Град Скопје сè уште не ја затворил пристапната улица на кејот кај ГТЦ
Кејот на Вардар кај ГТЦ е претворен во сообраќаен хаос каде што возилата се движат врз руиниран плочник и постојано им пречат на гостите во рестораните и на пешаците на кејот. Ставаме крај на злоупотребата на кејот и ред во користењето на просторот. Заедно со Општина Центар го осмислуваме и реновираме просторот. Го враќаме кејот онаков каков што го знаат граѓаните – слободен, широк и сечиј.
[ИЗВОР: Изборна програма на Петре Шилегов за локалните избори во 2017 година наречена „Живот во Скопје – за сите“, стр.41]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, како кандидат за градоначалник на главниот град на локалните избори во 2017 година, во изборната програма (стр.41) вети затворање на улицата на кејот на реката Вардар покрај Градскиот трговски центар, која стана актуелна во предизборниот период, кога дел од Кејот практично се трансформираше во улица со режим на сообраќај на потегот помеѓу кафулињата на кејот до зградата на Телеком. Сепак, проверката на „Вистиномер“ покажа дека досега (23.03.2018), ова изборно ветување на Шилегов не е исполнето.
Како инвеститор на улицата се јави „Дивелоп груп“ на бизнисменот Александар Ивановски (познат како Алек Теранова), чија компанија ја градеше новата зграда на „Телеком“. Всушност, тој ја изгради зградата што ја замени со три објекти на „Телеком“ и „Т- мобиле“, така што, според Договорот за оваа размена, зградите на „Телеком“ со вкупна вредност од 21.15 милиони евра, се менуваат за зградата на „Девелоп Груп“ проценета на 37.3 милиони евра, а разликата во цената од околу 16 милиони евра „Телеком“ треба да ја отплаќа на шест еднакви рати по 3.176 милиони евра.
Притоа, една од точките во Договорот предвидува „Дивелоп груп“ да изгради улица на кејот, и тоа до истекот на пет години од склучувањето на Договорот, односно заклучно со минатата 2017 година. Во спротивно, оваа одредба од договорот пропишува дека „Дивелоп груп“ на Ивановски ќе остане без последната шеста рата од договорот, односно без 3.176 милиони евра
Иако компанијата ја обезбедила потребната документација за изградба на улицата уште во 2015 година, сепак, започна да ја гради на почетокот на минатата 2017 година, во пресрет на локалните избори оддржани истата година. Поради изградбата на оваа улица, се судрија Градот Скопје и Општина Центар, кои во тоа време беа предводени од градоначалниците од спротивни политички страни – Коце Трајановски и Андреј Жерновски.
Од една страна, Град Скопје тврдеше дека локацијата и формата на патот е предвидена во Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, донесен од Општина Центар во 2012 година, врз основа на што тие се принудена да издадат дозвола за изградба на пристапна улицата, која, како што нагласуваа, ќе биде достапна само за службените возила на „Телеком“, за достава на стока до околните угостителски објекти, како и за пристап на противпожарните возила и возилата на брза помош, а во спротивно, оттаму се жалеја дека инвеститорот може да ги тужи .
Наспроти тоа, пак, Општина Центар тврдеше дека улицата се гради врз основа на противправна одлука на Град Скопје од причина што одлуката е спротивна на важечкиот ДУП, кој не предвидува пристапна улица во овој дел. Поточно, таква улица предвидувал ДУП-от донесен од Советот на Центар во време кога градоначалник бил Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ (2012 година), меѓутоа мнозинството предводено од СДСМ во 2017 година го поништи овој ДУП, со што на сила го врати стариот план, кој таму не предвидува надземна, туку подземна улица.
Во тој период, надлежен инспектор од Општина Центар излегол на терен и утврдил низа неправилности, како неоградено градилиште, отсуство на информативна табла итн…, па на средината на годината, на предлог на Жерновски, Советот на Општина Центар изгласа забрана за градежни работи околу градскиот плоштад, вклучително и на спорната улица на кеј.
Сепак, скоро половина година по локалните избори, на кои дојде до промена на локалната власт во главниот град, каде на чело застана градоначалник што ветуваше затворање на овој простор за возила, тоа сè уште не се случило. Од Град Скопје велат дека „во моментов сервисниот сообраќај по кејот е со ограничена намена и сè уште се одвива по рабниот дел покрај бедемот на кејот“.
Меѓутоа, проверките на терен покажуваат дека таму е поставена кабина и рампа, која деновиве воопшто не функционира и возила слободно минуваат по патот, поради што ќе заклучиме дека ова ветување сè уште не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на Петре Шилегов – „Живот во Скопје-за сите“ (стр.41) (пристапено на 23.03.2018)
- Призма (22.01.2018): Камчев влезе во сопствеништвото на „Мериот“ (пристапено на 23.03.2018)
- Макфакс (08.04.2017): Власта сака улица на кеј за да може Алек Теранова да наплати три милиони евра од Телеком (пристапено на 23.03.2018)
- Република (23.09.2015): „Кеј 13 Ноември“ ќе стане улица (пристапено на 23.03.2018)
- Билд (18.03.2017): Тензично на почетокот на изградбата на улица на Кеј „13 Ноември“ (пристапено на 23.03.2018)
- Нетпрес (30.09.2015): Град Скопје: Жерновски не ја кажува вистината кога тврди дека ќе се изгради улица (пристапено на 23.03.2018)
- Нова (18.03.2017): Град Скопје: Законски сме обврзани да дадеме дозвола за градба на кеј (пристапено на 23.03.2018)
- Порта 3 (25.01.2018): Повторно на сила ДУП-от Мал Ринг од 2012 година кој го испланира „Скопје 2014“ (пристапено на 23.03.2018)
- А1он (18.03.2017): Богдановиќ: Трајановски да се повлече од уништување на Кеј, бизнис партнерот на Груевски да престане со градба (пристапено на 23.03.2018)
- Ако (30.04.2017): Општина Центар: Ќе нема улица на Кеј,изведувачот ќе го врати шеталиштето во првобитна состојба (пристапено на 23.03.2018)
Оцени: Влатко Стојановски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар