Ѓорѓи Филипов: Инженерот кој сонуваше да прави авиони „слета“ на конкурсот на СДСМ за претседател на државата

Фото: Принтскрин

 

Машинскиот инженер кој сонувал да конструира авиони и кој има две паралелни кариери – едната е во сферата на машинството и автоматизираното производство, а втората е во дипломатијата, поднесе кандидатура до СДСМ за претседател на државата

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Едно од најголемите изненадувања во периодот на кандидирање за носител на функцијата претседател на Републиката, е несомнено кандидатурата на д-р Ѓорѓи Филипов. Овој дипломат на конкурсот на СДСМ прв поднесе документи и стана легален предмет на опсервација на раководството на оваа партија при одлуката со кое име би излегла пред бирачите оваа пролет. На прашањето на новинарите зошто се пријавува на повикот на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ и зошто не оди како независен кандидат, тој одговори дека неговите ставови и визија се поблиски до оние што во моментов ги промовира СДСМ за евроатланските перспективи на Македонија

Јавноста помни дека Филипов беше амбасадор во Виена до 2014 година, претходно и во Германија, Словачка и Јапонија, но и како основач на Агенцијата за интелектуална сопственост.

За разлика од мнозинството на дипломати кои доаѓаат од клупите на факултетите од областа на општествените науки, Филипов ( роден во Кавадарци октомври 1956 г.) се образувал најпрвин како машински инженер. Докторирал на Машинскиот факултет на УКИМ во 1990 година со темата  „Индустриската сопственост како индикатор на технолошкиот развој“, под менторство на проф. д-р Владимир Дуковски.

 

ДВЕ ПАРАЛЕЛНИ КАРИЕРИ

Кај него има две паралелни активности. Едната е во сферата на машинството и автоматизираното производство , а втората е во дипломатијата. Во првата да споменеме дека во 2008 година станал патентен застапник пред Европскиот патентен завод во Минхен, 1998 г. бил застапник за индустриска сопственост, додека во 1993 г. бил на специјализација во областа на развојниот менаџмент на Универзитет за менаџмент во Стирлинг, Велика Британија. Во 1991 г. имал студиски престој во областа на менаџментот со пазарно насочени претпријатија, во Карл Дуизбург друштвото во Келн, Германија. Како млад сакал да конструира авиони, потоа на Машинскиот факултет бил во тимот кој требал да ја гради првата нуклеарна централа во Македонија, ама хаосот со распадот на Чернобил ги отфрлил тие планови.

Втората, паралелна кариера) се одвива според следната хронологија:

Во приодот 2005 – 2010 година бил амбасадор на РМ во Берлин. Предлогот  го дал тогашниот претседател Бранко Црвенковки, на негово целосно изненадување и за тоа имал само една недела да се произнесе.

За разлика, да речеме од амбасадорувањето на д-р Срѓан Керим, кој остави афери зад себе, пред сѐ во сферата на имотно-правните односи во Берлин, Филипов беше забележлив по честите контакти со германските официјални лица, дури и со канцеларката Меркел. Не ретко амбасадорот кажува дека канцеларката постојано нагласувала дека двете земји – Македонија и Грција- мора да постигнат болен компромис.

И, тоа не е така заради Македонија и Грција, тука заради законите на преговарање што мора да се почитуваат, доколку се сака да се изнајде решение за одредено прашање со преговори. Притоа нагласи дека ’брзањето’ и ’работа под притисок’ не се гаранција за изнаоѓање на најпогодно решение“, вели Филипов во коментар за МИА

Филипов често нагласува дека во негово време Германија станува најсериозен економски партнер на земјава, при што презентира дека со оваа земја имаме размена од 3.155 милијарди евра, а речиси 60 отсто од вкупниот извоз на Македонија во ЕУ е извоз во Германија. Секако, дека е голема улогата на Германија во Европската централна банка, во Светската банка и во ММФ, оттаму и надворешната финансиска кредитна поддршка на земјата зависи многу и од оваа земја.

Од 2011 до 2014 година беше амбасадор во Виена и стана, меѓу другото, познат како промотор на нашата модна индустрија во оваа високо потрошувачка земја и тоа гледјаќи начин продажбата на лон-производството (работната рака) да стане производство на брендирани креатори

Исто така, знаеше просториите на амбасадата да ги претвори во изложбен салон, како што беше случај со грандиозната изложба на 20 наши ликовни автори во септември 2014 година.

Во меѓувреме тој беше амбасадор и во Словачка и Јапонија (со седиште во Виена). Ненаметливите  Фејсбук статуси на македонскиот амбасадор издавачкиот центар „Три“ ги објави во книгата „Свеќа и светлина“.

Во своите интервјуа досега кажуваше дека ужива во професионалната слобода и неоптовареност со формални обврски, но очевидно сега решил да го „сврти листот“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција