Контраспин: До каде е истрагата за бегството на Никола Груевски, министре Спасовски?

Фото: скриншот од интервјуто во Клик Плус за ТВ 21

Вистина е дека истраги не се водат во јавност, но, исто така, вистина е дека јавноста не треба да биде посипувана со оценки за „ланскиот снег“, т.е. криминалите на Груевски. Ако ништо друго, јавноста има право да добие едноставна официјална информација – истрагата за неговото бегство напредува или тапка во место

Вистина е дека истраги не се водат во јавност, но, исто така, вистина е дека јавноста не треба да биде посипувана со оценки за „ланскиот снег“, т.е. криминалите на Груевски. Ако ништо друго, јавноста има право да добие едноставна официјална информација – истрагата за неговото бегство напредува или тапка во место

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерот за внатрешни работи во Владата на РСМ, Оливер Спасовски, на ТВ интервју ја изрече следната реченица за која оценуваме дека е специфичен спин, т.е. извртување на вистината во смисла на избегнување на прецизни одговорите кон јавноста и нејзино дефокусирање:

Спин: Јас мислам дека многу подобро би било (Груевски – н.з.) да напише книга како се крадеа парите на македонските граѓани, како се убиваше слободата на медиумите и на новинарите, како и на кој начин се рушеа човековите права во Македонија, како и на кој начин се рушеа институциите и како со украдени пари се градеа згради на неговата партија…

[Извор: ТВ 21/Клик Плус – делче од интервјуто со Спaсовски, датум: 09.05.2019]

 

Контраспин: Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски многу добро знае дека секој малку информиран граѓанин во државата, точно знае речиси сè за Никола Груевски во смисла на неговиот „учинок“ врз државата, па дури и за неговата гатачка.

Според тоа, без оглед на прашањето на новинарот и „нужниот“ одговор на Спасовски на новинарско прашање (зашто можеше да рече немам коментар или „каква црна книга“), изречните зборови може да се разберат како извртување на вистината или спинување, не во насока дека тие работи што ги зборува не се вистина, туку во насока на одбегнување на вистинскиот одговор после такви оценки за неговиот криминал, а тоа одговр на прашањето: А зошто Груевски сè уште е недостапен за правдата?

Зашто, да потсетиме, иако поминаа точно 6 месеци од бегството на осуденото лице Никола Груевски, поранешен премиер речиси 10 години, јавноста сè уште не знае ништо за тоа како побегнал, што се вели, пред носот на МВР, односно припадниците на Секторот за обезбедување личности, кои му следуваа законски по премиерската функција.

Јавноста сè уште е во незнаење и после најавите и од премиерот Заев, дека едвај чека да сподели со јавноста податоци што ги знае и тој и Спасовски, но го чека прво обвинителството да ја заврши работата, но и после изјавите на Спасовски од третиот ден по бегството дека вина во МВР нема, а ја гледа во Судот и во СЈО, како и изјавата дадена неколку недели подоцна, дека имаат индиции и сомневања за конкретни лица и дека секојдневно работат со Обвинителството.

Патем, Обвинителството отвори предистрага на 15 ноември 2018 година, 6 дена по бегството, по допрен глас од јавноста и соопшти дека постојат сомневања оти службени лица му помогнале на Груевски во бегството.

Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија.

На 6-ти февруари 2019 г, Обвинителството последен пат се произнесе официјално на својата веб страница со соопштение за сите постапки што биле преземени во предистрагата или истрагата (не наведуваат прецизно), од што јавноста можеше да види дека нешто интензивно се работело, но на крај резултатот беше соопштен во последниот пасус:

До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица, кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство.

Овој став на Обвинителството, кој од страна на Вистиномер беше анализиран како не баш отчетен и транспарентен чин, односно оценет како недоследен, е соопштен истиот ден кога Оливер Спасовски дава изјава дека имаат сомневање за повеќе лица!

Впрочем, јавноста никогаш не ги виде, ниту, пак, ѝ беа соопштени барем резимирани податоци од внатрешната истрага во МВР која беше официјално соопштена дека ќе ја има и ќе ја спроведува Одделот за внатрешна контрола, а настанот со бегството воопшто не е споменат ниту во извештајот на овој Оддел за работењето во 2018 година.

Синоќа Спасовски само ги повтори истите работи на кратко – истрагата сè уште трае и вината повторно ја префрли на судовите и обвинителствата, во смисла дека тие се институциите што ги пуштаат на слобода, демек не ги држат нон-стоп во притвор осомничените и нема гаранција оти утре повторно нема некој осомничен од висок профил да избега.

Вистина е дека истраги не се водат во јавност, но, исто така, вистина е, дека јавноста не треба да биде посипувана со оценки за „ланскиот снег“, т.е. криминалите на Груевски.

Јавноста очекува одговори за горливи и незатворени прашања од типот – како побегна Груевски покрај толку разузнавачи и контраразнавачи во службите (повеќе стотоци), вклучувајќи и толку инспектори и други одговорни полициски службеници од Одделот за обезбедување?

Јавноста сака да знае дали за осомничените лица, што ги споменуваше Спасовски, има развој на настаните? Јавноста сака да знае дали има санкции во институцијата што ја раководи Спасовски или во други институции каде што Обвинителството констатирало „пропусти“ и слични детали?

Конечно, јавноста има право да добие едноставна официјална информација – истрагата за бегството на Никола Груевски напредува или тапка во место.

Затоа, наместо вакви теми да фрлаат сенка врз сите припадници на МВР, кои патем покажаа што знаат и дека умеат при посетата на Папата Франциск на Скопје, министерот Спасовски би требало да ги даде вистинските одговори, а не да се обидува да спинува и дефокусира со книгата на Груевски за која што беше прашан. Со други зборови јавноста очекува „книга“ за тоа како побегна Никола Груевски.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.