Додатокот за лицата со посебни потреби е зголемен 20 отсто (дополнето со РЕАКЦИЈА и Редакциски ОДГОВОР)

Фото: pxhere.com

На крајот на октомври  минатата година направени се законски измени со кои е зголемен посебниот додаток што го добиваат децата со посебни потреби, но не за 50 проценти како што е ветено, туку за  околу 20 отсто

(По објавувањето на оваа анализа, во редакцијата на „Вистиномер“ пристигна реакција од Министерството за труд и социјална политика која ја објавуваме во целост под написот. Под оваа реакција, пак, е помесетен и редкацискиот одговор на „Вистиномер“)

 

Ќе го зголемиме износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50%.

 [Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.216); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.),  вети дека во првите шест месеци од мандатот „ќе се зголеми износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50 проценти“. Ова ветување  на СДСМ  е дадено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“,   во рамките на „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ ( стр.216), а го има  и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) на стр.11, само таму не е прецизиран рокот за реализација туку е наведено дека тоа ќе биде направено во текот на мандатот.  Досега (01.04.2019), речиси по две години од изборот на Владата предводена од СДСМ (31.05.2017), ова ветување е само делумно исполнето.

Имено, на крајот на октомври  минатата година направени се законски измени со кои е зголемен посебниот додаток што го добиваат децата со посебни потреби, но не за 50 проценти како што е ветено, туку за  околу 20 отсто.

Овие законски измени  Собранието ги усвои на 24 октомври 2018 година  и според нив износот на утврдената висина на правото на посебен додаток  од 4.202 денари се зголемува на 5.021 денари. Самохраните родители кои имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години, наместо досегашните 6.303 денари ќе добиваат сума од 7.531 денар. За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална помош и постојана парична помош, а кои имаат дете со специфична потреба до 26 години, додатокот се зголемува од 5.252,50 денари на 6.276 денари.

Споменатите законски измени се објавени во  Службен весник (бр. 198)  на 31 октомври 2018 година, а стапија на сила осум дена подоцна.

Инаку,  една година претходно,  со законски измени направени во ноември 2017 година, се овозможи децата со посебни потреби  по автоматизам да  продолжат да ги остваруваат  правата (посебниот додаток и бесплатното лекување) и по навршување на 26 години.

Па, имајќи предвид дека според рокот за реализација ветен во Изборната програма, средствата за заштита на правата на оваа категорија граѓани требаше да  се зголемат за 50 проценти најдоцна до крајот на ноември 2017 година, а досега се покачени само за околу 20 отсто, ветувањето го сметаме за делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 


 

36 отсто зголемени средствата за поддршка на лицата со попреченост за половина мандат на Владата

 

(Реакција на Министерството за труд и социјална политика – 02.04.2019)

 

Министерството за труд и социјална политика реагира на тврдењата што ги шири „Вистиномер“ дека лицата со попречености не го добиле ветеното покачување. МТСП работи согласно програмата на Владата на Република Северна Македонија во која е наведено дека ќе го подобри системот на заштита и ќе го зголеми износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50% во периодот на својот мандатот. ( стр.11). Иако, Владата е на половина мандат Министерството за труд и социјална политика е блиску до реализација на овој процент. Од 2016 година до 2019 година Буџетот наменет за лицата со попреченост е зголемен за 36 %. Во 2016 година реализирани се вкупно 1.009.784.679 денари, а во 2019 година во буџетот за оваа намена се предвидени 1.373.600.140 денари.

Она што сакаме да го потенцираме е дека зголемувањето на паричните средства во буџетот на МТСП наменет за лицата со попреченост не треба да се мери само преку дирекните парични трансфери до крајните корисници, туку и преку развојот на услугите и олеснувањето на пристапот до паричните средства.

Со социјалната реформа чија реализиација зависи од гласањето на пратениците во Собранието се прошируваат постојните и се воведуваат нови надоместоци за лицата со попреченост. Правото за попреченост се проширува и за лицата со  интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува на 50% од просечна нето плата.

Висината на Гарантираната минимална помош се зголемува за коефициент 0,5  за  првиот член ако е лице со попреченост, односно за коефициент 0,2 за секое наредно лице со попреченост во семејството, но најмногу за три члена, односно се добива поголем износ на средства. Воедно  надоместок за попреченост не се засметува како приход при остварување на гарантирана минимална помош.

Со социјалната реформа се воведува и додаток – таканаречен траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита (сместување во институција), кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж.

Годинава за прв пат ќе се развива услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмена, одмор и задоволување на лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита.

Исто така би сакале да потенцираме дека во 2019 година неколкукратно се зголемува буџетската ставка за процесот на деинституционализација и изнесува 89 милиони денари, а со истиот се опфатени и деца и возрасни. Дополнително се обезбедени и средства од Светска банка за развој на услуги од 31,6 милион денари. Лани МТСП за прв пат обезбеди буџетска ставка за процесот на деинституционализација и изнесуваше 29,1 милион денари.

За финансирање на Програмата на Националните инвалидски организации и за Црвениот Крст, во 2019 година зголемени се средствата на вкупно 70 милиони денари.

Во април лани беа направени првите чекори за воспоставување на индивидуализирани социјални услуги во заедницата, кога за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција за лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица финансирана од Буџетот на МТСП, за што беа издвоени 17,5 милиони денари. Годинава оваа услуга ќе ја користат вкупно 200 лица со попреченост од целата земја и за истата од Буџетот се предвидени  25 милиони денари.

Покрај услугата лична асистенција која се воведува и како законско право, ќе се  воведе и услугата помош во домот која ќе биде наменета за лицата со интелектауална попреченост и комбинирана попреченост, како и за старите и изнемоштени лица кои неможат сами да се грижат за себе, а немаат соодветна поддршка од семејството.

Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост се зголеми износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15 %, односно од 4.202 денари  на 5.021 денари. Исто така самохраните родители коишто имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години наместо досегашните 6.303 денари  ќе добиваат сума од 7.351 денар. За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална помош и постојана парична помош, а коишто имаат дете со специфична потреба до 26 години  додатокот се зголемува од 5.252,50 денари  на 6.276 денари.

Исто така започна воведувањето на образовните и личните асистенти во настава кои им овозможуваат поддршка на децата со попреченост во образовниот процес. Преку активните мерки за вработување – Програма за општинско корисна работа во текот на учебната 2017/2018, почнувајќи од 1 октомври 2017 па се до 1 јуни 2018 беа ангажирани вкупно 140 образовни асистенти во 18 општини во државата.

Во новата учебна година 2018/2019, овој број е зголемен со учество на 34 општини и 300 асистенти во настава.

Со измени во Закон за социјална заштита во 2017 година престана потребата од конзилијарно мислење и наод од најмалку 3 лекари за остварување на правото за паричен надоместок за помош и нега од друго лице.  Правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за мобилност, слепило и глувост се остваруваат без оглед на висината на приходите на лицето кое има потреба од истото, а надоместокот за скратено работно време на родители на деца и лица со попреченост се остварува без оглед на возраста на лицето. Додека правото на посебен додаток до 26 година по автоматизам преминува во право на помош и нега од друго лице. Со законски измени се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години.

Со почит,

Министерството за труд и социјална политика

 


 

Ние го оценуваме изборното ветување на СДСМ со рок на исполнување до 30.11.2017 година

 

(Редакциски одговор по повод реакцијата на МТСП – од редакција „Вистиномер – 02.04.2019)

 

„Вистиномер“ веќе осум години ги анализира изборните ветувања на политичките партии (на локално и на централно ниво) независно која партија е на власт и секогаш тоа го прави со еден објективен пристап и без тенденциозност.

Во конкретниот случај за текстот на којшто реагирате, не е правена оценка генерално на социјалната реформа, туку на изборното ветување на СДСМ дека „ќе го зголеми износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50%“, дадено во „Планот за живот во Македонија“ (стр.216), со рок на реализација шест месеци од мандатот на Владата. Што значи ветеното требало да биде исполнето до 30.11.2017 година , со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31.05.2017 година.

Во Вашата реакција, пак, Вие се повикувате на рокот што си го дала Владата во нејзината Програма за работа (периодот на целиот мандат), говорите генерално за социјалната реформа за лицата со попреченост и посочувате дека: „Владата е на половина мандат. Министерството за труд и социјална политика е блиску до реализација на овој процент (50%). Од 2016 година до 2019 година Буџетот наменет за лицата со попреченост е зголемен за 36 %. Во 2016 година реализирани се вкупно 1.009.784.679 денари, а во 2019 година во буџетот за оваа намена се предвидени 1.373.600.140 денари.“

Но, ние го оценуваме изборното ветување на СДСМ со рок на исполнување до 30.11.2017 година. Во конкретниот случај рокот поминал, а дотогаш средствата за заштита на правата на лицата со посебни потреби, не биле покачени за 50%. Колку што ни е познато , такво покачување не е направено ниту во 2018 година.

Сепак, според нашата проверка, на крајот на октомври 2018 година направени се законски измени со кои е зголемен посебниот додаток што го добиваат децата со посебни потреби за околу 20 отсто. Имено, според овие законски измени, кои Собранието ги усвои на 24 октомври 2018 година, износот на утврдената висина на правото на посебен додаток од 4.202 денари се зголемува на 5.021 денари…

И тоа го напишавме во текстот . Па, иако е поминат рокот за исполнување на даденото ветување на СДСМ: „ќе го зголеми износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50%“, (30.11.2017), имајќи предвид дека е зголемен посебниот додаток за лицата со попреченост (независно што и тоа е направено дури наредната година – 24.10.2018), ценејќи дека, сепак, се направени активности во однос на зголемување на правата на лицата со посебни потреби, велиме дека ветувањето е „делумно исполнето“. Да сакавме да бидеме построги, оценката би била „неисполнето“, бидејќи, да повториме, рокот за исполнување поминал уште на 30.11.2017 година.

Во реакцијата потенцирате дека „зголемувањето на паричните средства во буџетот на МТСП наменет за лицата со попреченост не треба да се мери само преку дирекните парични трансфери до крајните корисници, туку и преку развојот на услугите и олеснувањето на пристапот до паричните средства и истовремено пососчувате дека МТСП има реализирано и други мерки во насока на поквалитетни услуги за лицата со посебни потреби.

За Ваша информација, „Вистиномер“ во изминатиов период во неколку наврати оценуваше ветувања од Изборната програма на СДСМ во делот на социјалната политика, поконкретно за лицата со посебни потреби, а кои се однесуваат токму на мерките за кои во Вашата реакција посочувате дека сте ги спровеле.

Така на пример, на 22.06.2018 година објавен е текст за тоа дека : е овозможено скратено работно време за родители на деца со попреченост без оглед на возраста, на 18.07.2018 година објавен е текст за воведувањето лични асистенти („воведени се мерки за помош на лица со телесна попреченост“),а на 27.03.2019 година е објавен текст дека „додатокот за лицата со посебни потреби продолжува по автоматизам по 26 -та година“.

Со почит,

Редакција „Вистиномер“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.