Генерал Николовски: Армијата е запоставена!

Генерал Николовски во изјава за 24 Вести. Фото: скриншот

 

Поранешниот генерал на Армијата на Република Македонија, Илија Николовски ја даде следнава изјава за состојбата со АРМ:

„Мислам дека државата треба да изврши корекција на својот однос кон Армијата, да се подигне стандардот. Не може Армијата да биде запоставена во однос на другите институции“.

[Извор: ТВ 24 Вести, датум: 18.08.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Илија Николовски, генерал во пензија, претседател на вонпарламентарната Партија на обединети пензионери и граѓани на РМ, претседател на воените ветерани и резервисти, по повод Денот на АРМ, даде вистинита изјава дека Армијата е потценета во однос на другите институции.

Трендот на намалување на буџетски средства за одбраната а со тоа и за АРМ, преку што се рефлектира тоа потценување, се гледа повеќе години наназад, а особено по 2008 година кога Македонија не стана членка на НАТО. Оtтогаш па до денес, буџетот за одбрана од близу 130 милиони евра се намали на под 100 милиони, а најнизок беше во 2014 и 2015 година, кога достигна само околу 90-тина милиони.Што e, споредено со години кога бил и близу 200 милиони евра (не земјаќи ја предвид 2001 година кога бил и дупло повеќе), навистина видливо кратење.

Впрочем еве една табела што е објавена на сајтот на Трејдинг економикс, чиј извор пак се Буџетите на РМ, а средствата се изразени во милиони долари:

13319770_10208297654713354_6009218187973668790_n (1)

 

Тој тренд се случува и годинава, СДСМ обвини, а МО призна дека буџетот е повторно скастрен, иако тврди дека „со домаќинско работење немале проблеми во функционирањето“.

Процесите обично одат така што и онака малиот дел од буџетскиот колач испланиран со буџетите на крајот од годината, со првиот ребаланс повторно се скратува. Овие процеси се одвиваат така што пак, редовно се зголемува буџетот за други институции, но најчесто на Министерството за внатрешни работи.

Весникот Дневник, по повод 20 годишнината од одбележувањето на АРМ во 2012 г., во текст со наслов „Одбраната покуса за 10 милиони евра“, пишува за ребалансот на буџетот од таа година и констаира дека трендот на кастрење парите за одбрана започнал уште од 2007 година.

Ова е шести ребаланс по ред со кој се скусува буџетот на Министерството за одбрана. Од 2007 до денес преку ребаланси одбраната изгуби 68 милиони евра преку. Покрај тоа што се одземаат пари со ребалансот, буџетот за одбрана веќе неколку години се намалува – пишува Дневник

Некои сериозни аналитичари и поранешни политичари, во ова гледаат милитаризација на МВР, поврзана со политичката криза и нестабилноста на владеачкото мнозинство кое се соочува со растечки број на протести. Петар Гошев, пред извесно време во колумна за блогот Respublica констатираше процес на милитаризација на МВР:

Во рамките на општиот процес на суспендирање на уставната позиција на институциите (таканареченото „киднапирање на државата“ од страна на владеачката врхушка во земјата) се одвива опасен процес на милитаризација на полицијата. De fakto, таа израснува во паралелна војска на АРМ – но, задолжена, главно, за борба против „внатрешните непријатели“ на државата.

Според неговата пресметка издвојувањата за одбраната и Армијата изнесуваат околу еден отсто од бруто-домашниот производ:

Ако ги пресметаме расходите на двете министерства како процент од БДП кој во 2015, според  ДЗС изнесува 560.1 милијарди денари, парчето за МВР е 1,98, додека за МО само 1,03 проценти.

Кризата во финасирањето на АРМ е призната и од поранешните министри за одбрана и началници на Генералштабот, но сегашниот министер, Зоран Јолевски, јавно и гласно досега не го потенцирал тој проблем. (Извор: MO, Министер, говори…).

Но, затоа пак, свесни за проблемот се во неговото Министерство, кое во 2014 го донело документот што е и документ на Владата на РМ, за Долгорочен план за развој на одбраната 2014-2023.

Во овој документ, на стр. 3 е забележано:

Во последните три години глобалната финансиска криза и нејзиното негативно влијание врз националната економија доведе до намалување на одбранбениот буџет и намалување на фондовите за модернизација и опремување на Армијата. Поради недостаток на финансиски средства мораше да се преиспитаат амбициите за модернизација и опремување на Армијата во претстојната декада и потоа. За таа цел Владата го задолжи Министерството за одбрана да изработи ажуриран Долгорочен план за развој на одбраната за периодот 2014 – 2023 година (ДПРО).

Останува нејасно како тоа во документот се наведуваат само последните 3 години и како глобалната финансиска криза не влијале за зголемување на буџетите за МВР, но треба да се нагласи дека планот е донесен токму поради тоа, иако претходно постоел план за периодот 2011-2020 година.

Кастрењето на буџетите за одбрана се одразува не само на бавната замена или одржување на воената опрема и техника, туку пред се и на стандардот на војниците, кои во РМ се професионални војници. Синдикатот на АРМ често во јавноста обвинува за ниски плати за униформираните, за несиплатени и ниски дневници, за тоа дека носат исти чизми со години, дека ист е проблемот и со униформите и со непримена на многу други законски одредби што треба да се однесуваат на нивниот стандард. Во истовреме, за само една година платите на полицајците се зголемени за три пати по 5 отсто, тврдат истите извори, што само кореспондира со тезата на Гошев од почетокот на овој текст дека сме сведоци на  „милитаризација на МВР“.

Поради аргументите што можете да ги прочитате погоре, оценуваме дека изјавата на генерал Николовски е вистина.

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција