Липково. Таму каде што е Република Македонија, ќe стои Република Северна Македонија, а секаде каде што е македонско останува македонско и каде што стојат Македонци, Албанци, Турци, Роми останува – рече Заев.

[Извор: Заев: Уставните измени ќе бидат познати по референдумот, датум: 15.09.2018]

Сепак, високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, како потпретседтелот на партијата Александар Николовски, и по оваа изјава, го тврдат истото, дека Заев ги крие уставните измени и бараат нивно објавување пред референдумското изјаснување.

Граѓаните, пред сѐ етничките Македонци не го прифаќаат, се против преименувањето и промената на Уставот, како и промената на националниот идентитет на Македонците. Во исто време се отвора прашање зошто на 10-тина дена до референдумот Владата не ги објавува уставните амандмани, затоа што клучниот дел од договорот е промена на Уставот, промена на Преамбулата, на членовите 3 и 49 како и промена секаде онаму каде што пишува Република Македонија во Република Северна Македонија. Ние ја повикуваме Владата да ги објави, баш за да можат да ги видат граѓаните и да видат кој е тој голем страв кој што го крие владата од нив – Александар Николовски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

[Извор: Николоски: Ја повикуваме Владата да ги објави уставните амандмани – изјава на Александар Николовски, датум: 18.09.2018 година]

Точката 12 од Договорот ги регулира деловите кои треба да се сменат во Уставот: Преамбулата и членовите 3 и 49. Прашањето за содржината на амандманите во оваа фаза е само прашање на транспарентност и отчетност на Владата пред одржување на референдумот, па ако се гледа формално правно, Договорот не забранува да се знаат контурите на амандманите и тоа што ќе се менува, ако веќе не е достапен целосниот текст на планираните измени, што во голем дел е содржано во изјавата на премиерот Заев, цитирана погоре.

  1. Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум.

  1. Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на Втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, Втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот.

[Извор: Влада на РМ, веб сајт, конечна верзија на Спогодбата Македонија-Грција, пристапено: 19.09.2018 година]

Затоа, оценката, за ваквото тврдење во соопштението на ВМРО ДПМНЕ кое е предмет на оценување, е дека истото, во овој момент е невистинито, во делот во кој се тврди дека амандманите се кријат пред одржување на референдумот. Како што објаснивме, Договорот помеѓу Македонија и Грција предвидува амандманите да се објават по Референдумот, доколку втората страна се одлучи на спроведување на референдум, како што е случај.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Саше Димовски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.